Connect with us

Религија

Македонски обичаи: Коледе и лепче со паричка

Published

on

Бадник или Коледе се нарекува денот пред роденденот на Исус Христос (Божиќ), според христијанската традиција. Според Јулијанскиот календар по кој се раководи Македонската православна црква, Бадник паѓа на 6. јануари секоја година, а Божиќ на 7. јануари. Суштината на празникот е во радоста на христијаните пред големиот ден – Христовото раѓање. Истовремено, со овој ден завршуваат и Божиќните пости.

Традиционално, Бадник се прославува кај сите христијани, но црквите кои го користат Грегоријанскиот календар го прославуваат на 24. декември. Кај сите христијански народи има низа обичаи за Бадник, осбоено поврзани со Бадниковата вечера.

Зборот Бадник веројадно доаѓа од старомакедонскиот збор – да бидеш буден. Таа ноќ, како што запишал Шапкарев, „сите домашни луѓе не заспиваат туку преноќеваат будни, та од тоа се гледа дека таа ноќ е наречена: бадник – будник“. И многумина други истражувачи на овие обичаи сметаат дека името на овој ден доаѓа од бдеењето, будноста покрај обредниот оган.

Истражувачите сметаат дека во праисторијата овој ден бил празник поврзан со враќањето на Сонцето од јужните напоредници, по зимската краткоденица. Раѓањето на новото Сонце значело и раѓање или обнова на животот. Подоцна, Христијанската црква го презела овој празник и симболично го поврзала со Христовото раѓање. На прекорот дека Христијаните започнале да го празнуваат денот на Сонцето исто како и паганите, Свети Августин одговорил: „Ние го празнуваме не како неверниците поради Сонцето, туку поради оној што го создал Сонцето“.

Бадник е празник кој се прославува во кругот на семејството, со посна но, свечена вечера и прераскажување на библиски приказни.

Традиционално, во Македонија семјството се собира на вечера на Бадник. Се подготвува богата трпеза исклучително со посна храна: питулици, сарма, грав, компир, риба, зелник, овошје и друго, што треба да обезбеди богат род на земјоделските култури во следната година. Обичај е по вечерата софрата да не се крева, туку така заедно со храната да остане цела ноќ. Ова е поврзано со верувањето дека ноќта ќе дојде дедо Боже и ќе се нахрани, или во некои места, духовите на мртвите.

На Бадник во секоја куќа се меси кравјаче, пита или погача во која се става пара. Вечерта кога сите ќе седнат на вечера, домаќинот, откако ќе се прекрсти и ќе ја благослови трпезата, го крши кравјачето на толку делови колку што има членови семејството, оставајќи уште дел за Бога и за куќата. Сите присутни во својот дел од кравјачето ја бараат парата, и оној што ќе ја најде се смета за најсреќниот во годината што претстои.

Богати обичаи и верувања на Бадник се поврзани со обредниот оган како и со горењето на дрвото наречено Бадник или Бадникојца. Во врска со обредните коледарски огнови е и обичајот коледица. И денес како и во минатото и во селата и во градовите во сите краишта на Македонија помали или поголеми групи деца палат оган и го прескокаат.

Рано изутрината на Бадник, децата пеат и одат по куќите каде што добиваат подароци како што се: пари, ореви, костени, јаболка, портокали и др.

Една од најпеаните песни што и сега се пее во овие случаи „Коледе леде“ ја среќаваме и во запис на Г. Бојаџиев, обjaвена во 1893:

Коледе, леде!

паднало греде,

утепало деде.

Дедо се мачи,

баба го квачи,

со четири јајца

гускини, паткини!

О. О. коледе!

Богати обичаи и верувања на Бадник се поврзани со обредниот оган, како и со горењето на бадниковото дрво. Најчесто се гори пенушка од даб. Таа ноќ, како што запишал Кузман Шапкарев, “сите домашни луѓе не заспиваат туку преноќеваат будни, та од тоа се гледа дека таа ноќ е наречена: “Бадник – будник”.

На Бадник и Божиќ се изведуваат и повеќе други обичаи, како што се сечењето и горењето на дрвото “Бадник” коледарските огнови и многуте песни што се пеат крај нив.

Децата утрото на Бадник ги посетуваат куќите каде што пеат песни, го најавуваат и го честитаат големиот празник “денеска е Коледе, утре е Божик” за што добиваат дарови (овошје, бомбони, пари итн.)

Со Божиќ е поврзана и поговорката: “Пред Божиќ зад Божиќ кај да си, дома да си”што има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот, но не е на одмет да се потсети дека во најстудениот период од годината, сепак најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом.

На Божиќ се оди во црква и се врши причестување со земање нафора и вино, кои ги симболизираат Исусовото тело и крв. По овој чин луѓето смеат да се омрсат.

Се подготвува богата софра, на која скоро задолжително било свинското месо.

На денот на Христовото раѓање, по одењето во црква луѓето се веселеле, играле и пееле среде село.

Божиќ, според црковниот календар, се празнува три дена. Вториот ден е Соборот на Света Богородица, а третиот е Свети Стефан првомаченик.

Божик и Бадник се најсреќни празници, каде се шири љубовта меѓу народот, каде се заборава на грижите и се оживува надежда…Христос се роди!

