Раст на кредитите и депозитите, зголемена нето добивка и силен придонес во заедницата се остварувањата на НЛБ банка по одработените девет месеци од годинава. Стабилното и безбедно делување резултира со профит од близу 44,2 милиони евра. За 11,6 проценти повеќе од минатогодишната добивка забележана по истекот на третото тримесечје.
За ова постигнување значајна е и довербата од клиентите, изразена со растот од 8,1 насто кај депозитите и со 6,9 проценти кај кредитите.
Во споредба со нивото од крајот на 2023, вкупните депозити во НЛБ банка се зголемени за 2,5 проценти. На последниот ден од септември нивниот износ е 95.162.259.000 денари или 1,54 милијарди евра. Тоа значи дека на НЛБ и се доверени 17,05 отсто од вкупните депозити во банките, кои според податоците на НБРСМ, во деветиот месец од годинава изнесуваат 9,03 милијарди евра.
Побарувачката од страна на граѓаните за кредити – станбени, потрошувачки и автомобилски го зголемила кредитирањето за шест проценти. Па, вкупните кредити кај небанкарскиот сектор изнесуваат 77.217.292.000 денари, односно 1,25 милијарди евра. Бележат зголемување од 4,2 насто.
Оттаму, во својот биланс на успех НЛБ банка регистрирала и раст на каматните приходи од 20,1 процент. А, само приливите од пресметаните и наплатени камати се повисоки за 21 процент, што според образложението, меѓу другото се должи на приходите од камата кај станбените и потрошувачките кредити на домаќинствата. Расходите, пак, за камати се зголемени за 29 проценти.
Од наплатените провизии за дадените банкарски услуги нето-приходот е 3.481.718.000 денари (56,6 милиони евра). Што е за 15,3 насто повеќе споредено со претходната година. Наспроти тоа, трошоците по оваа основа се намалени за 12,6 отсто.
Од деветмесечното работење Банката на приходната страна инкасирала вкупно 5.038.748.000 денари (81,9 милиони евра), сума која е за 13,8 насто повисока од ланската. За 10,4 проценти се поголеми и оперативните трошоци, кои изнесуваат 33,7 милиони евра.
„Позитивните деловни перформанси на Банката се должат на континуираните продажни активности на кредитните продукти со посебен фокус на домаќинствата, микро, малите и средни претпријатија, зголемен број на корисници на платните сервиси, како и позитивните трендови на финансиските пазари. Воедно, успешното работење на Банката е и резултат на внимателно управување со ризиците, оперативната ефикасност, како и постојаната посветеност за подобрување на корисничкото искуство и искористување на можностите за понатамошен раст“, велат од НЛБ банка.
Воедно, посочуваат дека во трите тримесечја реализирале и поддржале низа општествено одговорни проекти и активности од областа на спортот, културата и традицијата, образованието и финансиската едукација, помош при катастрофи и поддршка на ранливи и маргинализирани групи.
„Во споменатиот период започна втората сезона на проектот за развој на младински спорт ‘Растеме во шампиони’, а Банката и годинава застана зад годишната програма на ‘Специјалната Олимпијада’, но и зад многу професионални спортски клубови и федерации. Традиционално, НЛБ банка ги поддржа Галичка свадба, Охридско лето, Скопскиот џез фестивал и низа други проекти значајни за заедницата“, наведуваат од Банката.
Тој курс ќе биде задржан и во понатамошното работење – НЛБ банка ќе ги поддржува потребите и активностите на граѓаните и на бизнисот. Во фокусот и натаму се дигитализацијата, унапредувањето на клиентското искуство, проширување на портфолиото на производи и услуги со посебен акцент на „зелените“ продукти, како и општествено одговорните проекти.
Субвенционирањето, иако не е изразено во фактурите продолжува. Министерството за енергетика и ЕСМ се насочени кон намалување на производната цена, за да се намали јазот меѓу цената по која се произведува струјата и онаа која се продава на домаќинствата и на малите фирми
Домаќинствата и малите компании кои се на регулираниот пазар не ја почувствуваа многу енергетската криза. Цената на електричната енергија беше субвенционира од страна на државата. Но, како што рече министерката за енергетика Сања Божиновска на брифингот со новинарите, фактурата за тоа субвенционирање стигна и изнесува 60 милиони евра за две и пол години.
-Мора да работиме на подобрување на финансиската состојба на ЕСМ. Новиот Управен одбор пред себе има тешка задача да ја консолидира компанијата. Производната цена на ЕСМ е многу висока. Трошоците за производство на мегават-час за 4 години скокнаа од 50, на 133 евра за роизведен мегават-час во РЕК Битола, а на ниво на АД ЕСМ 112 евра за мегават-час. Е сега прашање е како тоа се случи. Се користеше многу лош јаглен, не се правеа редовни ремонти, видовте што се случи со адитивите … – рече Божиновска.
