Денеска во свечената сала на Владата на Република Македонија е потпишан т.н. „Договор за Фронтекс“, првиот ваков договор помеѓу Европската комисија и Република Македонија на македонски јазик, во присуство на премиерот Димитар Ковачевски и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Договорот го потпишаа министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон и амбасадорот на Чешката Република во земјава, Јарослав Лудва, во име на чешкото претседателство со Советот на ЕУ.
Станува збор за договор помеѓу Република Македонија и Европската Унија за оперативни активности спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража во Република Македонија.
Овој Договор има оперативно и политичко значење и за Македонија и за Европската Унија.
Од страна на претставниците на Владата на Република Македонија и на претставниците од Европската комисија е споделена заедничка согласност дека потпишувањето на овој прв договор помеѓу Македонија и Унијата е на македонски јазик, без какви било ѕвездички и фусноти, покрај јазиците на земјите членки на ЕУ, е потврда на дело за почитувањето на македонскиот јазик и македонскиот идентитет, од страна на Европската Унија.
Со договорот ФРОНТЕКС, заеднички е оценето дека е направен нов чекор напред во европското единство, во коешто активно придонесува Република Македонија и од позицијата на земја преговарач со Европската Унија, а којашто, како што е безрезервно изразено, е очекувана и добредојдена во скоро време во Унијата, како полноправна членка.
Договорот ФРОНТЕКС, на оперативно ниво ќе овозможи подобра заштита на границите, брзо распоредување на персонал и опрема на ФРОНТЕКС или на странски полициски службеници на критични точки на границите, а во случаи на ненадејно и брзо влошување на состојбата се обезбедуваат можности за сигурна и континуирана размена на информации и податоци, вклучувајќи оперативни сознанија, разузнавачки податоци, продукти од видео и воздушен надзор, сателитски снимки и слично.
Потпишувањето на договорот ФРОНТЕКС е израз на заедничка посветеност на Република Македонија и на Европската Унија за дефинирање одржливи, трајни решенија во справувањето со илегалната миграција и прекуграничниот криминал, пришто, почитувањето на човековите права и демократските принципи се основни темелни принципи на коишто се темели меѓусебната соработка. На овој начин, со имплементацијата на Договорот ќе се придонесе кон ефикасно управување и справување со предизвиците од миграцијата и евентуални потенцијални идни закани, а со тоа и кон справувањето со сериозниот криминал со прекугранична димензија. Договорот ги уредува сите прашања неопходни за распоредување тимови за управување со границите од постојаниот корпус на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража на територијата на Република Македонија, пришто членовите на тимот можат да вршат извршни овластувања.
Оперативната активност, според овој Договор, започнува со писмена одлука на извршниот директор на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража во Република Македонија, по писмено барање на надлежните органи на нашата држава, а соработката се заснова врз принципите на партнерство и меѓусебно почитување, како и одржување на највисоките стандарди на интегритет, етичко однесување, професионализам