Connect with us

Македонија

ЧЕСТИТ ДЕН: Триесет години Армија на Република Македонија

Четворица активни генерали, голем број офицери и подофицери како и илјадници регрути во 1992 година ја започнаа реализацијата на најголемата патриотска должност за обезбедување мир и стабилност на граѓаните на Република Македонија, кои само неколку месеци претходно на референдум се изјаснија за самостојна и независна држава со одвојување од долгогодипшното заедничко уредување со Југославија и тогашната ЈНА.

Клучната улога во обезбедувањето на територијата на државата, по заминувањето на војската на Југославија, ја имала добро организираната Територијална одбрана која прва ги превзема испразнетите касарни, а веднаш потоа и целосно, во рок од 10 дена ги обезбедува границите, односно ги превзема караулите. Со договорот потпишан на 21 февруари 1992 година, помеѓу гeнералот на ЈНА, Благоја Аџиќ, и претседателот, Киро Глигоров, беше определен и крајниот рок 15 април 1992 година за повлекување на ЈНА од државата.

На 11 март 1992 година, единиците на Територијалната одбрана на Крива Паланка ја презедоа првата караула „Рамна Нива”. Истиот ден, на свечен начин беа преземени и соседните караули „Деве Баир” и „Коприва” на македонско-бугарската граница во близина на Крива Паланка. Набргу потоа беа преземени сите караули на македонската граница, односно на 21 март е предадена и последната македонска карула „Јован Вукотиќ” во близина на преминот Меџитлија.

Претседателот Глигоров и генералот на ЈНА, Никола Узелац, на 27 март 1992 година, во Собранието на Република Македонија го потпишаа завршниот акт од Договорот за повлекувањето на единиците на ЈНА од Македонија. Со тоа целосно било спроведено одбранбеното одвојување од ЈНА и од СФРЈ и осамостојување. Со превземањето на последната караула била воспоставена целокупната организација, чување и обезбедување на границата и територијалниот интегритет и суверенитет со војници и старешини од единиците на територијалната одбрана кои таа должност ја вршеа во првите неколку месеци сè до пристигнувањето на првиот редовен регрутен контингент на АРМ.

Согласно тогашниот „Закон за одбрана”, чл. 3, од 14 февруари 1992 година, воената обврска на граѓаните е општа и на воената обврска подлежат сите граѓани на Република Македонија од машки пол на возраст од 17 до 55 години живот. За само 17 дена, со огромен ентузијазам и ангажирање на старешините и на граѓанските лица, касарните во Скопје „Маршал Тито”, во Битола „Стив Наумов”, во Штип „4 јули” и во Охрид „Михајло Апостолски” биле подготвени да ги примат првите македонски регрути. Првиот регрут на Армијата, Панче Јамандиев од Велес, роден 1970 година, пристигнал во гарнизонот во Охрид на 14 април 1992 година. Регрутите главно, биле младинци родени во 1973 година, кои во септември истата година требало да заминат во составот на тогашна ЈНА, а со одлука на Владата биле повикани да служат во редовите на АРМ.

Според податоците на АРМ до кои дојде МИА, програмата за обука на македонските регрути опфаќала две и пол месечна обука, а потоа најголем дел од нив биле упатени да ги пополнат граничните единици, додека помал дел од нив се подготвувале за пополнување на единиците на воената полиција и за вршење на останатите служби и должности.

По извршените обуките, на 9 мај 1992 година во Скопје во тогашната касарна „Маршал Тито” сега „Илинден“, во Битола „Стив Наумов” на 10 мај, во Штип „4 јули” на 16 мај и во Охрид на 17 мај, првите македонски регрути дадоа свечена обврска и отпочнаа со своите активности.

Денеска Армијата одбележува 30 години од формирањето од како со одлука, Владата од 3 јуни 1993 година, денот на формирањето на баталјонот „Мирче Ацев” 18 август 1943 година на Славеј Планина, го прогласи за Ден на АРМ. Истата година Собранието на Република Македонија ја верификува идејата за полноправно членство во НАТО, а на 15 ноември 1995 година станавме членка на иницијативата „Партнерство за мир” по што во март следната година бевме примени во Северноатлантскиот совет за соработка. На 7 јуни 1995 година на Воената академија започна образованието на кадри за одбраната на државата.

