Претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска – Давкова, со неизмерна тага утрово се потпиша во Книгата на жалост во амбасадата на Црна Гора во Скопје, изразувајќи длабоко сочувство за трагедијата во Цетиње.
„Моите мисли, чувства и молитви се со блискиот црногорски народ во овие тешки денови,“ порача претседателката, истакнувајќи поддршка за семејствата на загинатите и надеж за брзо закрепнување на повредените.
Сиљановска – Давкова ја подвлече важноста на солидарноста и хуманоста, посочувајќи дека овие моменти на тага нè потсетуваат на заедничките човечки вредности.
Голо Брдо е регион, кој со својата природна убавина, културно наследство и историја претставува значајно парче од мозаикот на македонскиот етнички идентитет во Албанија. Лоциранa југозападно од градот Дебар, оваа област опфаќа 21 село, кои претежно се населени со Македонци. Со векови, жителите на Голо Брдо го негуваат својотмајчин македонски јазик, обичаи и традиции, одржувајќи ја живата врска со своите корени, независно од економските, политичките и демографските предизвици со кои се соочуваат.
Географија и природа
Голо Брдо е планински регион кој плени со својата единствена недопрена природа. Богатите шуми, чистите реки и живописните предели се карактеристика на оваа област, која е изолирана од поголемите урбани центри. Селата се расфрлани по ридовите и планините, што ја прави областа атрактивна за сите туристи и намерници кои бараат автентично и тивко место за престој.
Култура и јазик
Македонскиот јазик е суштински дел од културниот идентитет на жителите во Голо Брдо. Се говори дијалект кој припаѓа на западното македонско наречје, задржувајќи ги сите карактеристики на овој говорен систем. Постарите жители сè уште го користат македонскиот јазик како основно средство за комуникација, додека младите се двојазични, со тенденција кон албанизација поради образовните и општествените околности. Сепак, домаќинствата и понатаму остануваат чувари на македонските песни, приказни и обичаи кои се пренесуваат од генерација на генерација.
Економски и социјални предизвици
Социјално-економските услови во Голо Брдо се меѓу најтешките во Албанија. Слабата инфраструктура, ограничениот пристап до здравствени и образовни услуги и високата невработеност принудуваат многу жители да мигрираат, главно во Тирана или кон странство. Ова доведува до депопулација на селата и губење на младата работна сила, што е голем предизвик за опстанокот на македонската заедница во регионот.
Македонско друштво “Илинден“-Тирана – чувар на идентитетот
Во напорите за зачувување на македонскиот идентитет во Албанија, а со тоа и во областа Голо Брдо, значајна улога има „Македонското друштво “Илинден“-Тирана“. Ова друштво активно работи на промоција и заштита на правата на македонското национално малцинство, како и на зачувување на културата, јазикот и традицијата. Основано во 2009 година, Македонското друштво “Илинден“-Тирана“ се залага за признавање на правата на Македонците низ цела Албанија и нивно официјално признавање како малцинство во регионите каде што тие живеат. Преку културни манифестации, публицистичка активност и соработка со институции во Македонија, ова Друштво обезбедува платформа за Македонците од Голо Брдо, Гора, Мала Преспа и другите области со која ги поттикнува да ја изразат својата етничка припадност. Една од најзначајните активности на Друштвото е организирање на културни настани од македонската историја, меѓу кои се одбележувањето на Илинденското востание, АСНОМ, Денот на независноста на Македонија, како и различни фестивали на македонската култура и уметност. Преку овие настани, Македонското друштво “Илинден“-Тирана успева да ги обедини Македонците од различните делови на Република Албанија и да им даде чувство на заедништво и припадност. Особено е важен придонесот на Македонското друштво “Илинден“-Тирана во областа Голо Брдо кој активно работи на зачувување на македонската традиција сред населението.
Зачувување на иднината
Голо Брдо е област која зборува за историјата, борбата и опстојувањето на македонскиот народ во Албанија. Сепак, иднината на овој регион зависи од напорите за решавање на економските предизвици, подобрување на животните услови и обезбедување на образовни можности на македонски јазик. Улогата на организации како Македонското друштво “Илинден“-Тирана е клучна во овој процес. Голо Брдо, со своите луѓе, јазик и култура, останува симбол на македонскиот идентитет кој опстојува, и покрај сите предизвици, во срцето на Албанија. Оваа област заслужува внимание, поддршка и напори за зачувување на нејзината уникатна културна и историска вредност./ Фатри Фетаху координатор на Македонското друштво “Илинден”-Тирана за областа Голо Брдо.
Денешното саботно утро во Македонија донесе поладно време за разлика од изминатите неколку утрини, а времето е сончево со појава на локална позначителна облачност, а во дел од котлините има појава на магла или на ниска облачност. Претежно е тивко.
Најниска температура до 7 часот утринава беше измерена во Берово, и тоа -4 степени, додека во исто време највисока минимална температура беше измерена во Крушево, и тоа 3 степени.
На табелата можете да ги погледнете и останатите температури на воздухот измерени ова утро по градови и места низ Македонија, и тоа на мерните станици на УХМР.
Инаку и денес (сабота) на повеќе места ќе имаме пријатни пролетни температури на воздухот, кој ќе бидат значително натпросечни за овој дел од годината и на многу места тие ќе надминуваат 10 степени, а во најтоплите југоисточни предели тие ќе се искачат дури и до близу 20 степени.
Утре (недела) ќе има поголема облачност и ќе има појава на повремен локален дожд со послаб интензитет, на високите планини (над 1700/1800 метри надморска височина) ќе има послаби врнежи од влажен снег.
Мал авион со две лица се урна во близина на трговски центар во Филаделфија, САД, предизвикувајќи голем пожар. Според првичните информации од американските медиуми, во несреќата има повеќе жртви, но точниот број сè уште не е потврден.
Сведоци на настанот изјавиле дека по падот на авионот се слушнала силна експлозија, по што избувнал пожар кој брзо се проширил. Екипи на пожарникари и итна помош веднаш пристигнале на местото на несреќата. Засега не е познато што ја предизвикало трагедијата.
Надлежните служби спроведуваат истрага за утврдување на причините за падот на авионот и евентуалниот број на загинати. Ова е една од неколкуте авионски несреќи што се случија во последните месеци во САД, што повторно го отвора прашањето за безбедноста на малите приватни летала.