Цели паралелки во три градови во земјава одат во изолација поради коронавирусот.
Станува збор за паралелки во Велес, Прилеп и во Штип. Се работи за основни и средни училишта. Оваа учебна година почна со настава со физичко присуство за сите ученици во Македонија. Според планот на надлежните, ќе се премине на оналјн настава ако се заразат 10 отсто од учениците. Лани поради пандемијата на коронавирус, наставата се одвиваше он лајн, освен за учениците од прво до трето одделение.
Едно одделение со 21 ученик во прилепско основно училиште од денеска е во изолација, поради ученик во деветолетката кој бил позитивен на тестот за коронавирусот. Во изолација се и пет предметни наставници кои имале контакт со него.
Според Каролина Николоска, советник за образование во прилепската локална самоуправа одделението ќе следи онлајн настава.
– Учениците од деветто одделение ќе следат настава онлајн, а петте предметни наставници ќе предаваат онлајн додека се во изолација. Инаку, во сите основни и средни училишта наставата се одвива без проблеми и застој, вели Николоска.
Околу 9 000 основци и средношколци посетуваат настава со физичко присуство. Само учениците, над 700, од прилепската гимназија следат настава од дома поради интензивните зафати за реконструкција на училишната зграда.
Во ОУ „Кирил и Методиј“ во Велес во изолација се две деца, од ОУ „Васил Главинов“ позитивен е еден наставник и три ученика, а четири се во изолација. Во ОУ „Блаже Конески“ еден наставник е во изолација, три ученика се позитивни и четири се во изолација. Позитивен на коронавирусот е и психолог во едно основно училиште во велешко село.
Од Центарот за јавно здравје-Штип информираа дека до денеска имаат регистрирано по еден заразен ученик во основните училишта „Тошо Арсов“- Штип и „Страшо Пинџур“ во Карбинци, одделенијата во кои учеле учениците се ставени во изолација, еден позитивен случај има во средното електро-машинско училиште „Коле Нехтенин“, таму 18 ученици од паралелката во кој учел средношколецот се во изолација, во најголемото основно училиште „Ванчо Прќе“-Штип има двајца суспектни наставници, денеска се тестираат, во зависност од резултатите се прави и проценка на ризикот, врз основа на анкетата што се прави со наставниците ќе се донесе и одлука од епидемиолог. Надлежните од Центарот за јавно здравје-Штип велат дека имаат и еден заразен ученик и еден суспектен и во средното училиште за специјално образование и воспитание „Искра“-Штип.