КОГА ЌЕ СНЕМАШЕ СТРУЈА – Четиво на една скопјанка – Костадинка Бошковиќ, за едно време без стресување зошто нема струја, а колку многу се променија работите од ламбата на газје и „Смедеревецот“.
Без никаква најава во весниците, одеднаш мрак ќе го обземеше целото маало. Никој не стравуваше за ништо, прифаќајќи го тоа како нормална работа, која ќе потраеше кратко, а можеби и цела ноќ.
Страв! Од што? Околу нас се беше безбедно, секој секого познаваше, никој не посегнуваше по туѓата имовина, секоја порта отклучена, сечија рака понудена за помош и сечиј збор добронамерен. Дома како да немаше потреба од струја. Само радиото замолчуваше, ама се друго си функционираше, зошто и навиките и потребите си беа подредени на правилото” ништо не може да не изненади.” Ламбата на газје, нормално си имаше почесно место на ѕидот. Горе на креденецот, кибритот, толку потребен, што се купуваше цело пакетче од шест или десет кибрити, распоредени во фиоката на масата, или во оние три фиоки од креденецот, дути и во чешларникот за секој случај.
Во ” Смедеревецот” имавме најголема доверба. Тој никогаш не не изневеруваше. И ако нема струја, тука е тој и за ручек, и за подгревање млеко за бебињата, чај за болните, кафе за гостите, вода за бањање, жар во пеглата, старомоден ” фен” за сушење коса, ” машина” за вриење на алишта, сигурен извор на топлина, дење и ноќе. Нема стуја, нема стрес. Сочувано ментално здравје, без размислување околу подстаници, радијатори, клима уреди, бојлери и слично. Цела електроиндустрија во еден “Смедеревец” Ќе си ја наместевме коклицата под ламбата и домашната задача ќе ја довршевме, без никакво оправдување, дека сме немале струја. Никој не би ни поверувал, зошто, ете, Ви докажав, дека животот си функционираше и без струја.
Соседите, за да ” отепаат” време, ќе дојдеа и наместо шах, дама, домино, ќе се почестеа со муабет, жалејќи што пропуштиле некоја радио емисија. Е, кога, центар на сите домашни случувања, стана неговото височество – телевизорот, започнаа жалопојките, нашите маки, незнаејќи како да се справиме со вишокот време, лелекањето и одложувањето на сите обврски.
Се отуѓивме, приврзани за апаратот белата техника, натпреварот за материјални добра, љубомората, срамот од немоќ да се фати чекор, Ѕвониме, прашуваме, пцуеме. Батериите се празнат, се штедат. Ни улични светла, ни лифтови штракаат, ни домашни се пишуваат, ни фудбалски натпревар, ни тенис, ни… Никој не го споменува кибритот. Не се отвора фрижидерот. Замре разговорот. Замре животот. Сега, покрај се што имаме, оптоварени и со сметките за струја. Данок на време.
Линк од Фејсбук статус:
https://www.facebook.com/groups/638365006305772?multi_permalinks=2255982174544039&hoisted_section_header_type=recently_seen