Македонецот Мартин Саздов, познат како „Сакса“ е главна ѕвезда деновиве во медиумите затоа што конечно го освои Светското првенство во Дота 2 со неговиот тим Тундра, кој остана непоразен во текот на цел турнир и загуби само четири мапи, а со триумфот во финалето заработи неверојатни осум милиони долари, се вели во сторијата на Sport 1.mk во која е застапен поширок осврт за овој несекојдневен настан за нашата земја.
По долги години во една од најпопуларните игри во светот на е-Спортот, „Сакса“ конечно го оствари сонот кој го имаат голем број играчи на популарната Дота 2, иако патот до успехот воопшто не му беше лесен, но сепак со неговите квалитети заслужи да биде на врвот.
Саздов е во екипата на Тундра од крајот на февруари, а може слободно да кажеме дека дојде во вистинскио период во моќниот тим, кој освои трето и четврто место пред доаѓањето на „Сакса“ во екипата, по што продолжија успешните резултати и на следните неколку турнири, а тоа беше најава за големиот подвиг кој го направија пред некој ден.
„Сакса“ даде интервју за „госугејмерс“ по настапот на турнир во Стокхолм, каде што го освои третото место со Тундра по болниот пораз од неговиот поранешен тим ОГ, но најуспешниот македонски е-спортист во Дота 2 кажа дека тоа ќе им биде само мотив за да продолжат во вистинска насока како тим и тоа се круниса со освојување на „Д Интернешнл“, односно Светското првенство во Дота 2.
„Не е лош резултат третото место во Стокхолм, меѓутоа разочарани сме затоа што бевме во одлична форма и можевме да го освоиме турнирот, сепак во последните денови не игравме најдобро и пристигна казната“, вели македонскиот спортист.
Македонскиот играч во интервјуто доби прашање да направи споредба меѓу тимот на ОГ во кој беше тој и сегашната структура на екипата.
„Можеби филозофијата во тимот е слична, но начинот на кој игра оваа екипа е поразличен од некои претходни изданија на ОГ. Тимот е фокусиран на нивните главни играчи за да имаат добра игра. Тие дефинитивно се едни од најдобрите тимови во моментов и ќе биде предизвик за некој да ги победи“, кажа „Сакса“.
Исто така, „Сакса“ зборуваше за тоа колку е популарен е-Спортот во Македонија, кој во последните години добива популарност кај младите генерации, но сепак за жал не е на нивото на останатите спортови како фудбалот, кошарката, ракометот и други.
„Е-спортот не е многу популарен во Македонија. Дота 2 е популарна само меѓу момците од 20 до 35 години, но не е премногу застапен и кај новите генерации. Ме препознаваат некои луѓе од време на време, но мислам дека голем дел од нив ме знаат поради тоа што сум единствен играч кој игра на големи турнири во моментов“, вели Саздов во неговото интервју пред неколку месеци.
Најуспешниот македонски еспортист во Дота 2 кажа и како сака да си го поминува слободното време, затоа што не му е Дота 2 сè во животот.
„Сакам да гледам цртани филмови, да одам на прошетки, да го минувам времето со семејството, девојка ми или пријателите, а правам и многу други работи“, открива ѕвездата на Тундра.
Ова беше трет настап на „Сакса“ на Светското првенство во Дота 2 и конечно ја доби првата титула на големиот турнир и тоа дефинитивно е најголемото достигнување на било кој македонски е-спортист досега.
Е-спортот е потврден како национален спорт од јануари оваа година со препознавањето на Македонската е-спорт Федерација (МЕСФ) и нејзиното признавање од страна на АМС, додека е-Спорт федерацијата активно работи од 2005 година и е препознаена како 66. членка на Меѓународната е-спорт федерација.
Мартин Саздов – Сакса, 27-годишен гејмер од Свети Николе, за кого пред неколку дена слушна целиот свет, откако неговиот тим победи на Интернационалниот ,,Дота 2” турнир во Сингапур, и освои 8.518.822 долари, стана едно од најпребаруваните имиња на интернет кај нас.
Кое е момчето, кое стана најдобра ,,Дота 2” играч на светот, кое со својот тим ,,Тундра Еспортс” ја освои милионската награда?
Од она кое може да се прочита во неговата биографија, како што пишува Фокус, објавена на страницата Liquipedia Dota 2, тој играл видео игри уште кога бил тригодишно дете.
Започнал да игра ,,Дота” на свои десет години, и се повеќе се усовршувал. Кога забележал дека има голем напредок, решил да го остави универзитетот, и да се посвети целосно на ,,Дота 2”.
Во 2015 година го доживеал првиот значаен успех, кога со неговиот тогашен тим ,,4 clover & lepricon” освоил 65.000 долари. Во 2016 година прво со тимот ,,Digital chaos” освоил 3.427.126 долари, а потоа истата година, со истиот тим освоил уште 250.000 долари на натпревар.
