Голема полициско-царинска акција под кодно име „Филтер“ се спроведува утрово на повеќе локации во земјава поради сомневања за организиран шверц на големи количини цигари.
Според неофицијални информации, досега се приведени 13 лица, додека претреси се вршат на повеќе од 20 локации во Гевгелија, Валандово, Струмица, Дојран, Велес и Скопје.
Во истрагата се опфатени повеќе физички лица, како и шпедитерски, транспортни и увозни компании. Меѓу осомничените, според информациите, има и полициски и царински службеници.

Случајот подолг период го истражувале Царинската управа, преку Секторот за контрола и истраги и Одделението за истраги, во координација со Министерството за внатрешни работи, Бирото за јавна безбедност и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Во рамките на истрагата биле откриени повеќе случаи за кои постојат сомневања дека бил организиран шверц на големи количини цигари, при што, според досегашните информации, биле избегнати давачки во вредност од неколку милиони евра.
Акцијата е во тек, а надлежните органи продолжуваат со претреси и други истражни дејствија.
Се очекуваат официјални информации од надлежните институции со повеќе детали за акцијата, приведените лица и кривичните дела за кои се товарат.
…












