Финскиот претседател Александер Стуб не очекува Русија да ризикува директен напад врз членка на НАТО, оценувајќи дека Москва во моментов нема ниту воен капацитет ниту стратешка причина да отвори нов фронт против најмоќниот воен сојуз во светот.
Во интервју за германскиот весник „Билд“, Стуб ги отфрли проценките дека Русија би можела да биде подготвена за напад врз НАТО до 2029 година.
„Не знам дали некој има кристална топка, но не гледам докази или факти што би го поткрепиле тоа“, изјави финскиот претседател.
Тој нагласи дека Алијансата мора да остане подготвена за сите можни сценарија, но смета дека Москва е свесна со каква сила би се соочила во случај на напад.
„Нема смисла која било сила во светот да ја тестира решителноста на овој сојуз“, порача Стуб, посочувајќи ја предноста на НАТО во конвенционалното вооружување, ракетните капацитети и нуклеарниот арсенал. “Ројтерс” (https://www.reuters.com/world/finlands-stubb-tells-german-newspaper-russia-unlikely-risk-attack-nato-2026-08-29/)
Русија нема доволно војници за уште една војна
Според проценките што ги изнесе финскиот претседател, руските сили во Украина месечно губат меѓу 30.000 и 35.000 војници, додека во истиот период успеваат да регрутираат околу 27.000 нови.
„Имаат сè помалку војници во сè посложена ситуација. Не можам да замислам дека одеднаш би можеле да мобилизираат сили за два фронта“, изјави Стуб.
Тој смета дека Русија ќе продолжи со хибридни операции насочени кон европските земји, меѓу кои кибернапади, саботажи и ширење дезинформации. Според него, една од целите на руската информациска војна е создавање страв дека директен напад врз НАТО е неизбежен.
Западните безбедносни претставници повеќепати предупредуваа дека токму хибридните активности би можеле да предизвикаат ескалација и директна конфронтација меѓу Русија и Алијансата.
„Ако Украина загуби, ќе загубиме и ние“
Стуб оценува дека Украина сега се наоѓа во најсилна позиција од почетокот на војната и затоа смета дека продолжувањето на европската воена и финансиска поддршка е од клучно значење.
„И вие во Германија и ние во Финска мора да разбереме дека Украина е најдобрата безбедносна гаранција што ја имаме против Русија. Ако Украина загуби, ќе загубиме и ние“, порача финскиот претседател.
Финска стана членка на НАТО во 2023 година, откако руската инвазија врз Украина ја натера земјата да ја напушти долгогодишната политика на воена неутралност. Земјата дели повеќе од 1.300 километри долга граница со Русија, што на ставовите на нејзиниот претседател им дава дополнителна тежина во европската безбедносна дебата.












