„Концертот на ‘Танец’ е прослава на македонската култура и традиција, нашето минато, сегашност, но и иднина… Тој е достоен репрезент на најубавото, непроценливото македонско фолклорно богатство и творештво кое го потврдува идентитетот на македонскиот народ“, истакна министерот за култура и туризам Зоран Љутков, на завчерашниот јубилеен концерт на националната установа „Танец“. Публиката и овој пат уживаше во македонските фолклорни бисери „Тешкото“, „Невестинското“, „Комитското“…
Под мотото „75 години македонски код“, Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ завчеравечер, во преполната сала на Националната опера и балет, одржа завршен јубилеен концерт со кој уште еднаш покажа зошто претставува чувар на македонското фолклорно наследство и е еден од најголемите културни амбасадори на нашата држава во светот. По серијата јубилејни концерти одржани во текот на годината во земјава, но и надвор од државата, Танец и овој пат во Скопје на присутните им приреди величествено патување низ македонската фолклорна традиција, славејќи ја македонската култура и традиција.
„Низ својата културна мисија низ децениите, ‘Танец’, прерасна во достоен репрезент на најубавото, непроценливото македонско фолклорно богатство и творештво кое го потврдува идентитетот на македонскиот народ. Изведувајќи ги „Тешкото“, „Невестинското“, „Комитското“ и другите македонски фолклорни бисери на многубројните настапи на концертни сцени во светот, ‘Танец’ одигра историска мисија, покажа и докажа дека Македонија со својата богата етнокореолошка традиција зазема маркантно место во семејството на народите кои ја споделуваат својата богата култура со целиот свет“, кажа министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој на сите вработени во aнсамблот им го честиташе јубилејот, заблагодарувајќи им се за нивниот придонес во градењето на реномето на оваа институција. Тој додаде дека „Танец е национален бренд и гордост на македонската култура.
На концертот кој беше пречекан со големо нетрпение, игроорците, оркестарот, како и солистите на ансамблот се претставија со добропознатите ора и песни, а нивната изведба беше постојано проследена со голем аплауз и овации.
Министерот Љутков изрази уверување дека и во иднина „Танец“ ќе биде врвен промотор на Македонија, преку кој, додаде, ќе ја прославуваме македонската култура и традиција, нашето минато, сегашност, но и иднина…
Инаку, „Танец“ е првиот професионален фолклорен ансамбл во Македонија, формиран во 1949, со цел да ги собира и негува македонските традиционални песни и игри, народните носии и инструменти, и преку соодветен уметнички израз, сценски да ги претставува највредните форми од богатата ризница на македонскиот народ. Како подвижен музеј на нашето културно богатство, ансамблот неуморно ја шири убавината на македонските танци и песни, оставајќи свој белег на сцените во Азија, Америка, Австралија, Африка и насекаде низ Европа.
Во текот на своето постоење, има учествувано на повеќе од 5.000 концерти и фестивали, настапувајќи пред полни концертни сали во Њујорк, Сиднеј, Мелбурн, Тел Авив, Рим, Париз, Лондон, Монтреал, Торонто… „Танец“ поседува и уникатна збирка на повеќе од 3.000 автентични носии со исклучителна вредност и убавина и секој негов настап е посебно аудиовизуелно доживување за публиката. Репертоарот на ансамблот се состои од повеќе од 90 кореографии и неколку стотици вокални и инструментални творби, преку кои ги претставува разновидните музички и кореографски традиции од богатиот македонски фолклор…
На 22.12.2024 во 11.30 часот во Скопје, на подрачјето на Драчево, полициски службеници од СВР Скопје ги привеле А.С.(31) од с.Батинци, скопско, и Д.Н.(33) од Скопје, затоа што околу 11.00 часот, по претходно случена сообраќајна несреќа, го нарушиле јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу А.С. и Е.Б.(28) од с.Батинци од една страна и Д.Н. од друга страна, информира МВР.
По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
Сме биле покрај Македонците во најразлични ситуации и ќе останеме, но не прифаќаме тие да бидат аги, а ние да бидеме слуги. Додека немаме вистински ветинг, додека имаме селективно судство што не врши функција според законите, туку нештата ги гледа од која етничка припадност доаѓаш, упатувам порака без оглед на политичката чистка и бурите што ги прават, дека ДУИ е ураган, изјави лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, на вечерашниот традиционален новогодишен прием.