Минималната плата да биде 500 евра, придонесите да се намалат од 47,7 на 32 отсто, а дел од администрацијата да се прераспредели во приватниот сектор, бара Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ).
Комората денеска повторно го актуелизираше и прашањето за поврат на ДДВ-то кон компаниите. Како што изјави претседателот на СКСЗМ, Менди Ќура, и претходната и сегашната Влада доцнат со враќањето на данокот.
-За администрацијата, нашите предлози се од претходно, уште пред да дојде оваа Влада. Мислиме дека администрацијата е преоптоварена и сакаме дел од неа да се преквалификува во приватниот сектор. За минималната плата, исто така, зборуваме веќе една година и бараме да биде 31 500 денари. Бараме и придонесите да се намалат зашто мислиме дека се превисоки и тоа е товар што ја пенализира платата. Кај нас е прогресивно, што повеќе плата даваш, даваш и повеќе придонеси. На илјада евра се плаќа 52 отсто, не се плаќа 47 отсто. За минималната плата се плаќа 47,5, а за повисока плата, од илјада евра на пример, 52 отсто. Во Словенија каде што има повисока плата, 42 отсто оди надолу, од 42 на 41,… На таков начин да се стимулира. За ДДВ-то образложението беше вакуумот меѓу промените, па и претходната влада пред да оди избори заостана со враќањето, а и сегашната кога дојде, исто така задоцни. И така, одвреме – навреме на некоја компанија и се плаќа, па се враќа па се сменува бројот, истакна Ќура.
Тој не прецизираше како би се стимулирало евентуалното преминување на дел од администрацијата кај бизнисот, дали преку некој вид отпремнина или повисоки плати.
-Од двете страни треба, и од Владата да се делат средства и од компаниите за да се стимулираат тие работници да се префрлат од администрација во приватен сектор, нагласи претседателот на СКСЗМ.
Шест месеци по формирањето на Министерството за енергетика, рударство и минерални ресурси, веќе се видливи првите придобивки од новиот пристап водењето на енергетската политика на Македонија. Од оваа дистанца, денес, слободно можам да констатирам дека формирањето на Министерството е повеќе од административна промена – тоа е фундаментален чекор со кој се поставија темелите за структурни реформи и долгорочна стабилност во енергетскиот сектор, чекор кој покажа дека политичката визија, кога е проследена со храбри одлуки и стратешки инвестиции, може да создаде енергетска мапа која е стабилна, иновативна, одржлива и која долгорочно ќе ја обликува економијата и индустријата на земјата.
Оттука, за мошне кус период, надминувајќи ги првичните предизвици околу ставањето во функција, екипирањето и опремувањето, Министерството не само што иницираше амбициозни реформи, инвестиции и постави рамка за меѓународна енергетска соработка, туку и јасно ги постави целите над кои ќе работи во годините што доаѓаат. Имено, главната цел над чија реализација мора макотрпно да се работи е зголемувањето на домашното производство на електрична енергија и намалувањето на зависноста од увоз, со што Македонија не само што ќе ги задоволи сопствените потреби, туку и ќе стане значаен извозник на енергија во регионот.
За реализирање на оваа цел, Министерството започна со крупни инвестициски чекори во обновливи извори на енергија. Фотоволтаичните електрани „Битола 1“ и „Осломеј 2“, финансирани со грант од ЕБОР во износ од 5 милиони евра и заем од 25 милиони евра се главните проекти во овој период. Овие електрани со капацитет од 30 MW годишно ќе произведуваат околу 46 GWh електрична енергија, што ќе ги задоволи потребите на повеќе од 7 000 домаќинства и ќе ги намали емисиите на CO₂ за 40 000 тони.
Покрај ова, започнавме проекти за модернизацијата на електропреносната мрежа и инвестирање во трафостаници кои ќе овозможат подобро искористување на потенцијалот за обновливи извори на енергија, кој досега остануваше неискористен. Всушност, за изградбата на трафостаницата блиску до Милетково и обновата на 110 киловолтниот далновод Валандово – Струмица, што ќе овозможи приклучување на нови 1170 мегавати од обновливи извори кои стојат неприклучени, беше обезбеден грант од 7,6 милиони евра, а континуираното зајакнување на мрежата започнува да се прави со обезбедени 26,4 милиони евра од ЕБОР – Европската банка за обнова и развој.
Паралелно со овие процеси, Министерството се фокусираше на активно подобрување на регионалната енергетска поврзаност преку интерконекторите со соседните земји. Во овој контекст, за интерконекторот со Грција, чија реализација е предвидена за 2025 година беше спроведен тендер и обезбедена заштеда од околу 12 милиони евра во споредба со претходните проценки за истиот проект. Овој интерконтектор има големо стратешко значење за енергетската стабилност на нашата држава и ќе овозможи диверзификација на изворите на енергија, што беше речиси незамисливо во изминатиот период.
