Индустриската активност во еврозоната се намалила и во октомври, со малку побавно темпо од претходниот месец, со слаба побарувачка и слаби резултати во Франција и Германија, за разлика од подобрувањето во Шпанија, покажа во понеделникот објавениот месечен извештај на S&P Global.
Индексот на менаџерите за набавка (PMI) во индустријата во еврозоната порасна во октомври за еден поен во однос на септември и изнесува 46 поени, пресметано од Хамбуршката комерцијална банка (HCOB), која ги составува извештаите за S&P Global.
Вредностите пониски од 50 поени сигнализираат пад на активноста, а вредностите повисоки од 50 укажуваат на раст.
„Бројките носат и добри вести: падот на активноста во производниот сектор не се продлабочи дополнително во октомври“, заклучува главниот економист на HCOB, Сајрус де ла Рубија.
Според него, производството е намалено, но поблаго од септември, а падот на новите нарачки не бил толку остар.
Невообичаено наглото намалување на залихите на суровини, акумулирани за време на пандемијата, е загрижувачко, забележува главниот економист на германската банка.
„Поради слабата глобална побарувачка, компаниите не гледаат причина да ги надополнуваат залихите, што пак врши притисок врз економската активност“, објасни Де ла Рубија.
Во октомври, Франција и Германија, двете водечки европски економии, беа тегот за индустријата во еврозоната, а најдобар резултат повторно забележа Шпанија со најсилно подобрување на состојбата во производниот сектор од февруари 2022 година.
Компаниите го намалија и бројот на вработени на почетокот на четвртиот квартал, бидејќи тие главно „вршат“ стари нарачки и не очекуваат значително закрепнување во наредните месеци, покажа извештајот на HCOB.