Скопје е пред големи предизвици, но верувам дека со рационално, транспарентно и енергично раководење може да стане град каков што граѓаните заслужуваат. Ми претставува исклучителна чест што истражувањата покажуваат дека ја имам довербата на граѓаните за да ја преземам и оваа значајна улога. Скопје е град со огромен потенцијал, но и со големи предизвици, вели Орце Ѓорѓиевски, актуелниот градоначалник на Општина Кисела Вода и можен кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје.
Влегувате во последната година од вашиот мандат како градоначалник на Кисела Вода. Низ ваша призма, како изгледа трансформацијата на оваа скопска општина?
– Последната година од мојот мандат е финалето на сето она што заедно со мојот тим и со граѓаните го постигнавме. Ако во првата година, веднаш по преземањето на градоначалничкиот мандат влеговме со наследен долг од 3 милиони евра, во последната, четврта година влеговме со историски најголемиот буџет досега, што ни овозможи да планираме и реализираме повеќе капитални проекти од кога било претходно. Денес, со гордост можам да кажам дека 95% од предвидените проекти од мојата програма се веќе завршени. Тие опфаќаат инфраструктурни решенија кои беа долгоочекувани од жителите, како и проекти кои значително го подобрија секојдневниот живот – од изградба на улици и канализации до модернизација на јавниот простор и поддршка за предучилишното и училишното образование, спортот и културата.
И во оваа, последна година од мојот мандат како градоначалник на Кисела Вода, приоритет ќе бидат проектите кои директно ги адресираат потребите на граѓаните, затоа што сметам дека секој денар од буџетот треба да заврши токму таму каде што е најпотребно. Наскоро очекуваме нов повик од Владата за распределба на средства за општините, и јас веќе работам со мојот тим на подготовка на квалитетни проекти кои ќе обезбедат дополнителни инвестиции за Кисела Вода.
Она што е најважно е дека граѓаните се нашите партнери. Тие активно учествуваат во планирањето и со нивната поддршка, успеваме да реализираме иницијативи кои се од вистинско значење за општината.
Целото интервју може да го прочитате на МКД.мк