Армиските специјалци „Скорпии“ во 1996 година првпат учествуваа на воена вежба на НАТО – „Мировен орел” која се одржа во Република Албанија. Истата година се одржа и првата мултинационална воена вежба на просторот од нашата држава „Спасител ’96”, а во мај следната година вежбата „Спасител ’97”. Веќе во 1998 година се одржа и најголемата мултинационална вежба според бројот на земјите учеснички „Најдобар кооперативен зафат ’98”. Следеа бурните настани и ангажираноста на АРМ, особено на граничните состави во „Косовската бегалска криза” од 1999 година.

По создадените услови за преструктуирање на одбранбениот систем и реформа на Армијата, заради постигнување интероперативност според стандардите на НАТО, на 3 мај 2000 година, од страна на Алијансата беше прифатен Акциониот план за подготовки за членство во НАТО, со што широко, како што велат од АРМ, се отворија портите за целосна структурна реформа на Армијата. Во започнатиот процес на реформи и преструктуирање, нашата војска во 2001 година се соочи со вистински воен конфликт, иако не беше прогласена воена состојба.

Република Северна Македонија прв пат испрати свои мировници во мисијата ИСАФ (Интернатионал Стабилизатион Авган Форцес – ИСАФ) во Авганистан во 2002 година, а даде и поддршка на операцијата предводена од САД, „Слобода за Ирак“ во мисијата во Ирак. Нашите армиски состави продолжија со учество и во мисијата ЕУФОР АЛТЕА во Босна и Херцеговина, „УНИФИЛ“ во Либан и во последната со директно учество- мисијата на НАТО-КФОР во Косово. За бригадата за североисточна Европа СЕЕБРИГ деклариравме и сеуште учествуваме со чета за мировни операции, инженериски патен вод и национален елемент за поддршка за чета, а од пред две години сме домаќини на командата на бригадата која е лоцирана во Куманово. Покажаниот висок професионален ангажман и посветеноста на нашите војници во тие мисии придонесе за јакнење на меѓународниот кредибилитет на Република Северна Македонија и за нејзино дефинирање како држава која генерира стабилност во поширокото опкружување.

Армијата секогаш прва се вклучувала во помош на граѓаните и локалните самоуправи како во гасење пожари, санирање на последици од поплави, доставување храна во непристапни терени итн.

За време на поплавите во скопскиот регион 2016 година Армијата учествуваше со вкупно 5878 работни ангажирања, во просек 345 припадници дневно, 384 моторни возила, а употребени се вкупно службени кучиња во 21 случај. Вкупно 1116 куќи, 239 приватни и јавни објекти се чистени од наноси. Извршена е дизинфекција на 1014 куќи.

Во минатогодишните гасења на пожарите на 13 локации во Кочани, Берово, Делчево, Куманово и секаде каде што беа потребни, од копно и од воздух се вклучија припадниците на Армијата, при што беа ангажирани 2243 припадници и исфрлени 472 тони вода од хеликоптерите.

Ангажирањето на Армијата продолжува во асистенција на институциите во спречување на ширењето на вирусот Ковид-19, а воените сили се вклучени и во справување со мигрантската криза и асистенцијата на граничната полиција, почнувајќи од 2015 година.

Армиските припадници постојано учествуваат и во хуманитарни и крводарителни акции. Вообичаено тоа се работи на наша иницијатива за организирање на ваква акција, пред се поврзана со некој повод како прослава на ден на единиците и Ден на АРМ. Во просек секоја година се организираат помеѓу 15-20 вакви акции каде се собираат помеѓу 700-900 крвни единици.

Политиката на национална безбедност на Република Северна Македонија се темели на „активно и реално вклучување во меѓународните напори за креирање и подобрување на мирот и безбедноста”, е запишано во Националната концепција за безбедност и одбрана.

