Полските полицајци интервенирале со ризик по сопствените животи за да го запрат вооружениот напаѓач кој во саботата отвори оган во центарот на Краков. Во размената на оган беа ранети двајца полицајци, а напаѓачот беше застрелан и приведен.
Според полицијата, првата патрола започнала со дејствување 23 секунди по пријавата за нападот. Министерот за внатрешни работи Марчин Кјервињски соопшти дека полицајците пукале кон напаѓачот околу три минути по добивањето на пријавата.
Кјервињски ја пофали брзата реакција на службениците, кои се соочиле со вооружениот маж во близина на историскиот центар на градот. Според полските власти, во операцијата биле ангажирани околу 30 полициски единици.
Двајца полицајци се меѓу повредените. Министерот изјави дека едниот се здобил со една прострелна рана, додека вториот имал три прострелни рани и во моментот на соопштувањето на информациите бил во многу тешка состојба и бил опериран.
Полската полиција ги демантираше првичните информации дека некој од повредените полицајци починал.
Во нападот на главниот плоштад во Краков загинаа шест лица, а повеќемина беа повредени. Осомничениот, полски државјанин, по приведувањето бил пренесен во болница.
Полските власти ја продолжуваат истрагата за мотивите и околностите на нападот, додека претседателот на земјата прогласи национална жалост за 8 и 9 ноември.
ВИДЕОТО МОЖЕТЕ ДА ГО ПОГЛЕДНЕТЕ ТУКА
…












