Во моментот таму живеат 100-тина единки, а дел од стадото деновиве ќе биде пуштено надвор од оградениот простор, сами да продолжат во природата. Ќе претставуваат атракција за љубителите на планината и ќе привлечат поголем број посетители во НП „Галичица“.
Две ипол метарската жичена ограда ги штити од дивиот и за нив суров свет. Тоа го покажуваат и честите посети на волци околу оградата, а имало и случај кога мечка ја срушила заштитната ограда во обид да влезе во стадото.
Склад за храна, хранилки, голема локва, односно поилиште за вода се дел од сликата меѓу разиграното стадо. Поголемиот дел се подготвени сами да егзистираат во дивината, но во стадото има и мали, кои ќе продолжат да растат во хумани услови и човечка грижа.
– Во рамки на репродуктивниот центар изградена е потребната инфраструктура. Има објект за складирање на храна (зрнеста и кабаста) со која континуирано преку цела година вршиме прихрана на елените. Во објектот има и просторија за вработените, кои го опслужуваат репродуктивниот ценатар. Изградени се десетина хранилки, голема локва/поилиште за вода и шест двотонски цистерни за складирање на вода. Репродуктивниот центар има и мал внатрешно ограден простор кој е потребен за одвојување на единки кои од него ќе се пуштаат во дивина, како и целосна покриеност со видео надзор, вели раководителот на Одделението за заштита на природата од НП „Галичица“, Андон Бојаџи.
Репродуктивниот центар елените ќе го заменат со предизвикот на дивината
Иако во моментот живеат во природна средина, сепак вработени во јавната установа НП „Галичица“ се грижат за нив, за потребите од храна, вода, но и за нивното здравје. Токму поради тоа, како што информира Бојаџи за МИА, на два елени ќе им бидат поставени џи-пи-ес уреди со кои ќе бидат следени каде се движат и како се однесуваат во природната средина. Шест единки пак, ќе бидат подарени на заштитениот предел Осоговски Планини за подобрување на генетскиот фонд на популацијата на европски елен во осоговието.
Репродиуктивниот центар е изграден во 2018/2019 година со цел реинтродукција на европскиот елен и правилно управување со високопланинските пасишта во Националниот парк со помош на дива фауна.
Во 2019 година во центарот донесени се 30 единки, од кои 24 женки и шест мажјаци. Изминатите три години имало принова од елените и сега стадото во репродуктивниот центар брои околу 100 единки. Деновиве се очекува да бидат пуштени 60-тина, а другите ќе останат во центарот уште неколку години со континуирано ослободување од заградениот простор. Заштитничкиот простор од центарот ќе го напуштат соочувајќи се со предизвиците од дивината, пред се поради податокот за зголемувањето на бројот на волци на Галичица.
– Елените се надеваме дека ќе се снајдат во природната средина бидејќи ова е реинтродукција, не е нов воспоставен вид. Тие веќе се навикнати на оваа животна средина.
Сите организми имаат развиено одбранбен механизам и се надеваме елените ќе можат да преживеат во условите во кои ќе бидат пуштени. Има зголемен број волци на планината, но претпоставуваме дека ни тоа нема да биде проблем за популацијата која ќе ја ослободиме, смета Константин Здравески од НП „Галичица“.
Поради сознанието дека Галичица е сува планина постои опасност од спуштање на елените по вода дури и до езерото со што може да се доведе во прашање нивното егзистенцијално преживување, но и да предизвикаат проблем во сообраќајот при преминување на патот.
– Заради недостигот на вода во тек е проект преку кој се обезбедени две пумпни станици со кои ќе се обезбеди доволно количество вода за полнење на 18-те локви, кои се наоѓаат на повисоките делови на Галичица со што ќе се намали веројатноста елените да се спуштат на пониска надморска височина, додава Здравески.
Очекувањата се дека за десетина години, природната популација на европски елен во Националниот парк ќе стане самоодржлива и способна да обезбеди активно управување барем на дел од високопланинските пасишта и спречување на процесот на сукцесија.
Елените не се за лов, туку за управување со високопланинските пасишта
Елените не се пуштаат за ловни активности, туку само за управување со високопланинските пасишта, кои поради намален обем на сточарството во изминатите години се пораснати, а нивната биомаса е значително зголемена што претставува опасност од пожари на отворено.
– Редовното напасување од големите стада овци, но и косењето на тревата, како и повременото палење на пасиштата, создале вреден екосистем со исклучителна биолошка разновидност и особени пределски вредности. Одржувањето на овој екосистем е возможно само со негово активно управување, односно користење без разлика дали тоа ќе се обезбеди со домашна стока или со здрава популација на диви тревопасни животни, вели Бојаџи.
Драстичното опаѓање на интересот за сточарство и изостанокот на користење на високопланинските пасишта, додава Бојаџи, предизвика процес на сукцесија.
– Во овој процес, можеме да очекуваме значаен дел од живеалиштата, во долг временски период да се променат и да изгубат дел од својата биолошка разновидност и пределските вредности кои ги поседуваат. Бидејќи не е реално да очекуваме сточарството да стане повторно атрактивно, особено не стариот традиционален начин, Јавната установа Национален парк Галичица преку повторно внесување на европскиот елен, се обидува да обезбеди активно управување со овие екосистеми. Со тоа, ќе се зачувува барем еден дел од овој вреден екосистем, истакнува Бојаџи.
Дополнително, зголеменото присуство на елени во природата на паркот и можноста да се набљудуваат во дивина значително ќе ја зголеми атрактивноста и ќе го зголеми бројот на посетители. Со тоа од Националниот парк Галичица сметаат дека ќе придонесат кон зголемувањето на свеста за потребата од заштита на природното наследство кое го поседуваме./МИА.