Стратегискиот одбранбен преглед од 2019 година ги даде јасните и конкретни насоки за трансформација на одбраната на Република Северна Македонија, а како нејзин составен дел е и трансформацијата на Армијата, која доби една заокружена целина. Транформацијата се уште трае, а постепената и планска модернизација и опремување на оперативните состави според динамичниот план за опремување е составен дел од неа.

Обуката, покрај модернизацијата и опремувањето, има приоритет како значаен сегмент во одбраната и истата постепено се приспособува на потребите на командите и единиците на Армијата за потребите на одбраната на земјата и за учеството во меѓународни мировни мисии.

По воената интеграција во НАТО во 2020 година, се склучи договор за чување на суверенитетот на македонското небо преку концептот на Air Policing. Армијата на Република Северна Македонија во изминатите 30 години од статична, а гломазна Армијата се трансформира во мала, мобилна и ефикасна Армија, способна да се соочи со сите предизвици, оспособена рамноправно да се носи со другите армии на земјите членки на Алијансата.

МИА

Македонија

Охрид станува светска дестинација за стоматологија: Центарот „Д-р Баткоски“ доби престижна награда

Сместен во Охрид, стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“ е приватна здравствена установа која во последната деценија изгради препознатливост по комбинацијата од врвна технологија, силен професионален тим и топол, човечки пристап кон пациентите. Токму таа непосредност грижата и фокус на секој поединечен пациент, според менаџерот и основач на современиот стоматолошки центар д-р Небојша Баткоски, е она што ја креира довербата кај пациентите. Центарот нуди широк спектар на услуги – од превентивна и детска стоматологија, преку естетски и протетски третмани, до имплантологија, алајнери и решенија наменети за пациенти од странство, со силен фокус на стоматолошки туризам и европски стандарди на работа.

Повод за ова интервју е најновото меѓународно признание на Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“, престижната награда THE BIZZ AWARD за деловна извонредност, во организација на WORLD CONFEDERATION OF BUSINESSES (WORLDCOB). Со д-р Небојша Баткоски разговараме за патот до ова признание, за личната и за професионалната приказна зад брендот „Д-р Баткоски“, за стоматолошкиот туризам и за тоа како изгледа иднината на современата стоматологија гледано од Охрид кон Европа и светот.

WORLD CONFEDERATION OF BUSINESSES во вашата работа препозна вредност која ви донесе уште едно меѓународно признание. Добитник сте на наградата THE BIZZ AWARD за деловна извонредност. Како дојде до тоа стоматолошки центар од Охрид да биде добитник на оваа награда?

– Фактот што World Confederation of Businesses ја препозна вредноста во нашата работа не е случајност. Тоа произлегува од континуирани меѓународни обуки во Швајцарија, Дубаи и во Германија, постојана имплементација на современи технологии и инвестиции во највисок квалитет на услуги. Нашата визија да бидеме лидери, а не следбеници – тоа е причината што го добивме ова меѓународно признание. Процесот на селекција подразбираше детална проценка на повеќе сегменти, како квалитетот на услугите и стандардите на работа, начинот на кој се грижиме за пациентите, и начинот на менаџирање на тимот и развојот на бизнисот. За организацијата која ги следи најдобрите практики во светот, беше важно да види дека работиме според исти или слични стандарди со реномирани центри во големите светски метрополи. За нас ова признание е потврда дека доследното вложување во едукација, технологија и човечкиот пристап не останува незабележано и надвор од границите на државата.

Меѓународното признание е потврда и за Вашиот личен влог да изградите еден професионален центар кој во регионот и пошироко се истакнува по квалитет и иновативност во услугите. Што значи оваа награда за Вас лично како доктор и менаџер, а што за тимот и за пациентите на стоматолошкиот центар?

