Вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, денеска во изјава за медиумите кажа дека се откриени нови злоупотреби со имотот на Министерството.
Тој посочи дека возило џип марка „бмв, вредно околу 60.000 евра било најдено во многу лоша состојба во сервис за поправка, каде од него биле вадени делови и тие биле користени за потребите на сервисот.
– Најновата злоупотреба која пред некој ден е откриена, а тоа е возилото џипот „бмв“, кое е во сопственост на Министерството е најдено во поприлично лоша состојба во еден од сервисите во кое се вршело порано поправка на возилото. Тука веќе е ангажирано Министерството за внатрешни работи. Не сакаме да го подигнеме. Бараме записници, нема записници како е предадено, а сведоците велат дека е предадено во нормална состојба. Тој џип вреди 50-60 илјади евра. Не можам да утврдам за што бил користен, меѓутоа можам да пренесам дека сега личи на „оскубена кокошка“. Јавноста кога ќе ги види сликите ќе процени како може еден сериозно скап автомобил да биде оставен на милост и немилост на сервис каде се извадени вратите, извадени се делови од него – рече Стоилковиќ.
Тој вели дека е згрозен од начинот на кој се трошени не само средствата, но и како се управувало со ресурсите на Министерството.
– Возилото е оставено во сервис и не е подигнато. А, сервисот си постапувал согласно потребите кои му биле на дневен ред. Ваделе делови од него за нивните претпоставувам приватни потреби. Тоа истрагата ќе го утврди, рече министерот на настан во Министерството по повод празникот на Србите „Свети Сава“.
Стоиљковиќ потенцира дека претходното раководство од касата на Министерството подигнало 37.000 евра кои, како што рече, никогаш не биле вратени и се без никакво образложение.
– Триесет и седум илјади евра државни пари од касата на Министерството се подигнати и никогаш не се вратени, без никакво образложение. Поднесено е до Финансиската полиција соодветна пријава. Очекуваме оттаму тоа што е работа на државните органи да си ја сработат. Очекуваме ад-хок ревизијата која ја спроведе Министерство за финансии да ви ги даде резултатите. Таму има најави за сериозни нарушувања на некакви правила и процедури во однос на трошењето на државните пари. За тоа се подготвуваме да дадеме информација на затворена седница на Владата и согласно одлуките и заклучоците кои ќе произлезат од затворената седница ќе ги доставиме тие наоди на ад-хок Државната ревизија до надлежните институции. Досега за она што е констатирано, за сето она за што имам дадено изјава во македонската јавност, е проследено до државни органи – рече Стоилковиќ.