Да одиме на предвремени парламентарни избори заедно со локалните следната есен- ваква понуда му даде премиерот Мицкоски на лидерот на СДСМ Филипче на нивното прво собраниско соочување на седница за пратенички прашања.
Ова доаѓа по обвинувањата на претседателот на опозициската партија кој рече дека актуелната власт ги излажала гласачите пред избори дека нема да ја користат придавката „северна“, а сега со гордост зборувале за преспанскиот договор. Филипче и лично го праша Мицкоски кој е планот за евроинтеграциите на Македонија, за што тој му одговори дека сега Владата ги поправала грешките направени во изминатите седум години.
-Оваа дволичност и врвно политичко лицемерие треба да се изучува во книгите за манипулација со граѓаните. Велевте дека ќе го вратите мандатот ако некогаш кажете Северна. Па ајде премиере, еве сега е шанса во Собранието да го вратите мандатот. Наместо тоа, вие и вашите министри на мала врата почнавте да го користите уставното име, а некои богами и гордост го изговараат. Со ова покажавте дека вашата политика нема никаков ’рбет.- Венко Филипче – претседател на СДСМ.
-Ако сакате да одиме на избори, да се провериме. Заедно со локалните (избори), може да одиме. Ако сакате, одма сега да ја договориме работата. Но да не се удавите во длабокото, каде што ве носат… -Христијан Мицкоски – претседател на Влада.
Се отвори и темата за сертификатите и работното искуство на директорот на АНБ Бојан Христовски – додека опозицискиот лидер тврди дека тој е човек од партија и има само 5 години работен стаж во безбедносните служби, премиерот уверува дека новиот директор ги исполнува условите со девет години искуство и овој сектор не треба да се политизира. Мицкоски и Филипче си поделија и документи како докази за нивните аргументи.
-Ова се документи доставени од нас од свиркачи. Изводи од Агенцијата за вработување и Фондот за здравствено осигурување. Со малку математика може да се оспори и главниот услов за негово назначување а тоа е 5 години стаж на раководни позиции. Дали премиере конечно ќе го разрешите Христовски од директорската позиција во АНБ? Венко Филипче – претседател на СДСМ.
-Јас ќе ви покажам сличен сертификат од личност која седи до вас. Знаете колку има вакви сертификати, сакате да ги видите сертификатите за директорите кои што ги назначи СДСМ? Еве нема да ги вадам еден по еден, сакате да ги вадам еден по еден? Еве нема да ги вадам.. Овие ќе ги сочувам за мене и ќе му ги дадам на министерот за внатрешни работи. Тука е еве поранешниот министер за внатрешни работи, до него често допираше гласот. Но, за жал, немаше резултати кога стануваше збор за опозицијата. Но, затоа се дигаа дронови над мојата куќа, – Христијан Мицкоски – претседател на Влада.
На седницата се дебатираше и за договорот со Бехтел и Енка за што премиерот кажа дека бараат начин да го декласифицираат целосно за јавноста да има увид што договорила претходната влада, а не изостанаа ниту дневните меѓупартиски обвинувања. Ова се први пратенички прашања откако е формирана новата влада.. Со новиот деловник освен редовното одржување еднаш месечно, опозиционерите ќе имаат можност да поставуваат прашања до премиерот и министрите и на друга седница во текот на месецот во времетраење од два часа на самиот почеток.