– За мене ова признание е големо задоволство затоа што вложениот труд и долгогодишната посветеност се препознаени и вреднувани. Во минатото бевме признати како едни од Best Regional Hospitals, а јас лично ја добив наградата Manager of the Year во Оксфорд во 2016 година. Овие признанија, заедно со денешното, само потврдуваат дека континуирано работиме со исто темпо, фокус и успех, oваа награда е резултат на постојана работа, мотивација и професионален ангажман на целиот тим. За центарот тоа е и чест и обврска да го задржи постигнатиот квалитет и да продолжи да се развива, a за пациентите – признанието е најдобра потврда дека добиваат сигурна, квалитетна и современа услуга.

WORLDCOB ве покани да ви го додели и признанието за деловна извонредност. Кога и каде ќе ја примите оваа меѓународна наградата и како таа му користи на еден стоматолошки центар од Македонија?

– Наградата ќе ја примиме во Чикаго, и тоа за нас претставува голема чест. Отсекогаш сум велел дека кога посветено ја работиме нашата професија и ја цениме како вистинска пасија, резултатите неизбежно доаѓаат. Фактот што стоматолошки центар од Македонија е признат на вакво ниво само покажува дека не сме хендикепирани затоа што доаѓаме од помала земја – напротив, го користиме тој моментум за да докажеме дека можеме рамноправно да парираме со најдобрите во светот. Присуството во Чикаго, во друштво на компании и лидери од различни индустрии, отвора врати за нови контакти, размена на искуства и можни партнерства, особено во делот на стоматолошкиот туризам и едукацијата. Ова се важни платформи за еден стоматолошки центар од Македонија, затоа што носат поголема меѓународна видливост, зголемена доверба кај странските пациенти и дополнителен аргумент кога комуницираме со партнери од Европа и од дијаспората. Накратко, наградата не е само симболичен трофеј – таа е алатка што ни помага да го позиционираме Охрид и нашата клиника како сериозен играч на мапата на современата стоматологија.

За оние што првпат слушаат за вас, како започна приказната на стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“ и како стигнавте да бидете најголемиот стоматолошки центар во Македонија?

– Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“ го основа мојот татко, Јован Баткоски, а вистинската приказна започна со завршувањето на мојата специјализација во 2012 година. Мојата визија и сон беа препознаени и поддржани од мојот дедо Ѓорги, кој помогна проектот да се реализира. Со текот на годините, преку континуирана работа, посветеност и професионализам, Центарот се развиваше и постепено стана еден меѓу најголемиот стоматолошки центар во Македонија, со низа успеси и меѓународни награди. Почнавме како семејна ординација со јасна идеја, да понудиме стоматологија која е технолошки напредна, но истовремено топла и човечка. Од прв ден вниманието беше насочено не само на третманот, туку и на целокупното искуство на пациентот. Со проширувањето на тимот, воведувањето нови специјалности и инвестициите во современа опрема, центарот постепено премина од мала ординација во референтен стоматолошки центар во регионот. Денес работиме како мултидисциплинарен тим, каде што секој доктор има специфична експертиза, а пациентите добиваат комплетен план на третман – од превенција, преку естетика, до комплексни имплантолошки и ортодонтски решенија. Ова континуирано градење, чекор по чекор, е клучот за нашето позиционирање.

Стоматолошкиот туризам е дејност која засебно се развива како бизнис и во последниве години бележи и раст и развој. Дали имате пациенти од странство и кои услуги тие најчесто ги користат?

– Стоматолошкиот туризам бележи значителен раст, па затоа имаме засебна канцеларија во Милано. Имаме редовни пациенти од Европа и пошироко, кои доаѓаат организирано или преку дијаспора. Најчесто користат имплантолошки и протетски третмани „Холивуд смајл“, ламинати и Invisalign третмани, а со текот на годините овој проект се развива успешно и континуирано. Честа слика е пациент кој доаѓа со јасна желба да ја подобри својата насмевка, а си заминува со комплетно променет изглед, поголема самодоверба и желба повторно да се врати, не само во клиниката, туку и во градот. Тоа е суштината на стоматолошкиот туризам што го развиваме.

Ги следите новите современи технологии и иновации во стоматологијата на светско ниво и впечаток е дека и услугите во Центарот се според светските трендови во стоматологијата. Што може да се очекува во Центарот во иднина?

