Пожар избувнал во Горно Соње откако брачен пар, кој подготвувал зимница, истурил пепел од ќумбето во близина на викенд-куќата, при што најверојатно останал жар кој го предизвикал пожарот.
Според информациите од МВР, вчера околу 19:50 часот во полиција било пријавено дека во селото Горно Соње, скопско, избувнал пожар во кој била опожарена викенд-куќа, како и дел од тревната површина.
Полициски службеници од СВР Скопје излегле на местото и разговарале со 74-годишниот Д.М., сопственик на викенд-куќата.

Тој објаснил дека со сопругата правеле зимница, а пепелот од ќумбето го истуриле во близина на куќата. Според нивните сознанија, во пепелта најверојатно имало жар, по што тие го напуштиле местото.
Набргу потоа избувнал пожарот, кој зафатил дел од викенд-куќата и тревата околу неа.
Во инцидентот нема повредени лица. Пожарот бил локализиран и изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита на Скопје.
…











