Групацијата 4iG, преку својата подружница ОНЕ Македонија Телекомуникации, официјално достави писмо за намери до Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), каде го изразува својот интерес за обезбедување на достапни радиофреквенции како дел од планот за влез на телекомуникацискиот пазар како нов оператор во Македонија. Овој чекор, велат од групацијата, преставува значителна пресвртница во плановите на 4iG за да придонесе во модернизација на телекомуникациската инфраструктура во земјата и да внесе засилена конкуренција во секторот. Во текот на следните месеци, компанијата ќе соработува со AEК за достапноста на радиофреквенциите, да се обезбеди усогласување со регулаторните рамки и да се продолжи со долгорочната стратегија за развој во регионот.
Од Групацијата велат дека ја имаат поддршката од македонската Влада, којашто очекува со доаѓањето на нов оператор да се зголеми пазарната конкуренција, да го подобри квалитетот на телекомуникациските мрежи, и со тоа да се забрза дигитализацијата на земјата.
Која е понатамошната процедура?
Покрај тоа што „4iG“ регистрираше компанија во Македонија битен предуслов за да се започне постапка за доделување на радиофреквенции, во согласност со Законот за електронските комуникации (ЗЕК) е да се поднесе официјално Писмо на намера до АЕК, велат од Агенцијатапреку изјава за „Локално“. Писмото е поднесено на 17-ти декември и во согласност со ЗЕК, следен чекор е да се објави од страна на АЕК, јавна расправа која не може да трае пократко од 30 дена, на која сите заинтересирани страни ќе го изразат својот став.
-По завршувањето на Јавната расправа, АЕК треба да ги објави резултатите и својот став. Во зависност од исходот на Јавната расправа постапката понатаму продолжува со Јавен тендер или со Јавен тендер со јавно наддавање. АЕК веднаш може да ја отвори Јавната расправа по поднесената Намера, но треба да се има предвид дека во намерата најпрво се бара да се организира состанок помеѓу 4iG и АЕК кој би требало да се реализира после 20/01/2025. За очекување е јавната расправа да се отвори на почетокот на февруари 2025, потенцираат од АЕК.
Од АЕК се децидни дека има простор за трет мобилен оператор во Македонија. Оттаму посочуваат дека ако се мисли на радиофреквенциски ресурси, АЕК веќе презеде низа регулаторни мерки уште по спојувањето на ВИП и ОНЕ во „Оне.Вип“ во кое се случи кон крајот на 2015 кога пазарот за влез на нов оператор беше практично затворен.
-Од 2017 скоро во сите радиофреквенциски опсези АЕК предвидел сосемо доволно радиофреквенции за влез на нов оператор. Ако се мисли на пазарни услови, секако дека и тие ги има. Многу држави во Европа кои се по големина и географска конфигурација слични или дури и помали од Македонија имаат по најмалку три мобилни оператори. Такви се: Словенија, Косово, Црна Гора, Малта, Кипар, Фарски острови,… Во моментов во Европа само Македонија и Албанија од неодамна, се држави со само два мобилни оператори и на мапата на Европа се обележани со црна боја поради недоволно развиена конкуренција во оваа област. Останати придобивки би биле следниве:
Македонија ќе добие трет мобилен оператор, ќе се зголеми конкуренција, односно ќе се задоволат потребите на македонското општество, ќе се зголеми квалитетот на мрежи/услуги за подобра цена, негативниот извештај на ЕК во овој дел ќе се корегира, ќе се обезбеди стабилен телекомуникациски сектор, ќе се обезбеди работа за најмалку 300 подобро платени работни места, младите инжинери ќе останат во Македонија, ќе се обезбеди работа за 30-50 македонски компании што ќе донесе додадена вредност во македонската економија. Европа ќе ја добие прватa 5G SA (Stand Alone) мрежа, а со тоа Македонија ќе стане лидер во Европа, појаснуваат од државната агенција.
Во одговорот од АЕК се истакнува дека за очекување е да се појави интерес кај граѓаните, но прво треба да има понуда, а интересот секако ќе дојде сам по себе имајќи ги предвид карактеристиките што таа 5G NR SA мрежа ќе ги понуди.
Дека на Македонија ѝ е потребен трет мобилен оператор уште поодамна порача министерот за транспорт Александар Николоски. Тој вели дека на македонскиот пазар постои дуопол и треба да се бараат мерки за да поевтинат услугите за граѓаните но и за бизнисите. Министерот како причина за воведувањето на трет оператор ги наведе цените на мобилната, кабелската телевизија и интернет-услугите кои во земјава се повисоки од најголем дел од европските држави.
На 18 октомври групацијата соопшти дека по неколку успешни аквизиции во Албанија и Црна Гора, 4iG Group започнала со подготовки за влез на пазарот, со основање на подружница „ONE Macedonia Telecommunications“.
