Фамозниот „надомест за пристап до мрежа“ ќе чини и следната година 200 денари за секое посебно броило што го имаат домаќинствата. Ова е дефинирано во одлуката за одобрување на приходите на ЕВН Електродистрибуција за мрежарина од страна на Регулаторната комисија за енергетика за 2025.
Давачката за пристап до мрежа беше воведена од 2024, а приходот што ќе го наплати ЕВН Електродистрибуција во 2025 од 927.438 приклучени е фиксен и изнесува 38,44 милиони евра за целата година, односно истата сума што беше предвидена и лани со објаснување дека тоа е „социјална мерка“ која повеќе ќе ги погоди поимотните.
На операторот за дистрибутивната мрежа, според одлуката за одобрување на приходите од страна на РКЕ, за втората категорија – загуби на електрична енергија, домаќинствата ќе му платат помалку на ЕВН Електродистрибуција. Предвидено е струјата што ќе ги надомести загубите да не чини 111,5 милиони евра и тоа да биде „поевтино“ за нешто повеќе од 11 милиони евра отколку што било програмирано лани.
Оваа струја треба да ја набави ЕСМ на тендер за ЕВН Електродистрибуција. Последните медиумски информации се дека од набавките е добиена просечна цена од околу 105 евра по мегаватчас за 2025 година, што би било исто како и лани. Сепак Регулаторната комисија во одлуката резимира дека нема јасен податок за тоа колку ќе чинат загубите во дистрибуцијата кои ќе се покриваат со струја од ЕСМ.
„Електродистрибуција ДООЕЛ Скопје со Барањето не достави конкретни податоци за трошоци за набавка на загуби, поради фактот што не беа познати повеќе влезни податоци, како што е количината на електрична енергија на признати загуби одобрена од Регулаторната комисија за енергетика и цената за набавка на електрична енергија за покривање на загубите добиена во тендерска постапка“, наведува Регулаторот во одлуката донесена минатата недела.
Ако се оствари се како што планира „Регулаторна“, за делот за мрежарина во сметките за електрична енергија граѓаните ќе треба да платат вкупно 150 милиони евра, или 11 помалку одколку во 2024. Овој трошок за граѓаните е вкупен збир од „надоместокот за пристап“ и „струјата за загуби“.
Регулаторната комисија за енерегетика веќе објави дека цената на Електродистрибуција се намалува за 5,52 проценти во сметките поради високопрофитното работење на оваа фирма-ќерка на ЕВН. Но крајниот епилог ќе зависи од цената која ќе ја наметне снабдувачот ЕВН Хоме во сметките, бидејќи и овде струјата ќе биде купувана од ЕСМ, а познато е дека во последен период државните електрани работат со високи трошоци. Крајниот резултат, според претходната најава на претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски, е дека струјата за домаќинствата ќе поскапи за еден отсто од 1 јануари.
Најголемата приватна пошта во Македонија Еко логистиксервис (ЕЛС) вчера во Младинскиот културен центар (МКЦ) прослави седум години постоење под мотото „We are growing internationally“ („растеме интернационално“). На настанот беа присутни стотици гости кои дадоа поддршка на ЕЛС како општествено одговорна компанија која континуирано го шири своето портфолио со нови ангажмани и активности.
„Во наредниот период нѐ чекаат уште многу предизвици, ќе го прошириме кругот, ќе бидеме најинтегриранатакомпанија, не само во Македонија туку и во регионот, ќе бидеме провајдер на други сервиси и на други платформи и компании, но една од најважните задачи е да дадеме можност на македонските компании да извезуваат и да станат појаки, да не бидеме како слаби играчи во сенка, туку да тргнеме во акција и да направиме резултат“, рече сопственикот на ЕЛС, Игор Гешовски, во своето обраќање пред присутните.
Роденденот на ЕЛС беше одбележан со богата музичка програма – свои настапи имаа Лаура Кадриу и Филип Петровски со своите бендови, а комичарот Бојан Велевски ги забавуваше гостите со својот стенд ап.
Како еколошки одговорна компанија која постојано се вклучува различни хуманитарни активности, ЕЛС по повод 7-годишнината од постоењето додели благодарници на повеќе еко здруженија и на хуманитарни организации.
ЕЛС во последнава година ја презеде доставата за пратките од двете најголеми шопинг платформи, Али експрес и ТЕМУ, со што значително се зголеми и обемот на работа. Само во 2024 година, приватната пошта која ги поседува сите меѓународни и домашни лиценци, има доставено 417.777 пратки до потрошувачите.
Во моментов компанијата располага со повеќе од 220 возила и над 250 доставувачи, а достава се врши и во попладневните часови. За поголема безбедност и заштита од манипулации, ЕЛС е единствената компанија која користи безбедносен код при подигањето на пратките. За 2025 година, од компанијата најавуваат соработка и со други светски познати платформи.
Комисијата за заштита од конкуренција (КЗК) има веќе оформено 50 предмети за примери за нефер трговски практики, изјави заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески.
-Комисијата веќе оформи 50 предмети по дојави за случаи за нефер трговски практики. Комисијата ќе излезе на терен, ќе има многу работа, ќе ги проверува случаите. И секако, ако има потреба, ќе има и казни, рече Ристески.
Комисијата ќе ги разгледа сите предмети и ќе ги провери на лице место.
-За пронајдените неправилности казните се големи, до 20 000 евра. Законот за нефер трговски практики мора да се спроведува и да се заштитат и производителите и потрошувачите, рече Ристески.
Законот за нефер трговски практики е во сила од 28 септември минатата година. До крајот на 2024 година се вршеше мониторинг на спроведувањето на Законот, а од почетокот на годинава на сила се казни за сите неправилности во неговото спроведување. Со законот се опфатени преку 2 500 производи, се уредуваат односите на релација производители, добавувачи и трговци. Според Законот кој е по ЕУ директива, рабатот на годишно ниво не смее да биде повисок од 10 проценти.
Веро со нова понуда: Замрзнати цени на 100 производи!
Супермаркетите Веро го објавија својот најнов каталог со 100 производи со замрзнати цени, кои ќе важат до 16 јули 2025 година. Понудата вклучува основни прехранбени производи, средства за хигиена и други секојдневни потреби. Оваа акција е дел од напорите на Веро да обезбеди пристапни цени за своите потрошувачи.