По потпишувањето на Меморандум за разбирање за безбедност на 5Г технологиите меѓу Македонија и САД, американскиот потсекретар за економски раст, енергија и животна средина, Кеит Крач, упати благодарност до македонскиот премиер Зоран Заев за, како што рече, неговата визија, лидерство и пријателство.
„Северна Македонија е драгоцен стратегиски партнер и оваа церемонија на потпишување е доказ за силното пријателство меѓу нашите две држави”, рече Крач.
Тој нагласи дека мрежите ќе бидат од витално значење за економски просперитет и стабилност во регионот.
„Чистата мрежа е сеопфатен пристап да се адресираат долгорочните закани за приватноста, безбедноста, соработката и човековите права, а по однос на Северна Македонија, мојата мисија е да се донесат што е можно повеќе приватни инвестиции”, истакна Крач.
„Мислиме дека можеме да ја контролираме судбината на 5Г и ќе ги водиме луѓето кон безбедна и чиста иднина. Меѓутоа, она што е најбитно е дека со ова потпишување станува збор за довербата, која е основата во секој однос, деловен или личен однос, всушност купувате од луѓето на коишто им верувате.
Станувате партнери со луѓето на коишто им верувате. Ова значи градење на отворена интероперативна безбедна глобална комуникација која што се базира на споделени демократски вредности во чија основа се наоѓа довербата”, рече Крач
Според премиерот Заев, кога се зборува за дигитализација како за четврта револуција, „5Г-мрежата ќе предизвика многу попозитивни ефекти отколку појавата на електричната енергија и ќе биде инструмент за трансформација, односно за дигитализација на традиционалните индустрии”.
Заев нагласи дека Македонија како земја кандидат за членство во ЕУ има обврска да ги усогласи националните политики за развој на електронските комуникации со политиките на ЕУ, како и со политиките за безбедносните аспекти на имплементацијата на 5G-технологијата со стратегискиот партнер и сојузник во НАТО, САД”.
Тој посочи дека имајќи ги предвид предностите на безжичната комуникација од петтата, односно 5Г-технологијата, овој Меморандум за соработка е од витално значење за идниот просперитет на нашата земја од економски аспект, како и за националната безбедност.
„5Г ќе овозможи огромна низа нови апликации, вклучително и обезбедување клучни услуги за јавноста што ќе им користат на нашите граѓани и на нашата економија. Зголемените количини на податоци на 5Г-мрежите дополнително ќе ги поврзат економиите во светот, вклучително и Република Северна Македонија и САД и ќе ги олеснат прекуграничните услуги и трговијата”, нагласи Заев.