Премиерот Христијан Мицкоски рече дека утрово заедно со министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски ги информирале стратешките партнери и меѓународната заедница за синоќешните настани и им доставиле докази за тоа што се случуваше и за тоа што очекуваме да се случува.
Нашите стратешки партнери и меѓународната заедница беа предупредени дека ќе има инциденти токму за вчера, а утрово заедно со министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски ги информиравме за настаните и им доставивме докази за тоа што се случуваше и за тоа што очекуваме да се случува, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, во врска со палењето и кинењето на македонското знаме и другите инциденти за време на синоќешната прослава на денот на албанското знаме. Премиерот Мицкоски рече дека допрва ќе има слични инциденти.
– Бидете сигурни дека македонската влада ќе одговори жестоко на сите обиди да се дестабилизира државата – рече тој.
Премиерот Мицкоски најостро го осуди сквернавењето на македонското знаме.
– Тоа е чин на агресија, нешто за кое ние предупредувавме дека ќе се случува и дека ќе има обиди за ескалација и за креирање на меѓуетнички тензии, а ќе има и во иднина. Ова нема да е изолиран случај, очекувајте дека ќе и во иднина. Како правдата пополека, но сигурно се доближува до криминалците, така тие ќе стануваат понервозни, понетрпеливи и единствениот начин да го одбранат криминално стекнатиот капитал е токму вака, со манипулирање и со предизвикување на ваков тип на инциденти. Им честитам на навремената, трезвена и државничка акција на МВР, БЈБ СВР Скопје и на полицајците кои не дозволија ескалирање и реагираа во насока на приведување на лицата кои го сквернавеа македонското државно знаме – рече Мицкоски.
Засега 8 предизвикувачи на инцидентите се приведени ќе бидат изведени пред суд, додаде премиерот.
– Јас апелирам до македонските граѓани на трезвеност, да не дозволиме овие инциденти да предизвикаат негативни чувства, бидејќи ова е мала, изолирана и манипулираа група од оние кои ги штитат своите милиони. А тие кои се потенцијални жртви на овие политички криминалци и насилници, сакам да ги предупредам дека нема да има милост кон никого. Секој кој ќе го прекрши законот ќе одговара и ако мислат дека се недопирливи и дека ова што го зборуваме не е вистина, силно ќе се разочараат. Уште во првиот обид ќе бидат приведени. Апелирам до граѓаните без разлика на етничката припадност, да не дозволиме овие криминални групи, кои се длабоко во своето политичкото мочуриште, а беа 7 години власт, да ја дестабилизираат нашата заедничка татковина – рече премиерот.
Ние како Влада гарантираме безбедност, трезвена акција на полицијата и државничко однесување, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
ЕДИТ 14.50: Извршена е промена на првичниот наслов, поради погрешна интерпретација на дел од изјавата на премиерот Мицкоски.