– Во текот на наредната година планираме значително проширување со нов современ дел и добивање лиценца за едукативен и тренинг имплантолошки центар. Со тоа ќе бидеме единствени во Македонија каде ќе се едуцираат и тренираат млади доктори од Израел и од Виетнам – првата група ќе ни дојде во последната недела од февруари. На овој начин не само што ја подигнуваме стручноста на нашиот тим, туку и придонесуваме за развој на стоматолошкиот туризам и ширење на современи технологии во стоматологијата. Нашата амбиција е Охрид да стане препознатлива точка не само за убавина и туризам, туку и по современа стоматологија и едукација, место каде што се создаваат нови генерации на доктори.

Continue Reading

Македонија

Интервју на МИА со кардиохирургот Колев: Откажете се од пушењето итно и наеднаш, не постепено, а 30-45 минути пешачење за 50 отсто ви ја намалува опасноста да завршите на кардиохиругија

Во интервјуто со д-р Александар Колев, кардиохирург од Универзитетската клиника во Скопје, разговаравме и за проблемот што ги заплашува многу родители чии деца имаат отвор меѓу двете преткомори на срцето, а и за тоа дека 70-80 отсто од луѓето кои завршуваат со миокарден инфаркт немале некои посериозни здравствени проблеми кои ги пријавиле или ги чувствувале наназад се до тој период. Д-р Колев истакнува и дека многу анализи покажале дека 30 до 45 минути пешачење има и до 50 отсто влијание за намалување на опасноста од кардиоваскуларни болести во период од 10 години. Тој набројува и кои митови се најзастапени кај нашето население во поглед на кардиоваскуларното здравје, како што е тој дека со горен притисок од 160 единици може нормално да се живее

До 70-80 отсто од луѓето кои завршуваат со миокарден инфаркт немале некои посериозни здравствени проблеми кои ги пријавиле или ги чувствувале наназад се до тој период. Многу анализи покажале дека 30 до 45 минути пешачење има и до 50 отсто влијание за намалување на опасноста од кардиоваскуларни болести во период од 10 години. Популацијата над 40 години да прави редовни прегледи, како што се електрокардиограм, ехо на срце, лабораторија за следење на маснотии и шеќер во крв, вели во интервју за МИА, д-р Александар Колев, специјалист по кардиохирургија од Универзитетската клиника за државна кардиохирургија.

Тој посочува дека пушењето цигари е исклучително штетно за кардиоваскуларниот систем и препорачува не постепено, туку веднаш да се прекине, да се прават редовни прегледи, да се зема терапија, да се има физичка активност, поголемо движење, поголема социјализација и подолг престој во природа. 

Нагласува дека за некој брз период ќе се формира нов центар за третман на срцеви болести односно ќе се спојат Државната кардиохирургија и Универзитетската клиника за кардиологија и дека со иницијатива на Владата формирани се работни групи кои треба да овозможат поврзување во еден правен субјект. На тој начин, посочува, ќе се избегнат бирократски пречки и ќе се обединат дијагностиката, конзервативниот третман и пред оперативната подготовка на пациентите, оперативното односно хируршкото лекување, како и постоперативното лекување и натамошното следење на срцевите болни.

Тој истакнува дека на Клиниката се извршени десеттина минимално инвазивни операции каде нема класично сечење на градната коска и еден голем мутилантен рез, туку со рез кој е под пазувата од само четири сантиметри направиле неколку замени на аортна валвула, неколку операции на митрална валвула и тоа е насоката во која и натаму планираат да се развиваат.

-Извршени се меѓу 250 и 320 кардиохируршки операции. Покрај кардиохируршки операции на нашата Клиника се изведуваат и васкуларни хируршки операции, наведува д-р Колев.

Во врска со трансплантациите на срце тој вели дека е потребно малку поголема активност во делот на подигнување на свесноста и на јавноста и на медицинскиот персонал за донорството и за навременото препознавање на мозочна смрт, дијагностицирање и преземање на сите постапки понатаму за овозможување на срцеви донори.

