Мнозинството европратеници ги отфрли амандманите на бугарските пратеници Александар Јорданов и Сергеј Станишев, преку кои тие побараа од препораките на Мешовитиот парламентарен комитет на Македонија и ЕУ да се избрише формулацијата според која се почитува македонскиот културен идентитет и се гарантира признавањето на македонскиот јазик. На Јорданов, кога тој рече дека треба да се промени македонскиот Устав за да отпочнат преговорите со ЕУ, пратеничката Соња Мираковска му реплицираше: „Не може да го негирате македонскиот народ“.
„Ниту мене, ниту пак на моите сограѓани никогаш не можете да им кажете дека зборуваат на погрешен јазик. Јас сум Македонка, зборувам на македонски јазик и живеам во Македонија која сега се нарекува Северна Македонија и тоа е мојот идентитет“, рече Мираковска и додаде дека не може Бугарија да им кажува на Македонците дека тие зборуваат погрешен јазик.
Таа нагласи е дека Македонија може да биде пример за Европа како се гради мултиетничко општество и на бугарските европратеници им посочи дека во Македонија се признати малцинствата.
„Ги признаваме моите сограѓани Албанци, Турци, па и Бугари ако ги има. Македонија е пример за мултиетничко општество. Овде се нашите колеги кои тоа можат да го потврдат“, рече Мираковска.
Македонската пратеничка, притоа образложи како македонски државјани земале бугарски пасоши и како е тоа проблем на Бугарија што треба да си го истражи и посочи дека граѓаните отпочеток земале таков пасош за да купат добар автомобил, а потоа и за да побараат работа во Европа.
„Но, тоа треба да се истражи, затоа што вие имате бугарски пасоши на македонски граѓани регистрирани на една бандера во град во Бугарија. Тие пасоши се на нелегален начин дадени и за тоа треба истрага. Тоа е ваш проблем“, рече Мираковска.
Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, по излагањето на бугарскиот европратеник, Ангел Џамбаски, кој зборуваше за односите помеѓу Македонија и Бугарија, рече дека две вистини треба да се прифатат во двете земји, а тоа е дека „Втората светска војна е завршена пред повеќе од 70 години, а второ дека Студената војна заврши пред повеќе од 30 години.”
„Бидејќи изгледа не сме ја извлекле лекцијата дека сите несреќи на Балканот во последните 30 години произлегоа од неприфаќањето на овие две вистини. Тоа е оптоварување од двете страни на границата. И битката не е ниту национална, ниту етничка меѓу Македонија и Бугарија. Туку е битката меѓу оние сили коишто сакаат овие две држави да живеат во мир, пријателство и со заедничка европска иднина, како што сме денес сојузници во НАТО, и оние што сакаат да профитираат од вечно замрзнат или затоплен конфликт, зависно од потребата помеѓу нашите два народи, нашите две држави кои се соседни и многу блиски, и кои е природно да бидат блиски“, реплицира Маричиќ.
Важно е напорите да се од двете страни на границата, само така ќе имаме стабилно пријателство, рече вицепремиерот..
На обвинувањата од европратеникот Џамбаски за сепаратизам од страна на Македонија, Маричиќ одговори дека ние сме држава членка на НАТО, докажан партнер и која нема на ниту ден начин посегнато по кој било сосед, туку напротив дека добрососедските односи ни се постојана тема.