Вишиот суд во Белград им одредил притвор до 30 дена на Марко Кричак, началник на Управата за криминалистичка полиција, и Бошко Секуловиќ, началник на Службата за сузбивање на криминалот.
Според судското соопштение, притворот е определен поради постоење околности што укажуваат дека, доколку се на слобода, би можеле да влијаат врз сведоците и да ја попречуваат постапката.
Двајцата се товарат за злоупотреба на службената положба, а Кричак дополнително и за злоставување и малтретирање.
Според Вишото јавно обвинителство, постојат сомнежи дека од 12 мај до 3 јуни годинава, како службени лица во српското МВР, ги пречекориле и искористиле овластувањата и не ги извршувале службените должности, со што му нанеле штета и сериозно ги повредиле правата на Веселин Милиќ, поранешен началник на белградската полиција.
Сомнежите се однесуваат на нивното постапување во врска со убиството на Александар Нешовиќ, извршено на 12 мај во ресторанот „27“ во белградската населба Сењак.
Против решението за притвор е дозволена жалба во рок од три дена од приемот на одлуката, наведуваат од судот.
..












