Албанската полиција казнила 83 учесници во антивладините протести во Тирана во текот на неколку дена, објави Балканската истражувачка мрежа (БИРН). Казните следуваат по стапувањето во сила на новите прописи на 28 октомври, додека протестите во албанската престолнина траат повеќе од пет месеци.
Според полицијата, демонстрантите го блокирале сообраќајот и го попречувале движењето на возилата и покрај предупредувањата од полициските службеници. На секој од казнетите му била изречена парична казна од 5.000 албански леки, односно околу 55 евра.
Албанскиот премиер Еди Рама, на заедничка прес-конференција со амбасадорката на ЕУ во Албанија, Софија Мореира де Соуза, рече дека протестите во Тирана не може да се споредат со студентското движење во Србија. Тој повтори дека е подготвен за разговор, но демонстрантите досега ги одбивале неговите покани, пренесе „Еуроњуз Албанија“.
Рама ги претстави новите правила како мерки против насилството и „урбаната анархија“, додека активистите тврдат дека казните се користат за заплашување на учесниците во мирните собири. Фотографката и активистка Меј Сева изјави за БИРН дека била казнета по учество на мирен протест пред седиштето на Владата.
Петнаесет граѓански организации побараа од парламентот да ја запре примената на новите прописи. Тие порачаа дека насилството треба да се истражи, но дека постапките на поединци не смеат да бидат основа за казнување на сите демонстранти.












