Connect with us

Инфо +

Вечна му слава! – На денешен ден пoчинa Методија Андонов Ченто

Методија Андонов – Ченто е македонски национален борец, деец и политичар и прв претседател на Президиумот на АСНОМ. Често, поради неговата функција на претседател на Президиумот на АСНОМ, Ченто се именува и како прв Претседател на Македонија.

Роден е на 17 август 1902 година во Прилеп во близина на денешниот фудбалски стадион како прво здраво дете по неколкуте починати деца на неговите родители Андон, кој бил по потекло од прилепското село Леништа, и Захарија (Зака), која била по потекло од прилепското село Плетвар. Уште од најрана возраст, работел по прилепските тутунски и афионски полиња.

Во младоста бил одличен и истакнат гимнастичар. Завршил средно трговско училиште во Прилеп и во 1926 година отвора бакалско-угостителски дуќан и си обезбедува пристојна егзистенција. На 25 март 1930 година, во Нови Сад, склучува граѓански брак со Василка Спирова Поп-Атанасова. Тоа предизвикува бурни реакции во конзервативната прилепска средина и по враќањето на младите во Прилеп, на 5 мај тие се казнети со по 20 дена затвор поради вонбрачно живеење. Со Василка, Ченто има четири деца, кои и денес се живи. Најстариот син, Илија Андонов – Ченто, во 1990-те има напишано биографија за својот татко.

Ченто ја прифатил и ја бранел македонската национална кауза уште од раната младост. Учествува на изборите во 1935 година како заменик кандидат, а на изборите во 1938 година и како кандидат на списокот на Здружената опозиција, бранејќи ја македонската национална кауза и залагајќи се за поголема слобода на Македонците и отворање на училишта на македонски јазик. На изборите во 1938 година од вкупниот број гласови дадени за кандидатите на опозицијата, Ченто добива најмногу, но не бил избран за пратеник поради државната манипулација со изборниот систем.

Ченто бил еден од организаторите на Илинденските демонстрации во Прилеп (1940), за што бил затворен во затворот во Велика Кикинда. Во 1940 година се залага за воведување на мајчин македонски јазик во наставата во училиштата и повторно е затворен и интерниран во Баина Башта, при што е осуден на смрт. Дури и е одведен на стрелање, но е ослободен во последен момент на 15 април 1941 година.

Пред Втората светска војна повеќепати бил претставник на прилепскиот трговски еснаф, а во периодот 1935 – 1940 е претставник на прилепските трговци во Индустриско-трговската комора во Скопје, каде што јавно истапил пред нападите на српската влада дека народот во Македонија не е благодарен на сите добродети што ги направила владата, велејќи дека доколку се остави Македонија на Македонците, тие од нејзе ќе направат цветна градина и развиена економска земја. За неколкуте вакви негови изјави било известено во Белград и тие биле оценети како сепаратистички и автономистички. Тој бил многу почитувана личност во прилепската чаршија.

Уште на почетокот на бугарската окупација, на 26 април, Ченто добива покана да соработува со бугарските окупаторски власти. Тој ја одбива поканата и наместо тоа одбира да соработува со оние што се залагаат за ослободување на Македонија од нејзините нови окупатори. Неговата продавница за алкохол во Прилеп станува свртилиште на комунистите од градот, поради што бугарските власти во 1942 година го интернираат прво во селото Мелницаф, близу бугарско-турската граница, а потоа во логорот „Чучулигово“, Петричко (Пиринска Македонија).

По неговото ослободување од интернација, Главниот штаб на НОВ и ПОМ на 21 август 1943 година му испраќа писмо во кое го повикува да се приклучи на НОБ. Во септември на двапати се среќава со својот сограѓанин Кузман Јосифоски – Питу, кој успева да го убеди да се приклучи на НОБ.

На слободната територија во Дебрца, Охридско, Ченто преминува во октомври 1943 година. Именуван е за член на Главниот штаб, а по основањето на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ станува негов претседател. Како дел од Одборот учествува во подготовките и организацијата на свикувањето на АСНОМ. На почетокот од мај 1944 година тој, Емануел Чучков и Кирил Петрушев заминуваат за Вис на средба со Народниот комитет за ослободување на Југославија на чело со Јосип Броз Тито. Средбата се одржува на 24 јуни при што македонската делегација го поставува прашањето за обединување на Македонија по ослободувањето од окупацијата. Тито начелно се согласува, но не смета дека тоа треба да биде непосредна задача.