Во обраќањето, Ахмети посочи дека меѓуетничките односи се клучот за иднината на земјава и дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ треба подеднакво да работат за граѓаните, бидејќи „оваа држава не е држава со Уставот од 1989-та година кога се отстранија албанската и турската заедница“.
– Охридскиот мировен договор е она што прекина трагедии и го отвори патот на дијалогот и мирот. И ние не сме пишман што го прифативме договорот и го потпишавме договорот без разлика што компромисот не ги задоволува сите страни, но гарант на овој договор се ЕУ и САД. Да го ризикуваш овој договор значи враќање назад. Претставниците на нашите граѓани, без разлика дали од СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ, исто како нас треба да работат за граѓаните, бидејќи оваа држава не е држава со Уставот од 1989-та година, кога се отстранија албанската и турската заедница. Овие пракси ниту биле, ниту се добри за мирот, стабилноста и безбедноста. Секое загрозување на Охридскиот договор е опасност, затоа што става во движење несакани опции за нас, ниту за мирот и стабилноста на регионот, рече Ахмети.
Според него, ќе биде пружен „невиден отпор“ со секој обид за промена на Законот за јазиците, истакнувајќи дека не сакаат конфилкт, туку влез во Европската унија. Единственото решение за владеење на правдата е спроведување на ветинг, за кој Ахмети рече, го избегнуваат сите политички страни.
– Да користиш селективна правда со реторика „повторно Македонија на Македонците“, е колку неправедно, толку и опасно, затоа што очигледно во правосудниот систем се користи селективна правда, кадрите Албанци се омаловажуваат. Ова не е добро, ова предизвикува револт во големи размери кај Албанците, но и кај другите етнички заедници… Единственото решение за ние да имаме правда и праведно правосудство и држава каде што преовладува законот, што обезбедува баланс на власти е ние да направиме вистински ветинг. Не знам зошто страните го избегнуваат ветингот, да се направи избор на судии и обвинители од оние кои докажале дека го применуваат законот, рече Ахмети.
Под влијание на длабок циклонски систем со центар над Северен Јадран и потоа над Средозејмето, поврзан со значително ладен воздух од север, во текот на оваа работна недела ќе имаме повремени врнежи, претежно од снег, но на почетокот во некои од пониските места ќе има врнежи од дожд, кој полека ќе преминуваат во снег.
Од оваа ноќ, па во деновите потоа ќе дува повремено засилен ветер од северен правец (повремено и локално со брзина од над 60 км/час).
На повеќе пониски места до крајот на оваа работна недела ќе се формира сннежна покривка од 5 до 10 сантиметри, а во западните и во источните предели понекаде до околу или над 20 сантиметри. На планинските места како и на Скијачките центри снежната покривкаvзначително ќе се зголеми и вкупо со новиот снег во следните денови таа ќе изнесува над половина метар, на повисоките надморски височини и до околу еден метар.
Во Скопскиот регион со овој ладен и влажен бран од север ќе има повремени врнежи кој во следните денови ќе бидат од дожд и снег или повремено ќе преминуваат само во снег. Во делови од котлината, особено во повисоките предели од истата ќе се формира и помала снежна покривка, а поголема снежна покривка ќе има на околните планини. И во Скопје од оваа ноќ, па во следните денови повремено ќе дува засилен ветер од северен правец (во делови од котлината повремено со брзина од над 60 км/час).
Што се однесува до температурите, пред нас е значително постуден период со зимски температури, и тоа како што доликува за крајот на Декември месец. Наутро тие на повеќе места ќе се спуштаат под нулата, а и преку ден тие ќе се искачуваат за некој степен над нулата, а понекаде тие ќе останат и до околу, па и под нулата, особено на повисоките населени места и на планините, и секако на скијачките центри.
Се предупредуваат возачите, и тоа доколку се движат низ планинските превои, да бидат крајно внимателни и тоа поради очекуваните обилни снежни врнежи и значителната снежна покривка, но и поради појавата на голомразица. Исто така Скијачитеда бидат крајно внимателни и да не се оддалечуваат на поголеми надморски височини и тоа поради намалената видливост која се очекува.
Поради повремено засилениот ветер од северен правец кој се очекува во следниот период, се очекува и појава на снежни наноси, особено на повисоките места, планините и скијачките центри.