На денешен ден пред 80 години на Гарнизонското стрелиште во Софија стрелани се Никола Јонков Вапцаров и Антон Попов, македонски интелектуалци и патриоти.
Вапцаров бил поет, есеист, новинар и револуционер и еден од основачите на Македонскиот литературен кружок во Софија (1938-1941). Роден е на 7 декември 1909 година во Банско, во Пиринска Македонија, каде го минал и детството.
Вапцаров учи гимназија во Разлог, Пиринска Македонија, но поради тешката материјална состојба го прекинува образованието и потоа завршува воено поморско- машинско училиште во Варна. Поради условите во кои живеел, Вапцаров се школувал, а подоцна и пишувал на туѓ јазик, но никогаш нема да заборави дека е Македонец.
Првата своја песна „Кон светлите идеали“ ја објавува во весникот „Борба“ во 1926 год. Наредните две години своите творби ги објавува објавува во списанието „Родина“.
Се жени со Бојка, ќерка на Македонци, доселеници од Егејска Македонија. Во 1935 година Бугарија ја зафаќа економска криза. За да преживее Вапцаров работи како физички работник во фабрика во Софија во многу тешки услови. Борејќи се со сиромаштијата, ќе доживее лична трагедија – ќе му почине синот единец Јонко. И покрај невремето во кое живеел, не престанал да пишува.
Станал член на тамошното антифашистичко движење и еден од организаторите на протестите кои ќе започнат по затворањето на фабриката во која работи. Фабриката повторно проработува, но Вапцаров е веќе трн во окото на власта и останува без работа.
Неговиот талент за пишување е неспорен. Со една негова песна победува на анонимен конкурс на списанието „Летец“. Победува и на натпревар за радио-драма, но откако организаторите дознаваат за кого се работи, неговата драма не е поставена ниту емитувана.
Во 1940 година Вапцаров ја издава својата единствена стихозбирка „Моторни песни“.
Заедно со Михаил Сматракалев и Антон Попов во октомври 1938-ма е еден од основачите на Македонскиот литературен кружок во Софија, во кој подоцна се вклучуваат и Коле Неделковски, Венко Марковски, Ѓорги Абаџиев и други.
Во реферат по повод основањето на кружокот, Вапцаров напишал:
„На нас, како Македонци што пишуваат, ни е неопходна една правична емоционална сила, што ќе ни ја раздвижи крвта, ќе ни раздвижи многу претопени чувства, многу спомени… Зашто ако последните години македонската револуционерна борба тапка во место, ми се чини дека причината е во недостигот на жива творечка сила… Се случи така што во српска и грчка Македонија (Вардарска и Егејска) – великобугарските утопии се оладуваат и јакне едно поколение инспирирано од лозунгот „Слободна и независна Македонија“.
Вапцаров натаму вели:
„Тоа е најважната етапа од македонското прашање кое навреме не го забележавме и за чие преспивање носиме одговорност… Ако тагуваме за својата Татковина, ако во нас има капка македонска крв, ако во нас останала капка благодарен патриотизам, овојпат треба да се впрегнеме, ропски да се впрегнеме, за да понесеме дел од одговорноста на едно дело и жестоко величие на една епоха… Ние треба да ја познаваме македонската историја и најмногу историјата на национално-револуционерното движење – Илинден, Гоце, Даме… Ние сме Македонци. Затоа и нашето творештво треба да биде во служба на македонската кауза…“
Овие зборови на Вапцаров доволно кажуваат каков Македонец бил тој.
Во април 1939 година е донесен Статут на кружокот, во кој јасно се нагласува дека: „Кружокот е самостојна, независна група од македонски поети и писатели, обединети од заедничка цел да работат за создавање на македонска уметничка литература.“
Освен рефератот на Вапцаров, зачувани се и други написи, статии и реферати на членовите на кружокот, кои на своите собири ги читале своите дела и меѓусебно си давале критики за напишаните творби. Зачуван е и текстот на Антон Попов „За македонската нација“.
Нов чекор во зачувувањето на традицијата: Промовирани македонските машки носии од Преспа во Пустец
Во гимназијата „Трајан Ѓорѓиовски и Митре Колевски“ во Пустец денес се одржа промоција на новоизработени македонски машки народни носии од Преспанскиот регион. Носиите се создадени во рамките на проектот „Создавање традиционални носии на македонското, влашкото и ромското национално малцинство во Корчанскиот регион“, кој го спроведува Македонското друштво „Сонце“ во партнерство со неколку организации и со поддршка на Комитетот за национални малцинства на Албанија.