По враќањето на делегацијата од Вис, се привршуваат подготовките околу АСНОМ и на 2 август се одржува Првото заседание. На него Ченто е избран за претседател на Президиумот на АСНОМ на ова највисоко државно тело на Демократска Федерална Македонија (подоцна НР Македонија).

За време на извршување на својата функција, Методија Андонов – Ченто бил многу почитуван и сакан од народот и се залагал власта целосно да биде народна и народот да може слободно и преку истата врата преку која влегуваат службениците, да влегува во институциите. Според неговите лични сведоштва, Методија Андонов – Ченто бил многу почитуван и од самиот претседател на Југославија, Јосип Броз Тито, кој успеал да го убеди да се кандидира за пратеник на изборите во 1946 година и покрај опструкциите кои му се правеле на Ченто од страна на КПМ (Лазар Колишевски).

Првите несогласици на Ченто со комунистите, особено со Светозар Вукмановиќ – Темпо, почнуваат многу брзо по неговото преминување на слободна територија. Меѓу другото, Ченто упатува забелешки на содржината на Манифестот на Главниот штаб.

По ослободувањето на земјата несогласиците со тогашниот македонски врв продолжуваат. Ченто се противи 15-от македонски корпус да оди на Сремскиот фронт, се залага за обединување и поголема самостојност на Македонија, се противи на враќање на имотот на избеганите српски колонисти и се залага за поголема финансиска независност и залагање за сопствен буџет на Македонија и на останатите југословенски републики. Комунистите пополека му ја одземаат реалната власт и поради несогласувањето со мерките што ги преземаат комунистите, Ченто на 14 март 1946 година поднесува оставка на функцијата претседател на Президиумот на Народното Собрание на Македонија.

Сака да се повлече од политиката и намира да живее во Прилеп, но на 14 јули е уапсен од полицијата пред својата куќа во Прилеп, а на 31 јули Министерството за внатрешни работи објавува дека Ченто бил уапсен поради обид за бегство во Грција. На 8 август против него е покренат обвинителен акт, а на 19 ноември е изведен пред суд во состав: Панта Марина (претседател) и Лазар Мојсов и Коле Чашуле, членови. Судењето трае доста кратко и по два дена, на 21 ноември, Ченто е осуден на 11 години затвор. Затворен е во скопскиот затвор „Идризово“ каде во најтешки услови бил во „специјалната ќелија“ и бил чуван од посебна стража и му биле дозволувани триесет минутни прошетки на одредено место во затворот и еднаш неделно биле дозволувани посети на членовите на неговото семејство. Додека бил во затвор, властите често му нуделе да признае и потпише дека згрешил и се покајува, по што животот ќе му бил наполно обезбеден.

Пуштен е условно на 4 септември 1955 година, по одлежани 9 години и 4 месеци затвор. Сепак затворскиот живот остава траги врз неговото здравје. Бара од Тито да му дадат пасош за да отиде да се лечи во Швајцарија, но бил одбиен. Осамен и во тешки болки и маки, Ченто на 24 јули 1957 умира од рак на желудникот, во својот дом во Прилеп. И по излегувањето од затворот не се откажал од идеите на самостојна и обединета Македонија.

Европа

Квотата е исполнета – Германија до крајот на 2025 веќе нема места за работници од Западен Балкан

Годишната квота за издавање работни дозволи според специјалната, преференцијална Западнобалканска регулатива е исцрпена, а Германската агенција за вработување (БА) ги одбива сите нови барања до крајот на 2025 година.

Работодавците се ставени пред свршен чин: сите 50.000 работни дозволи, чиј број беше зголемен во јуни 2024, веќе се доделени на работниците од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија.

Германската агенција за вработување упати јасно предупредување до работодавците: одбиените апликации за оваа година нема автоматски да се пренесат за следната! Компаниите ќе мора да поднесат ново барање, иако охрабрувачки, тоа може да го сторат веќе овој декември, со надеж за 2026 година.

Потсетување: Според забрзаната процедура, работодавците прво добиваат претходно одобрение од Агенцијата за вработување, по што работниците од регионот, со веќе склучен договор, брзо ги добиваат потребните документи во конзуларните претставништва.

Наспроти итноста на пазарот на труд, владејачката германска коалиција (ЦДУ/ЦСУ и СПД) удира со нов удар! Во коалицискиот договор е договорено бројот на бенефицирани барања за Западен Балкан драстично да се намали – и тоа преполовување на квотата од 50.000.