Сепак, клучен дел во енергетската транзиција на земјата претставува модернизацијата на мрежата на МЕПСО, каде со уште една поддршка на ЕБОР, започнавме процес на модернизација преку воведување паметни технологии и ажурирање на 10-годишниот план за развој на мрежата. Покрај ова, во подготовка е инвестициски план за развој на батериски системи и пумпно-акумулациони хидроцентрали, кои ќе обезбедат стабилност на мрежата и оптимизација на обновливите извори. Дополнително, преку соработка со меѓународни партнери, се планирани активности за намалување на загубите во дистрибутивната мрежа.
Покрај гореспоменатите потфати, во изминатиот период, Министерството се фокусираше и на поставување ред и законодавни промени, односно усогласување на регулативите со европските стандарди. За таа цел, спроведовме темелна ревизија на затекнатата состојба во енергетскиот сектор, што откри големи недостатоци, долгови и злоупотреби. Во соработка со релевантните институции, откриени беа случаи на несоодветно управување и незаконски активности, за кои се преземени соодветни правни мерки.
Како продолжеток на ова започнат е процес на донесување четири нови закона, Закон за енергетика, кој е усогласен со европските регулативи, Закон за обновливи извори на енергија, кој ќе ја отвори и вратата за напредни технологии за складирање енергија, Закон за енергетска ефикасност, кој ќе поттикне инвестиции во зелени технологии и Закон за рударство, кој ќе обезбеди одговорно користење на минералните ресурси на земјата.
Во фокусот на нашите активности изминатите шест месеци беше толку споменуваниот и клучен енергетски капацитет – РЕК Битола. За жал во изминативе неколку години, РЕК Битола користел лош јаглен, кој направил штета на системот, а дополнително, не биле правени и редовните ремонти и одржување. Новото раководство на РЕК Битола обезбеди висококвалитетен јаглен по значително пониска цена, што резултираше со заштеда од три милиони евра, кои ќе бидат насочени кон модернизација и технички подобрувања на комбинатот.
Во РЕК Осломеј, покрај итните санации за зголемување на производството, започна трансформација кон модерен енергетски објект базиран на обновливи извори. Овие активности ги поставуваат основите за одржлив развој на енергетските капацитети.
Од друга страна, затекнавме и лоша состојба во секторот рударство. За жал, претходната власт во државата и одговорните луѓе немале никаков увид, ниту редовна инспекција како се користат рудните богатства на Македонија. Затоа, како прв чекот кон ставање ред во овој домен, започнавме со процес на прегледување на сите концесии и преземање мерки за раскинување на истите доколку се прекршени правилата од договореното.
Но сепак, она што во овие изминати шест месеци ме прави исклучително горда и ми дава дополнителен мотив за истрајност и бескомпромисна борба е фактот дека во услови на глобална енергетска криза, Министерството спроведува стратегија за заштита на граѓаните од ценовни шокови и стабилно снабдување со електрична енергија. Цената на електричната енергија за првиот блок на потрошувачи, кои сочинуваат 80% од домаќинствата, речиси и дане се покачи, ако се земе предвид фактот дека станува збор за минимална корекција од 0,68%. Оваа стабилност е резултат на ефективната координација меѓу Министерството, ЕСМ и другите енергетски компании. Формирана беше и Комисија за следење на снабдувањето со електрична енергија, која редовно ќе врши редовно мониторирање на состојбата и ќе реагира во случај на кризни ситуации. Овој механизам е клучен за обезбедување непречено снабдување и стабилност во енергетскиот систем. Истото е направено и за следење на снабдувањето со топлинска енергија.
Како резултат на сите горенаведени проекти и зголемената меѓународна соработка во енергетиката, Македонија неодамна беше избрана за домаќин на 14. Глобален форум за енергетска иднина 2025 година – значаен настан што ќе го привлече вниманието на водечките светски енергетски актери. Овој избор е признание за започнатите реформи во енергетскиот сектор и претставува можност за зајакнување на меѓународните партнерства и привлекување дополнителни странски инвестиции.
Сумирајќи го сето погоре изнесено, сакам да потенцирам дека Министерството за енергетика за, рударство и минерални ресурси само шест месеци покажа дека може да направи големи чекори напред и да се справува со сериозните предизвици преку амбициозни инвестиции, структурни реформи и меѓународна соработка.
Како долгогодишен експерт во енергетиката, убедена сум дека Македонија има потенцијал да биде лидер во обновливата енергија и да изгради енергетски систем кој ќе ги задоволи потребите на граѓаните и ќе придонесе за економската стабилност на земјата. Енергетската иднина на Македонија се гради денес и чест ми е што можам да бидам дек од овие процеси.
На крајот дозволете да ви ги честитам претстојните новогодишни и божиќни празници и да ви посакам добро здравје и многу успех во новата година.Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални ресурси