Во 2017 година се спомнуваат освоени 125.000 долари, а пак во 2019 година во два наврати освојувал по 125.000 долари со своите тимови.
Во 2020 година исто така два пати освоил награди, и тоа првин 125.000 долари, а потоа 100.000 долари. Лани со тимот ,,ОГ” освоил 1.000.500 долари, а пак годинава со тимот Тундра Еспортс брилираше со наградата од 8.518.822 долари.
Околу тоа кој е приватно Сакса, во биографијата е наведено дека тој е највисокиот играч на професионалната ,,Дота 2” сцена, со 2.03 метри висина.
Пишува дека тој станал првиот македонски играч кој учествувал на интернационалниот натпревар во 2016 година. Името Сакса го добил во раните години кога започнал да игра ,,Дота”.
Прво добил златно членство, но сметката му била хакирана. Откако бил пронајден хакерот, добил нова сметка со името Сакса, кое го користи до денес.
Најомилените пријатели на најмладите, „Биби и Боби“, вечерва пристигнуваат во Битола! Во 19:00 часот, пред Офицерскиот дом, сите посетители ќе можат да уживаат во магијата на празничниот дух преку танци, игри и незаборавна атмосфера што ќе ги стопли срцата на сите, без разлика на возраста.
„Зимска приказна“ продолжува да создава моменти за паметење, збогатувајќи ја празничната радост со незаборавни настани.
Македонската етно-пејачка, прилепчанката Добрила Грашеска, која настапува во популарниот состав Чалгија саунд систем и со Добрила и Дориан дуо, деновиве се појави во програмата на грчкото Фолк радио (Folkradio.gr) и отпеа две песни. Станува збор за традиционалната коледарска песна што ја пеат децата од Прилеп, „Коледица, Варварица“ и македонската народна љубовна песна „Кој ти ги даде тие црни очи“
Снимено дома, со телефон, ама искрено и со љубов. И драго ми е што нашите соседи покажаа интерес и со такво внимание ѝ пристапија на нашата музика.- напиша Грашеска на својот профил на Фејсбук.
Добрила Грашеска, прекрасна пејачка од Северна Македонија, позната по соработките со Чалгија Саунд Систем и како дел од дуото Добрила и Доријан, ги испраќа своите желби на folkradio.gr со песни од Прилепско-стои во објавата на официјалната фејсбук страница на радиото.
Во продолжение слушнете ја изведбата на нашата Добрила Грашеска
Инаку, Folkradio.gr е специјалиѕирано музичко радио за афирмација и истражување на грчката народна музика. Како што стои на интернет порталот на радиото, народната музика е една од најстарите форми на култура во светот и опстанала до денес благодарение на безвременската вредност заснована на висока естетика и креативен континуитет. Folkradio.gr се стреми да ја пренесе оваа естетика и специфичноста на грчката народна музика, која можеби е родена пред многу векови во рурални услови и преку човечки контакт со природата и нејзините елементи, но денес докажува дека е многу моќно средство за изразување дури и во модерното време, кога светот се пресели во градовите и комуникацијата не познава граници.
На платото пред спортската сала Расадник, Општина Кисела Вода ќе организира весела и незаборавна прослава на Новата 2025 година. На 31 декември, под слоганот „Скопска Новогодишна приказна“, жителите на Кисела Вода и сите граѓани на Скопје ќе имаат можност да уживаат во целодневна програма со богати содржини за сите генерации, информираат од општината.
Настанот започнува во 10:30 часот со настап на Балетското студио „Лебед“, а ќе продолжи со Бисера Мојаноска и театарската група „Театар за тебе“. Малите посетители ќе уживаат во настапот на „Поточиња“, аниматорите и задолжителниот Дедо Мраз, кој овој пат ќе биде во друштво на ликот Гринч. Вечерната програма започнува во 20:00 часот со настап на популарната група „Куку Леле,“ продолжува со Игор Џамбазов, кој е и водител на вечерта, а ќе настапи заедно со „Гуру Харе Бенд.“ Потоа, на сцената ќе се појават ДНК и Врчак, а кулминацијата и пречекот на Новата година ќе го означи настапот на Лозано.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски нагласува дека Кисела Вода повторно се позиционира како општина која знае да организира врвни настани со квалитетна музичка понуда, потсетувајќи на успешните културни лета кои со години привлекуваат голем број посетители.
-Додека од Град Скопје нема никаква најава за организирана прослава за најлудата ноќ, Општина Кисела Вода уште еднаш докажува дека е лидер во организирањето културни настани. Со домашни изведувачи кои се миленици на публиката, создадовме програма која ги обединува генерациите. Ова е наш подарок не само за жителите на општината, туку за целиот град. Ги поканувам сите скопјани да ни се придружат и заедно да ја пречекаме 2025 година со многу радост, музика и убави мигови. Сите сте добредојдени да бидете дел од оваа „Скопска Новогодишна приказна“, која ветува незаборавна забава и многу позитивна енергија- изјави Ѓорѓиевски.