Оваа најава наиде на остри критики од здруженијата на работодавци, кои предупредуваат на колапс.

Германското здружение на хотелиери и угостители (ДЕХОГА) е особено гласно во отпорот! Тие апелираат дека угостителството очајно има потреба од мотивирани работници и бараат квотата не само да не се намали, туку и да се зголеми и прошири на други земји.

ДЕХОГА остро ги отфрла и стравовите дека странските работници ќе го оптоварат социјалниот систем, нагласувајќи: „Западнобалканската регулатива гарантира дека работниците доаѓаат со веќе потпишан, важечки договор кој им обезбедува егзистенција. Ова е решение за дефицитот, не социјален проблем.“

Continue Reading

Европа

Пленковиќ вели дека безбедноста на Европа е во голема опасност.

plenkovic

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска во Париз изјави дека Европа се наоѓа на историска пресвртница, потенцирајќи дека нејзината безбедност е сериозно загрозена и дека инвестициите во одбраната мора да бидат врвен приоритет.

На предавањето во Францускиот институт за меѓународни односи (IFRI), насловено „Европа на крстопат: Потврдување на суверенитетот во свет во промена“, Пленковиќ предупреди дека „Европската безбедност е загрозена, а нарушени се и дел од темелите на трансатлантските односи“.

Тој нагласи дека на европските општества веќе не можат да им се земаат здраво за готово институционалната, енергетската и демографската стабилност. Премиерот предупреди дека Европа се соочува со најопасната безбедносна состојба по Студената војна, особено посочувајќи на руската агресија врз Украина, ескалацијата на хибридните закани и забрзаното руско производство на оружје.

„Затоа Европа мора да ја прилагоди својата индустрија, залихи и инвестиции за да одговори на противникот кој своето стопанство го стави во служба на војната“, рече Пленковиќ.

Пленковиќ ја истакна Хрватска како пример за зајакнување на одбранбените капацитети, наведувајќи дека земјата го тројно го зголемила својот одбранбен буџет за помалку од десет години. Тој најави дека Загреб планира да достигне 2,5% од БДП за одбрана до 2027 година, а три проценти до 2030 година.

Премиерот, исто така, потенцираше дека Хрватска е меѓу водечките производители на FPV дронови и активно соработува со Холандија и Летонија во коалицијата за дронови. Хрватските компании, додаде тој, држат 80% од светскиот пазар на машини за далечинско разминирање.

Во однос на војната во Украина, која ја оцени како „одлучувачки тест за европската безбедност“, Пленковиќ се заложи за праведен и одржлив мир со целосно почитување на украинскиот суверенитет. Тој информираше дека од 2022 година, Хрватска ѝ помогнала на Украина со 317 милиони евра и примила 30.000 украински бегалци.

Осврнувајќи се на новата американска стратегија за национална безбедност, која зборува за „цивилизациско пропаѓање на Европа“ и поддршка на крајната десница, Пленковиќ оцени дека ова сигнализира длабока промена во перцепцијата на Вашингтон за својата глобална улога.

„Европа мора да се подготви да преземе поголема одговорност за својата безбедност – не против САД, туку за стабилноста на трансатлантскиот простор“, нагласи хрватскиот премиер.

На крајот, Пленковиќ го истакна проширувањето на ЕУ како геополитичка нужност, изразувајќи силна поддршка за интеграцијата на земјите од Западен Балкан, како и Украина и Молдавија, со посебен акцент на важноста на Босна и Херцеговина.

Continue Reading

Свет

Во Австралија социјалните мрежи забранети за деца под 16 години

Од полноќ по локално време, во Австралија официјално стапи на сила забраната за користење социјални мрежи за лица помлади од 16 години. Според новите правила, платформите како Инстаграм, ТикТок и Јутјуб мора да ги блокираат сметките на малолетни корисници или ќе се соочат со казни што можат да достигнат до 33 милиони долари, јавува Ројтерс.

Мерката доби силна поддршка од родителски организации и активисти за заштита на децата, кои ја сметаат за неопходен чекор за заштита на најмладите од штетни содржини и онлајн ризици. Од друга страна, технолошките компании и застапниците за слобода на говорот ја критикуваат мерката како претерано рестриктивна.

Оваа законска забрана претставува прв конкретен обид да се регулира пристапот на деца до дигиталните платформи и се смета дека може да стане модел и за други земји кои разгледуваат имплементација на слични ограничувања.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг