Изградбата на брзата железничка врска меѓу центарот на Скопје и Меѓународниот аеродром во Петровец треба да започне напролет, најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во гостувањето во „Вечерното шоу“ на ТВ Алфа.
Првата и најважна делница од проектот ќе ги поврзе Новата железничка станица и аеродромскиот терминал. Според најавите, патувањето по оваа траса ќе трае од осум до 11 минути.
Николоски посочи дека аеродромската линија е дел од пошироката програма за обновување на железничкиот сообраќај и трансформација на јавниот превоз во главниот град. Планот предвидува надградба на постојната инфраструктура и создавање мрежа што ќе ги поврзе центарот со приградските населби и аеродромот.
Се подготвува нова постојка во Кисела Вода
По пуштањето во употреба на првата линија на скопскиот градски воз, надлежните продолжуваат со проширување на системот. Еден од следните чекори е изградба на нова железничка постојка кај населбата „11 Октомври – бараки“ во Општина Кисела Вода.
Паралелно се планира поставување велосипедски постојки и подобро усогласување на железничкиот возен ред со линиите на ЈСП, со цел патниците полесно да комбинираат различни видови јавен превоз.
Според Николоски, првичните реакции на граѓаните за градскиот воз се позитивни. Тој оцени дека електричните возови нудат еколошки, брз и ефикасен превоз и го намалуваат времето потребно за патување од приградските населби до централното градско подрачје за повеќе од половина.
Нови линии кон Илинден и Волково
Проектот предвидува воспоставување уште две линии, преку кои со железнички превоз ќе се поврзат источниот и западниот дел од Скопската Котлина.
Втората линија треба да тргнува од Новата железничка станица и да поминува низ Автокоманда, Маџари, Ченто и Илинден, со крајна станица во Агино Село.
Третата планирана траса ќе започнува во Волково, а потоа преку Ѓорче Петров, Скопје Север и Бутел ќе стигнува до Новата железничка станица.
Со реализацијата на овие две линии, поголем број населби ќе добијат директен пристап до железничкиот превоз и подобра поврзаност со центарот на Скопје.
Пет електрични локомотиви и до шест нови патнички возови
Проширувањето на железничката мрежа ќе биде придружено и со модернизација на возниот парк.
Преку Европската банка за обнова и развој се набавуваат пет нови електрични локомотиви, наменети за целосна електрификација на товарниот железнички сообраќај.
Во соработка со Светска банка, истовремено се финализира постапката за набавка на четири до шест современи патнички возови. Новите композиции треба да бидат изработени според највисоките европски стандарди и да располагаат со посебен простор за велосипеди и за превоз на домашни миленици.











