Нешто повеќе од 1.500 денари или 24,6 евра државата троши по глава на жител за правосудството, што е далеку под европскиот просек од 74,9 евра. Но, гледано како процент од БДП, судскиот буџет е значително над европскиот просек.
Државата одвојува 0,39 проценти од БДП за судството, додека европскиот просек е 0,28. Најголем дел од средствата – 78,1 процент оди за судството, 20,9 проценти за обвинителствата и само 1 процент за правна помош.
Иако бројот на судии во земјава е во постојан пад и во последните десет години е намален за околу една третина, со 22,3 судии на 100 илјади жители земјава е нешто малку над европскиот просек од 21,9 судии на 100 илјади жители. Иако 62 проценти од судиите се жени, сепак, бројот на жени претседатели на судови е помал – 41 процент, наспроти мажи кои се претседатели на судови – 59 отсто.
Судиите и обвинителите имаат најниски плати во регионот. Ако на почетокот на кариерата, бруто платата на судиите е двојно помала од европскиот просек, на крајот на кариерата разликата само се зголемува и е речиси четири пати поголема.
Буџетот за ИКТ во судството во земјава бележи раст и гледано како процент од вкупниот буџет на правосудството, бележи раст од 1 процент во периодот 2014-2018, на 2,6 проценти во периодот 2018-2022 година. Иако буџетската правна помош по жител во земјава е зголемена од 0,16 евра во 2020 на 0,3 евра во 2022, останува еден од најниските во Европа.
Ова го покажува најновиот Извештајот за ефикасност и квалитет на правдата во Европа на Европската комисија за ефикасност на правдата на Советот на Европа (CEPEJ) којшто содржи податоци за 2022. Извештајот ги идентификува главните трендови во судските системи на 44 европски земји и две земји набљудувачи – Израел и Мароко.
Од регионот, за судство најмногу одвојува Црна Гора – 60,5, а најмалку Албанија – 15,8 евра по глава на жител
Генерално повеќе од две третини од правосудниот буџет на земјите оди за плати, нешто помалку од 10 отсто за судските згради, речиси 6 отсто за компјутеризација, а само 0,6 за обуки и едукација. Во споредба со претходниот извештај, најголем раст од 54 проценти има во буџетот за обуки и едукација и компјутеризација 24 отсто. Буџетот за плати има раст од 10 отсто, додека инвестирањето во нови згради и простории има намалување од 40 отсто.
За десет години бројот на судии е намален за една третина, но се уште е над европскиот просек
Бројот на професионални судии во земјава е намален за еден третина во десет години од 32,4 судии на 100.000 жители во 2012 година, на 22,3 судии во 2022 година. Во меѓувреме европскиот просек е константен на 17,6 судии на 100.000 жители. Генерално источноевропските земји се над европскиот просек, додека западноевропските под европскиот просек на судии на 100 илјади жители. Па така, Англија и Велс имаат по тројца судии на 100 илјади жители, Франција и Шпанија по 11, Италија 12, додека Германија 24,7 судии на 100 илјади жители.
Од земјите во регионот само Албанија има помалку судии од нас, по 11,4 на 100 илјади жители, потоа следат Босна и Херцеговина со 29, Бугарија со 33,9, Грција со 37, Србија со 39,1 и Хрватска и Црна Гора со по 42,4 судии на 100 илади жители.
Земјите со повеќе професионални судии, исто така, имаат и повеќе судска администрација. Просечниот европски сооднос е околу 4 вработени во судска администрација на 1 судија, додека кај нас тој изнесува 5 на 1 судија.
Со 8,5 јавни обвинители на 100 илјади жители ние сме далеку под европскиот просек од 12,2. Најмногу обвинители имаат Бугарија, Латвија и Молдавија – над 23, додека најмалку Франција и Ирска под 3 јавни обвинители на 100 илјади жители.
На еден јавен обвинител во земјава има 2,3 вработени не јавни обвинители, што пак е над еврпскиот просек, каде на еден јавен обвинител има 1,5 вработени не јавни обвинители.
