Засилени контроли кај производителите со интегрирани А и Б дозволи, зголемена контрола во станиците на преглед на возилата, контрола на градежните активности и соработка со општините што мора преку Инспекторатот, да ги засилат контролите, се дел од мерките за намалување на загадувањето на воздухот, изјави Ане Лашкоска, заменик министер за животна средина, при денешниот престој во Прилеп.
Лашкоска нагласи дека пред околу два месеца се донесени сет краткорочни и долгорточни мерки во однос на загадувањето на воздухот. Краткорочните мерки, како што беше појаснето, ќе бидат во сила сѐ додека трае грејната сезона. Тие мерки, според кажаното, се изработени заедно со министерствата за внатрешни работи, за транспорт и за економија и труд, со министерствата за здравство и за социјала, како и со општините и со Градот Скопје, „зашто само заедно може да се бориме со овој проблем“.
-Дел од мерките се засилени контроли на оние индустриски објекти, производители кои имаат А и Б интегрирана дозвола. Во овој период на овие големи производители им се препорачува да го намалат производството, меѓутоа да не го згаснат целосно, зашто при повторно вклучување на производството се предизвикувало уште поголемо загадување, а и загубите ќе бидат многу големи, посочи Лашкоска.
Дел од мерките, додаде таа, е и зголемена контрола на станиците за контрола на автомобилите, бидејќи било утврдено дека еден од големите загадувачи се автомобилите, особено на дизел гориво.
– Има методи и апарати што може да ги мерат овие издувни гасови, така што и таму преземаме засилена контрола. Големо загадување има онаму, каде се вршат градежни активности, па презедовме мерки, а мора да се започне и со контрола. Забрането е во периодот од 7:30 до 18:30 часот да се носат градежни машини на градилиштата. Последниве денови увидовме дека, каде што има градежни активности, не се почитуваат ниту препорачаните мерки, ниту пак мерките за загревање. Забележуваме дека сопствениците на тие градежни објекти, за да се топлат работниците, во буриња палат сѐ и сешто и на тој начин се зголемува загадувањето, рече Лашкоска.
Со општините се бара поголема соработка. Една од препораките, како што беше посочено, е често миење на улиците во овој период на грејна сезона, оти еден од показателите бил дека прашината е голем загадувач.
Малите и средните фирми биле едни од поголемите загадувачи, а и таму веќе се започнале инспекциски контроли.
– Упатувам апел до општините да ги пуштат на терен општинските инспектори, особено во малите и средните претпријатија, зашто не само оние кои имаат А и Б интегрирана дозвола, туку и оние што имаат одобрени елаборати од Министерството за животна средина, како разните работилници, преку отпадниот материјал го користат за греење и на тој начин се зголемува загадувањето. Ако не се почитуваат мерките, залудно е што се донесени, смета таа.
Најголемиот проблем за загадувањето, како што беше нагласено, греењето, во овој момент не можело да биде целосно решено. Владата има долгорочен план, беше истакнато, направен за периодот 2024 до 2030 годинa, што предвидува постепена промена на системите на греење, прво во државните и во општинските институции.
– Во меѓувреме имаме проект што е во тек во соработка со Европската унија од компонентата ИПА 3. Преку тој проект во Скопје дониравме шест еколошки автобуси, предвидено е менување на системите за греење на 70 државни институции во неколку градови. Но, залудни се акционите планови ако немаме поддршка и од општините, од сите институции и од сите инволвирани страни, подвлече Лашкоска.
Според Лашкоска, во овој критичен период мора да се води сметка и за состојбите во сообраќајот во градовите. Предвидено било да се воведува посебен сообраќаен режим во сите општини.
Општините со МВР требало да договорат тешките товарни возила да не врват во центрите на градовите, туку да одат по обиколен пат во одреден период кога тие ќе оценат.
– Повторно упатувам апел заедно да се бориме против ова зло, додаде Лашкоска при денешниот престој во Прилеп на завршните работи на проект за урбанизација на канал.
Инаку, во земјава, мерни станици поставени од Министерството за животна средина и коишто релевантно го мерат нивото на загадувањето на воздухот, има 22, од нив, една е мобилна. Една од мерните станици е стационирана во кругот на прилепската општа болница.