Европската Унија ја засилува финансиската поддршка за обезбедување критични суровини, препознавајќи ги како основа за идниот индустриски, енергетски и безбедносен развој на континентот. Како дел од измените на буџетот за периодот 2028–2034 година, европратениците предложија дополнителни 10 милијарди евра за Европскиот фонд за конкурентност, наменети за стратешки области, меѓу кои и критичните суровини.
Германскиот европратеник од Европската народна партија, Кристијан Елер, посочи дека дополнителната резерва ќе овозможи поголема флексибилност и појасно насочување на средствата кон приоритетите на Унијата.
„Преку резерва од 10 милијарди евра, ја правиме флексибилноста видлива и остварлива во еден модернизиран буџет“, изјави Елер.
Овој пристап ја потврдува промената во европските економски приоритети: минералните ресурси повеќе не се само суровини за индустриско производство, туку и стратешки фактор за економска независност и безбедност.
За Македонија, ваквите политики ја нагласуваат потребата од посериозен пристап кон развојот на домашниот рударски сектор. Инвестирањето во истражување, отворањето нови рудници и примената на современи технологии можат да придонесат за поголема економска активност, нови работни места и вклучување на земјата во европските синџири на снабдување.
„Обезбедуваме наменски фонд за критични суровини и директен пат од европските истражувања до европските фабрики. На овој начин ја обновуваме нашата индустриска база, ги намалуваме нашите стратешки зависности и осигуруваме дека технологиите на иднината – од чисти технологии до одбрана – ќе се произведуваат во Европа“, изјави романскиот европратеник од редот на социјалдемократите, Дан Ника.
Од Европската асоцијација за метали (European metals), која ги обединува компаниите и националните здруженија кои работат со метали како бакар, алуминиум, цинк, никел и литиум, соопштија дека зголемениот буџет е само прв важен чекор кон постигнувањето на сигурен синџир на снабдување.
„Комисијата во Европскиот Парламент испрати силен сигнал дека Европа сериозно пристапува кон обезбедувањето на суровините неопходни за нејзината иднина. Одвојувањето на наменски буџет од 10 милијарди евра претставува апсолутен минимум потребен за одржување на кредибилитетот на европската политика за критични суровини. Ова ќе му обезбеди на Центарот за критични суровини дел од ресурсите неопходни за започнување со исполнување на неговиот мандат, поддршка на стратешките проекти и зајакнување на синџирите на вредност на суровините во Европа“, изјави Џејмс Вотсон, генерален директор на Асоцијацијата.
Оттаму потсетија дека енергетската транзиција, дигиталната транзиција и одбраната на Европа зависат од металите произведени во Европа и од пристапот до критичните суровини.
„Иако овие средства претставуваат значајна пресвртница, тие треба да се сметаат за минимална почетна точка, а не за ниво на поддршка што соодветствува на обемот на предизвикот со кој Европа се соочува во однос на критичните суровини. Други големи економии, кои се конкуренти на Европа, воведоа значително пообемни шеми за поддршка со цел да ги обезбедат синџирите на снабдување со критични суровини и да привлечат инвестиции. На пример, Канада издвои 15 милијарди канадски долари за критичните суровини. Европа мора да преземе одлучни чекори за да ја докаже својата веродостојност во однос на критичните суровини“, се додава во нивното соопштение.
Додека Европа обезбедува пари и се залага за што повеќе проекти за ископ на критични минерали, македонското рударство стагнира. Дополнително, постои и само една инвестиција во експлоатација на критична суровина во Македонија, а тоа е бакарот во Иловица. Од иницијативата „И здравје и работа“, која ги поддржува проектот за рудник, соопштија дека светот влегува во нова фаза на развој на рударскиот сектор, а активирањето на домашните минерални потенцијали е можност за нови инвестиции, работни места, развој на домашните компании и технолошка модернизација на македонското рударство.
„Во овие процеси Македонија не смее да стои отстрана. Напротив, треба навреме да ги препознае можностите што ги носи новата глобална економска реалност и да ги стави во функција сопствените минерални потенцијали, со јасна визија за развој на современо, конкурентно и одговорно рударство. Ова не треба да го правиме само затоа што Европа има потреба од сигурни извори на критични суровини. Пред сè, тоа е можност за развој на домашната економија“, соопштија од „И здравје и работа“.
Иницијативата порачува Македонија да не ги пропушти развојните шанси и да не биде само набљудувач на новите економски и технолошки промени.
…