Судиите и обвинителите во земјава имале речиси двојно повеќе обуки во однос на европскиот просек. Судиите во земјава во просек посетиле по 3,4 обуки, наспорти европскиот просек од 1,9 обуки, додека јавните обвинтели имале 4,1 обука, наспроти европскиот просек од 1,3 обуки по јавен обвинител.
Бројот на адвокати е зголемен од 121,1 адвокат на 100.000 жители во 2012, на 153,5 адвокати во 2022 година и е во рамки на европскиот просек од 155,5 адвокати на 100.000 жители.
Судиите и обвинителите со најниски плати во регионот и далеку под европскиот просек
Судиите во земјава на почетокот на кариерата имаат сооднос на 2,1 плата наспроти просечна национална плата. Додека ова е исто со европскиот просек, на крајот од кариерата европскиот просек на платата на судиите е 4,3 пати над просечната национална плата, додека кај нас тој сооднос е 2,9 пати.
Бруто платата на судиите на почеток на кариера изнесува 19 171 евро, што е многу под европскиот просек од 46.812 евра годишно. Оваа разлика само се зголемува со годините стаж, па така на крајот на кариерата кај нас судиите заработуваат во просек по 27.023 евра, додека европскиот просек е речиси четири пати поголем – 100.367 евра.
Од земјите во регионот судиите во Црна Гора на почетокот на кариерата заработуваат 19.557 евра, во Србија 20.967 евра, Албанија – 25.304 евра, Хрватска – 27.754 евра, БиХ – 29.224, Бугарија – 30.085 и Грција – 31.710 евра.
На крајот на кариерата платите на судиите во Албанија стигнуваат до 32.420 евра, Црна Гора – 32.864, Србија – 49.741, Бугарија – 53.144, БиХ – 55.907, Хрватска – 57.558 и Грција – 96.037 евра.
Јавните обвинители во земјава со 1,9 пати над просечната националната плата на почетокот на кариерата имаат нешто над европскиот просек од 1,7. Но, оваа почетна предност не е доволно, па на крајот од кариерата имаат 2,7 пати над просечната национална плата, што пак е под европскиот просек од 3,2 пати.
Обвинителите на почетокот на кариерата имаат бруто плата од 18.014 евра годишно, што е под европскиот просек од 42.249 евра. На крајот од кариерата македонските обвинители заработуваат во просек по 25.461 евра, што е под европскиот просек од 70.090 евра.
Од земјите во регионот јавните обвинители во Црна Гора на почетокот на кариерата имаат плата од 18.310 евра, Србија – 18.368, Албанија – 23.507, Хрватска – 27.754, БиХ – 29.266, Бугарија – 30.085 и Грција 31.710 евра.
На крајот на кариерата платите на јавните обвинители достигнуваат до 31.673 евра во Албанија, 32.650 – Црна Гора, Србија – 34.595, Бугарија – 53.144 евра, БиХ – 55.611 , Хрватска – 57.558 и Грција – 87.247 евра.
Буџетот за Информатички и комуникациски технологии (ИКТ) во судството расте
Од земјите во регионот повеќе за ИКТ технологија издвојуваат судските власти во Хрватска – 2,21 евро по глава на жител, Црна Гора – 0,79 евра, Србија – 0,62 евра, додека помалку Босна и Херцеговина – 0,52 евра по глава на жител и Бугарија – 0,32 евра. Албанија, дури има и намалување на буџетот за ИКТ од 0,10 евра по глава на жител во 2014-18 на 0,08 евра во 2018-22 година.
Извештајот во делот на ИКТ за земјава, покажува дека индексот на распоредување на ИКТ во земјава е 3,3, што е под европскиот просек од 4,16. Најсилната ИКТ категорија е „менаџмент на случаи“, и е 56% повисок од вкупниот индекс, што укажува на тековната дигитализација на главниот регистар на случаи. Извршителите имаат електронски софтвер за управување со предмети и се поврзани со земјишниот регистар и бази на податоци. Во подготовка е нова ИКТ стратегија, додека стратегијата 2019-2024 не е финализирана.
Извор: Вечер.мк