Група граѓани утрово чекале пред Алта банка во Битола, барајќи да влезат и да ги подигнат своите средства, објави Телма. Експозитурите на банката од денеска, 2 ноември, привремено не работат со клиенти, до дополнително известување.
Според телевизијата, дел од присутните инсистирале да бидат пуштени внатре. Незадоволни се од неделното ограничување од 10.000 денари, за кое велат дека не е доволно за покривање на основните животни трошоци.
Граѓаните посочиле дека имаат сметки и други обврски што не можат да ги одложат. Во изјавите за Телма прашувале и колку време ќе им биде потребно за да ги подигнат заштедените средства доколку ограничувањето остане во сила.
Дел од нив изјавиле дека поради загриженост сакаат да ги повлечат сите пари што ги чуваат во банката.
Алта банка претходно соопшти дека привременото прекинување на работата на експозитурите со клиенти е поврзано со мерките на Народната банка. Во известувањето се наведува неделен лимит од 10.000 денари за физичките лица за користење средства преку платежните картички.
Од банката најавија дека за промените ќе информираат преку официјалните канали. Засега во пренесеното известување нема датум за повторно отворање на експозитурите за работа со клиенти.
…











