Посебна стручна комисија составена од лекари експерти од Кардиохирурија, Инфективна, Интензивна и Нефрологија „ќе ги чешла“ медицинските досиеја на 560 ковид пациенти врз кои во „Жан Митрев“ се вршела хемофилтрација.
По сторијата на ИРЛ во која се говори за експериментални студии без знаење на пациенти, а и злоупотреба на методот на хемофилтрација, Министерот Беким Сали по трет пат побара време за здравствените институции да утврдат што точно се случувало во приватната болница. Освен оваа специјална стручна комисија која ќе треба да изготви заклучок за секој пациент поединечно, Сали ќе чека извештаи и од ДСЗИ, Лекарска Комора, МАЛМЕД и Комисијата за интрахоспитални инфекции.
-Ние добивме материјали од „Жан Митрев“, беа соработливи и ни ги доставија сите побарани материјали. Се работи за 560 пациенти кои биле третирани со хемофилтрација. Ќе ни треба време за анализа на тие 560 досиеја кои се обемни, затоа што имаме пациенти кои престојувале таму и по еден месец. Целиот тој третман треба да се анализира од експерти, лекари кои цел живот тоа го работат. Ќе го анализираат секој поединечен случај, изјави Сали.
Во однос на епидемиолошката состојба, пак, поради петтиот ковид бран, Сали подвлече дека Скопје останува жариште, па затоа тука се планираат пет ковид амбуланти, кои веќе требаше да бидат отворени. За негодувањето од страна на матичните лекари кои треба да работат во нив Сали подвлече дека дежурството им е еднакво на времето потрошено за кафе паузи, иако во меѓувреме пристигна реакција од Комората за приватно здравство според која нема правна основа да се наметнуваат дополнителни обврски за матичните доктори.
-Педесет дена циркулира еден тим. Еднаш на 50 дена 6 часа. Да бидеме реални, шест часа во тек на 50 дена трошиме за кафе. Зарем не би можеле позитивно да одговориме за една превентивна мерка која е наменета за заштита на населението од шиење на вирусот.-Беким Сали – Министер за здравство.
Според здравствените власти засега во Македонија нема регистрирано случај на заразните мајмунски сипаници, а во однос на коронавирусот се наоѓаме една недела пред бранот да го достигне својот пик. Сепак, поради тоа што болниците не се полни, Комисијата за заразни болести на денешниот состанок не препорача никакви старо-нови мерки.