– Охрабрувачки е на некој начин кога ќе се посетат едни поразвиени држави, поразвиени здравствени системи, односно во конкретниот случај болницата во Бордо, Франција, кога ќе видите дека нема многу разлика од тоа што ние го работиме во Македонија, во делот на оние стандардни кардиохируршки интервенции, потенцира д-р Колев. 

Во рамки на  престојот во Универзитетската болница во Бордо тој првпат имал искуство да види како изгледа роботизирана кардиохируршка операција, поконкретно пластика на една болна митрална валвула на срцето.

-За мене кардиохирургијата како дел од хирургијата е и наука, и вештина, помалку е уметност, но пред се е начин на живот. Кога избирате кариера како хирург не избирате само професија, туку избирате нешто што е животен повик. За да знаете да направите една операција на срце, еден бај пас или замена на валвула вообичаено потребно е тоа срце да го запрете да работи, пациентот да го поврзете на една машина која е вештачко срце и вештачки бели дробови кои го одржуваат во живот, на некој начин сето тоа е многу фасцинантно и да го имате во вашите раце срцето на пациентот е буквално како да го имате неговиот живот, посочува д-р Колев.

Во врска со тоа која иновација или техника во кардиохирургијата најмногу ќе го трансформира третманот на пациентите во следната деценија, посочува дека минимално инвазивните процедури кои се и сегашност во светот, но особено нивното комбинирање со роботизирани апарати и дополнително веројатно ќе има многу голем напредок и развој со развојот на вештачката интелигенција, која во поголема мерка се користи во дијагностицирањето на многу болести. Тој истакнува дека веќе се направени неколку операции кои комбинираат хируршка активност со роботизирана активност и со вештачка интелигенција.

-Минимално инвазивните процедури, комбинирањето на ендоваскуларните процедури кои се без отворена хирургија, со отворени операции, односно хибриден пристап кон третирањето на пациентите ќе биде исто нешто што ќе овозможи голем бенефит за кардиохируршките пациенти. Понатаму сигурно дека ќе има можност со развој на биотехнологии и со развој на 3Д принтање на биолошки материјали на органи, на ткива, што ќе помогне исто за третманот на пациентите со срцева слабост, нешто што звучи радикално меѓутоа се случи и веројатно многу ќе се работи на тоа и во иднина, а тоа е таканаречената ксенотрансплантација. Една проста споредба за нејзиниот ефект. Првиот трансплантиран пациент со срце од човек донор живееше 18 дена, првиот трансплантиран пациент со срце од свиња живееше два месеца. Со етичките дилеми кои постојат и веројатно ќе бидат тема, кардиохирургијата во третманот на пациентите со срцева слабост ќе се движи кон развојот на нови технологии, но и кон ксенотрансплантацијата, додава д-р Колев во интервјуто за МИА.

Целото интервју може да го прочитате на МИА.мк

Continue Reading

Македонија

Полицијата предупредува: Строги санкции за возачите кои поминуваат на жолто

Во интервју за „Република“, началникот на СВР Скопје, Сашо Топаловски, потсети дека жолтото светло не значи дозвола за забрзување и поминување, туку сигнал за подготовка за запирање. Тој истакна дека речиси сите скопски раскрсници имаат трепкачко зелено светло кое трипати најавува дека следува жолто.

Топаловски појаснува дека законот е јасен: кога ќе се појави жолтото светло, возачот треба да започне со сопирање. Исклучок е единствено ситуацијата кога возилото веќе е во минување на раскрсницата во моментот кога зеленото преминува во жолто — тогаш камерите нема да регистрираат прекршок.

„Камерите имаат прецизно дефинирана зона. За да се констатира прекршок, регистрацијата на возилото мора да се забележи во раскрсницата додека свети црвено. Тоа е непобитен доказ,“ објасни Топаловски.

Тој предупреди дека поминувањето на жолто создава опасни ситуации, особено ако истото го направи и возач од спротивната насока. Поради тоа, како што нагласи, правилото останува: на жолто се кочи и се подготвува за следното зелено.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг