Вербата во Бога го движи светот напред во просперитетна иднина!
Возљубени,од светото Писмо разбираме дека верата во Бог е поставена на прво место затоа што од неа произлегуваат делата коишто ја сведочат верата. А Господ, укажувајќи на вистинската вера и поконкретно покажал на најважното, имено, „ако имате вера… и не се посомневате…“
(Матеј 21, 21).
Сомнежот е убиец на се’ што е добро во човекот. Луѓето кои се сомневаат во се’, во себе, во другите, во своите душевни сили, и поконкретно во своите интелектуални (умни) сили, во своите телесни способности, во своите желби и стремежи, во својата способност да направат нешто добро, и не само во духовните работи, туку, и во секојдневниот живот; се нестабилни, нерешителни, неистрајни, несигурни. Таквите ниту се добри за себе, ниту за другите. И затоа ништо не им успева во животот; со што и да се зафатат, или се двоумат дали да започнат, или, ги оставаат работите недовршени.
Таквите се ниту жешки ниту студени – млаки се, а такви се и во верата, непостојани, во се’ се сомневаат, а такви се и во молитвата. И додека се молат се сомневаат дека ќе го добијат тоа што го молат.
А ова го потврдил и апостолот кога рекол: „Ако некому од вас не му достига мудрост, нека ја моли од Бога, Кој на сите им дава изобилно и без укор – и ќе му се даде. Но да се моли со вера и никако да не се сомнева; оти оној, кој се сомнева, прилега на морски талас, кого ветрот го издига и растура; таков човек нека не мисли дека ќе добие нешто од Господа.
Човек што се двоуми во сите свои патишта е непостојан“
(Јаков 1, 5-8).15/02 август 2022 Протоереј Миле Талески