Втор смртен случај од западнонилска треска е регистриран во земјава, откако на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје починал 72-годишен скопјанец со лабораториски потврдена инфекција со вирусот Западен Нил.
Пациентот бил примен во тешка општа состојба, со изразена невролошка симптоматологија и тешка форма на менингоенцефалитис, односно воспаление на мозокот и мозочните обвивки. И покрај интензивното лекување, неговата состојба продолжила да се влошува.
„За жал, кај пациент на 72-годишна возраст со лабораториски потврдена инфекција со Западен Нил вирус и тешка клиничка слика на менингоенцефалитис, настапи смртен исход“, соопшти директорот на Клиниката, Фадил Цана.
Во моментов на Инфективната клиника се хоспитализирани 24 пациенти. Кај 19 од нив инфекцијата е лабораториски потврдена, додека пет се суспектни и се чекаат резултатите од дополнителните дијагностички испитувања.
Седум пациенти имаат потешка клиничка слика и се под постојан интензивен медицински надзор, а пет се приклучени на механичка вентилација. Останатите пациенти се лекуваат на Одделот за невроинфекции и, според информациите од Клиниката, се во стабилна состојба.
Од Клиниката посочуваат дека досегашните смртни случаи се кај повозрасни лица со коморбидитети и други придружни заболувања.
Ова е втор смртен случај од западнонилска треска во земјава. Претходно почина 83-годишен пациент од Скопје.
…












