Во Пустец повторно го зедоа заложник Командант Пали! Ова не е обично заложништво, дури на моменти личи на предавање на следниот „освојувач“. Го врзаа со 3 јажиња и го влечат во три правци.
Час „преродбениците“ од Корча, кои се сеќаваат на микроопштината во случај на добро платени футуристички проекти, час соседите сонародници од Македонија, а потоа и новите бугарски „љубовници“.
Заложништвото веќе стана хронично, трае со години. За неколку месеци, во најмалата општина во Албанија се случи од сè по малку. Албанското знаме гордо се вееше кога Преспанското Езеро го запозна „традиционалниот“ спорт кану. 5 и пол луѓе се истоварија, донесоа неколку пловила, направија неколку фотографии, си ги наполнија џебовите и си заминаа.

Жителите видоа неколку автомобили и неколку пријатели од градот. Дојде ред на соседите. Македонскиот премиер дојде полн со насмевки во она што гордо и за среќа сè уште го нарекуваме македонска малцинска зона.
Фестивал, забава, храна и еден инцидент со многу бучава!
Организаторите не размислиле за интонирање на домашната химна, албанската. Покрај стоичките напори на градоначалникот домаќин, тие го игнорираа барањето за интонирање на албанската химна.
Ова го вознемири и македонскиот премиер, албанските медиуми добија кликови известувајќи за скандалот, малцинството беше напаѓано два дена по ред на секој портал, коментарите беа страшни. Лично, како дел од македонското малцинство, не знаев каде да ја пикнам главата!
Но г-дин Колефски не, тој се извлече без последици. Рече дека „го прешлапале“, иако тој беше домаќин, иако организаторите многу добро ги познава, иако тој е претставник на албанската држава. Во рок од 24 часа, во одбрана на „преродбеничкиот“ намесник, излезе самиот премиер Рама. Но актерите и факторите што го зедоа Пустец како заложник не застануваат тука. Третото јаже силно го повлекоа Бугарите.
Се истоварија во селото со цел тим, амбасадор, други претставници, како и неколку лекари. Овие понудија бесплатни здравствени прегледи за жителите во здравствениот дом на Општината, за кој социјалистите тврдат дека го опремиле со секој апарат и лекови. Бугарите го кренаа знамето и си работеа мирно. Колефски на трите јажиња и трите знамиња, секако дека го имаше подготвено и симболот на една нација која не ги криеше амбициите да ги асимилира сите Македонци во Албанија.
Медиумите го прашаа бугарскиот амбасадор, тој не даде многу коментари, на крајот на краиштата мисијата беше извршена! Овој пат, за чудо, немаше скандал за албанските медиуми. Не сакам да зборувам без факти, но велат дека Бугарите почастиле и по некој новинар. Со господинот Колефски немам ништо полично од ова. Постојано ни го бели образот со црнило, но чашата се прелеа!
Заспиваме како македонско малцинство, се разбудуваме како Бугари… Причините зошто Рама ја дозволува оваа маскарада се неколку, но главната е што сака да биде во подобри односи со европска Бугарија, отколку со Македонија нападната од Грците и Бугарите заедно. Не го разбирам ставот на Македонската држава, која благо ги почитува колебаните позиции на Колевски.
Бугарите лично воопшто не ги познавам, дури со сигурност ви велам дека во Албанија нема ниту еден. Вие ќе речете дека се 5000, па дури има и во Преспа! Ќе ви објаснам многу едноставно: Бугарските пасоши, сиромашните и заборавени Македонци од Албанија ги прифатија само за да емигрираат и да престојуваат во земјите на ЕУ, исто како што милиони Албанци зедоа грчки пасоши. Дали се сите тие Грци?!
За крај, она што ме загрижува, покрај бугарската уцена, е играта со три порти на Колефски, игра што носи само еден резултат: постепена асимилација на малцинството на кое му припаѓам.
Албанската влада не смее да ја дозволи оваа одвратна игра, Македонската влада мора итно да реагира!
Европската Унија не смее да молчи!
Мои Преспани, разбудете се! Се тресат коските на предците во гробовите, не можеме да го негираме нашето потекло, не можеме да исчезнеме во тишина! Го поканувам градоначалникот на Општина Пустец да реагира и да ја објасни добронамерноста кон Бугарите.
Ервин Никола е новинар со македонско потекло од Албанија
…