По ланската реконструкција на четирите женски носии, денешната презентација на машките носии го комплетира целосниот фолклорен ансамбл на Македонците од Преспа, што ќе може да се претставува на домашни и меѓународни културни манифестации.
Претседателот на друштвото „Сонце“ од Корча, Васил Стерјовски, изјави дека овој проект е значаен чекор во зачувувањето и унапредувањето на македонската традиција во Албанија. „Со ова, македонската културна ризница добива уште посилен и подостоинствен претставник и дома, и на меѓународната сцена,“ нагласи Стерјовски.
Народната банка го објави конкурсот за годишната награда за млади истражувачи
Народната банка на Република Македонија ги повикува младите истражувачи да учествуваат на Конкурсот за Годишната награда за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството за 2026 година. Целта на оваа награда е да го стимулира развојот на научната мисла, да ја поттикне изработката на висококвалитетни истражувачки трудови во клучните економски дисциплини, како и да ги афирмира талентираните млади стручни кадри во земјата.
Право на учество имаат државјани на Република Северна Македонија кои не ја надминале 35-годишната возраст.
Клучни барања за трудовите:
Трудот мора да содржи осврт на македонската економија.
Максимален број на знаци е 80.000 карактери, со препорака за почитување на стандардна научна структура.
Трудовите може да бидат поднесени на македонски, албански или англиски јазик.
Секој автор може да поднесе само еден труд.
Дозволено е да се конкурира со веќе објавени истражувања, под услов да не се објавени пред 1 јануари 2026 година.
НБРМ гарантира дека сите доставени трудови ќе бидат третирани како доверливи материјали.
Критериумите за вреднување вклучуваат повеќе аспекти, со посебен акцент на: релевантноста на темата, квалитетот на анализата, методолошкиот пристап и јасноста на заклучоците.
Крајниот рок за доставување на трудовите е 1 февруари 2026 година.
Предвидени се значајни парични награди за најуспешните истражувачи: Прворангираниот труд ќе биде награден со 130.000 денари, додека пак второрангираниот труд со 65.000 денари.
Пријавувањето се врши електронски. Трудот во ворд-формат, заедно со кратка биографија на авторот, треба да се достави на следната е-адреса: konkurs@nbrm.mk, со задолжителна назнака: „За Годишната награда на Народната банка“.
За подетални информации, целиот текст на Конкурсот е достапен на веб-страницата на Народната банка.
Хаос на патиштата: 6.151 казна и 44 приведени за само 9 дена – полицијата апелира на внимателност
Полициската акција на патиштата низ земјава ги покажува застрашувачките резултати од недисциплината во сообраќајот. Во првите девет дена од декември, МВР удри по педалата, евидентирајќи неверојатни 6.151 сообраќаен прекршок.
Најострите мерки се насочени кон оние кои најдиректно ја загрозуваат безбедноста. Вкупно 44 лица се лишени од слобода за насилничко управување на возило, согласно Член 297-а од Кривичниот законик. Меѓу нив, 33 возачи се фатени како возат под дејство на алкохол, директно претворајќи ги своите возила во смртоносно оружје.
Покрај пијаните возачи, на “црната листа” се најдоа двајца возачи кои возеле во забранет правец, и девет лица фатени во брзи трки: пет во населено место и четворица надвор од него, јасно игнорирајќи ги ограничувањата.
Издадени се 6.151 платни налози, а анализата на прекршоците открива фрапантни бројки:
Брзина – Апсолутен Рекордер: Со 1.573 казни, брзото возење останува најголем проблем на македонските патишта.
Хаос на Паркинзите: Евидентирани се 1.511 прекршоци за непрописно паркирање.
Возење Без Дозвола: 620 возачи се фатени како возат без да поседуваат возачка дозвола.
Игнорирање на Правилата: 173 санкции за возење под дејство на алкохол и 39 казни за минување на црвено светло.
Заборавениот Појас и Мобилниот: 349 учесници не користеле сигурносен појас, а 214 возачи зборувале на мобилен телефон.
Полицијата дејствуваше и на терен: 119 возила се отстранети од сообраќај поради нерегистрираност, а 62 поради техничка неисправност. Санкционирани се и 28 возачи со непрописно затемнети стакла.
Полицијата соопштува дека контролите нема да престанат. Апелот е јасен и остар: Почитувајте ги правилата! Безбедноста на патиштата е одговорност на секој поединец.