Авион на авиокомпанијата „Сан Експрес“, кој летал од Келн за Анталија, на 2 ноември бил пренасочен кон скопскиот аеродром поради влошена здравствена состојба на копилотот.
Според пренесените информации, екипажот прогласил итна состојба и побарал слетување во Скопје. Авионот безбедно слетал во 05:06 часот.
Леталото полетало од аеродромот Келн/Бон кратко по 03:00 часот. За време на летот над Балканот, екипажот го активирал кодот 7700, со кој се означува итна ситуација.
Германската телевизија РТЛ објавила дека копилотот имал болки во стомакот и главоболка. По слетувањето му била укажана медицинска помош, но не биле соопштени дополнителни детали за неговата состојба.
Патниците подоцна го продолжиле патувањето со друг авион „Боинг 737-800“, кој пристигнал од Виена. Во Анталија слетале околу 16:20 часот по локално време, наместо првично планираните 08:20 часот.
Од „Сан Експрес“ потврдиле дека пренасочувањето било од медицински причини и дека слетувањето во Скопје поминало безбедно.
…












