Холивудската ѕвезда Анџелина Џоли започнува ново поглавје во животот, далеку од Лос Анџелес и холивудскиот гламур. По продажбата на својот луксузен имот во Калифорнија за 24,75 милиони долари, актерката сè повеќе се насочува кон живот исполнет со патувања, хуманитарна работа и креативни проекти надвор од Соединетите Американски Држави.
Според американските медиуми, Џоли неодамна престојувала во Камбоџа, земја со која има посебна емотивна поврзаност повеќе од две децении и во која посакува да поминува значително повеќе време.
По продажбата на луксузната вила, започнува нов живот
Во септември годинава актерката го продаде својот историски имот во Лос Анџелес за 24,75 милиони долари, што дополнително ги поттикна шпекулациите дека планира трајно да се оддалечи од Холивуд.
Џоли и претходно изјавуваше дека сака да води послободен, номадски начин на живот, без постојано да биде врзана за едно место.
Нејзините шест деца, кои ги има со поранешниот сопруг Бред Пит, веќе се полнолетни, што ѝ овозможува поголема слобода во планирањето на иднината.
Сепак, актерката засега не потврдила дека трајно ќе се пресели во Камбоџа или дека целосно ќе ја напушти Америка.
Камбоџа е земјата во која се чувствува како дома
Нејзината поврзаност со Камбоџа започнала во 2000 година, кога таму снимала сцени за филмот „Лара Крофт: Томб Рајдер“.
Токму во оваа азиска земја во 2002 година го посвои својот најстар син Медокс, а подоцна основа и фондација посветена на заштитата на природата и развојот на локалните заедници.
За време на неодамнешната посета, актерката се сретнала со будистички верски лидери, покажувајќи дека нејзината врска со Камбоџа не е само професионална, туку и длабоко лична.
Џоли во повеќе наврати истакнувала дека топлината на луѓето, нивната историја и култура ѝ создаваат чувство на припадност.
Во 2027 година започнува нов проект во Камбоџа
Покрај приватните планови, Џоли подготвува и нов меѓународен проект преку својот креативен колектив „Atelier Jolie“.
Во 2027 година во Камбоџа треба да започне програма за уметнички престој и соработка, која ќе се реализира во партнерство со Фондацијата „Медокс“ и Центарот „Бофана“, поврзан со познатиот камбоџански режисер Рити Пан.
Целта е да се создадат можности за поврзување на уметници и креативци и за поддршка на локалното културно творештво.
Пред посетата на Камбоџа, актерката престојувала и на Филипините, каде што на 11 ноември учествувала на настан посветен на инклузивниот економски раст.
Иако сè уште нема официјална потврда каде ќе биде нејзината постојана адреса, продажбата на домот во Лос Анџелес и проширувањето на активностите во Азија покажуваат дека Анџелина Џоли се насочува кон поинаков начин на живот, во кој хуманитарната работа, семејството и уметноста имаат централно место.
…