-Со одлука на Одборот на Групацијата донесена минатиот петок, новата компанија ќе биде основана од Antenna Hungária Zrt., дел од 4iG Group, под којашто е телекомуникациското портфолио на инфо-комуникациската групација во Унгарија и во Западен Балкан. Регистрацијата на компанијата е завршена, а со формирањето на оваа компанија, 4iG Group има за цел што поскоро да влезе на телекомуникацискиот пазар во Северна Македонија, соопшти тогаш групацијата.
На пазарот на мобилни комуникации во државата активни се два мобилни мрежни оператори, три виртуелни мобилни оператори и еден оператор препродавач. На пазарот на мобилна телефонија се регистрирани 2.074.021 активни претплатници, во кои мрежните оператори А1 Македонија и Македонски Телеком имаат удел од по 47,62 односно 47,24 проценти.
Влезот на трет мобилен оператор се смета за позитивен потег кон поголема конкуренција и подобрување на стандардите во мобилната индустрија во Македонија. Граѓаните со нетрпение очекуваат да видат како оваа промена ќе се одрази на нивните секојдневни животи и на општеството во целина.
Снежната магија продолжува! Овој петок (27 декември) Ски-центарот Стрежево повторно организира ноќно скијање од 19 до 22 часот. Идеална можност за сите љубители на зимските спортови да уживаат во уникатното искуство на осветлените патеки.
За дополнително уживање, нашата чајџилница утре (четврток) ќе биде отворена од 8 до 16 часот, нудејќи топли напивки за вашите снежни моменти.
Подгответе ја вашата ски-опрема и повелете во Ски-центарот Стрежево за незаборавни зимски авантури.
Вработените во Јавното комунално претпријатие „Тетово“ конечно ги добија платите што им доцнеа за четири месеци – август, септември, октомври и ноември. Исплатата е овозможена благодарение на одлуката на Советот на Општина Тетово, кој на седница одржана на 11 декември, одобри покривање на загубите на претпријатието со износ од 60 милиони денари (приближно 970.000 евра). Со оваа сума, покрај заостанатите плати, ќе бидат покриени и долговите за здравствено и пензиско осигурување на вработените.
„После повеќе од три години, од 2021 година наваму, конечно добивме редовна исплата. Ова е првпат да имаме редовна плата за ноември,“ изјави Мирослав Симоски, раководител на секторот за православните гробишта.
Проблемите со доцнењето на платите го следеа претпријатието веќе три години, а вработените неколкупати организираа прекини на работата барајќи исплата на заостанатите средства и придонеси. Недостигот од здравствено осигурување беше особено тежок, бидејќи вработените сами ги подмируваа трошоците за лекови и медицински услуги поради честите повреди на работното место.
За да се надмине финансиската криза и големиот долг, на почетокот на годината „Тетово“ беше преструктурирано. Новоформираното претпријатие „Шари“ ги презеде водоводот и канализацијата, додека управувањето со отпадот беше доверено на словенечката компанија „Саубмахер“ преку приватно-јавно партнерство. Претпријатието „Тетово“ задржа сектори како што се Јавна чистота, Зелен пазар, Православните гробишта и Паркови и зеленило.
Слободан Ивановски, в.д. директорот на Управата за финансиска полиција, во интервјуто „Фактор“ открива дека веќе се започнати две иницијативи за проверка на потеклото на имотот на поранешни функционери, од кои еден бил доскорешен судија. Се работи на повеќе предмети, а веќе е одземена документација од ЕСМ за спроведени сомнителни јавни набавки во периодот 2021-2022, вели тој во интервјуто.
Законот за конфискациjа на имот во граѓанска постапка,со кој од функционери и граѓани ќе се одзема сопственост што не може да се докаже дека е стекната законски, датумски веќе е во примена.Кои се належностите на Управата за финансиска полициіа во примената на овој законски акт?
Ивановски: Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка е во примена и се спроведува од месец септември. Кога јавниот обвинител има сомневање за кривично дело, но нема доволно докази за кривично гонење или кривичното гонење не довело до осудителна пресуда, а оцени дека постои разумно сомневање дека имотот не бил стекнат од законски извори, доставува иницијатива до Управата за финансиска полиција. Ние сме надлежни за прибирање на податоци за имотот чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори. Вршиме идентификување, откривање и лоцирање на имотот кој е предмет на постапката. Исто така, ги собираме, обработуваме и анализираме податоците за утврдување на вредноста на имотот.
Доколку утврдиме дека постои несразмерност меѓу нето вредноста на имотот и расположливите, законити и пријавени приходи за стекнување на имотот, доставуваме извештај до Јавното обвинителство.