Религија

Утре кажете си ја оваа молитва: На втор ден Божиќ даваме чест на Пресветата Божја Мајка

Published

on

На вториот ден од Божик, христијанската Црква ѝ оддава слава на Пресветата Божја Мајка, која што го роди Господ и Спасителот наш Исус Христос.

Ова празнување се нарекува Нејзин собор затоа што на тој ден се собираат сите верни за да ја прослават Богородица.

Тогаш се служи торжествено, соборно, во нејзина чест.

Во Охрид од древноста беше устроено наспроти вториот ден на Божиќ вечерната да се служи само во црквата на Пресвета Богородица, наречена Челница. Целото свештенство со народот овде собрано ја прославуваше Пречистата Божја Мајка.

Обичајот вели дека на овој ден, втор ден Божиќ, треба да се каже следната молитва за да владее мир во куќата цела година и сите да бидат здрави:

„Со твоето раѓање, Христе Боже, осветли ја светата светлина на спознанието Божјо, зашто во таа светлина оние што им служат на ѕвездите се научени да ти се поклонуваат, Сонцето на правдата, и да Те спознаат од височините на истокот, Господи, слава Ти!“

Обичајот вели дека куќата на тој ден не се чисти бидејќи во православието Божиќ се слави три дена. А на третиот ден, 9 јануари, се празнува споменот на светиот архиѓакон и првомаченик Стефан.

Continue Reading

Религија

Божиќно послание на г.г. Стефан: Христијанството ја возвестува вистината дека секоја личност има непроценлива вредност пред Бога

Published

on

Честито и од Бога благословено новото 2025-то лето Господово!, порача поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан во Божикното послание објавено на веб страницата на МПЦ-ОА. 

Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан заедно со Светиот архиерејски синод, по повод божикните празнувања, во Божикното послание до свештенослужителите, монаштвото и до сите чеда на Македонската православна црква со порака да се почитуваме меѓусебно, за изградување на единство во Црквата Христова, да имаме мир во себе, мир во својот дом, мир со луѓето и мир меѓу народите.

-Возљубени чеда на Македонската Православна Црква, Сите ние како личности, како Црква и како народ, да бидеме благодарни за сите наши дарби, бивајќи свесни дека сè што имаме е од Него, од Господа. Да се почитуваме меѓусебно, со даровите коишто Светиот Дух штедро ги излева врз секого, за изградување на единство во Црквата Христова. Милостивиот Бог, преку Неговата љубов и Неговата благодат, може да ги преобрази нашите стравови и несовршености во љубов и усовршување во радоста на Светиот Дух, вели поглаварот г.г. Стефан.

Оттаму, додава тој, Христовата жртва, започната со Неговото рождество по тело, и завршена со Неговото страдање на Голгота, ни укажува дека секој човек е достоен за љубов.

-Синот Божји, Господ Исус Христос, Се даде Себеси за сите да нè направи вечно живи. Затоа свети Иринеј Лионски истакнува дека „Славата Божја е – живиот човек“! А вистински жив човек е оној којшто пребива во љубовта Божја. Според тоа, треба да живееме според поуката на апостолот кој поучува: Љубете се едни со други срдечно, со братска љубов; натпреварувајте се во почитувањето еден кон друг. Живеејќи така, ќе го стекнеме мирот одозгора и ќе ги почувствуваме во нас плодовите на Царството Божјо, а тоа се: праведност и мир и радост во Светиот Дух. Па, чувајќи го единството на Духот преку врските на мирот, да се трудиме да имаме мир во себе, мир во својот дом, мир со луѓето и мир меѓу народите, знаејќи дека за тој мир копнееле мирољубивите души низ целата историја, подвлекува архиепископот г.г. Стефан.

Слеува целосниот текст на Божикното послание на поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан.

Возљубени празникољупци,
Воплотувањето на Бога, во личноста на Господ Исус Христос, е настан со значење за сиот свет и за сите времиња. Преку тоа собитие, целото создание се преоб­разува, а на човештвото му се овозможува учество во божествениот живот и му се дава слобода преку победата над гревот и над смртта. А еден од даровите на тој спасоносен настан е потврдувањето на вистината дека секоја личност е посебна и неповторлива, обдарена со посебни дарови и таланти. Христијанството ја возвестува вистината дека секоја личност има непроценлива вредност пред Бога, Кој толку го возљуби човекот и светот, што самиот Себеси Се понижи до таа мера да се роди во пештера, да прими лик на слуга, па дури и да биде распнат на Крст – за сите и за сè.

Оваа вистина треба да ни послужи како поттик да дадеме сè од себеси, за во духовниот раст да Му се уподобиме на Христа, Кој, бивајќи Богочовек, е наш совршен пример на човечко битие. Тоа духовно растење, пред сè, започнува да ни се укажува преку Божјиот глас во секого од нас, што ние го нарекуваме совест, а совеста, пак, е како витлеемската ѕвезда којашто нè води до Господа Христа. И токму следењето на таа светлина е почетокот на покајанието, коешто доведува до вистинска промена на нашите животи.

Возљубени чеда во Господа,
Денес го празнуваме Рождеството на Синот Божји. Но од секого од нас зависи дали Тој ќе се роди и во нас, дали ќе се всели во нашите срца и души, дали ќе живееме со радоста од спасоносниот настан во Витлеем и со одговорноста којашто Христовото рождество ја носи со себе. Веста за доаѓањето на Месијата, пастирите и мудреците ја примиле со радост и љубов, а царот Ирод, пак, ја примил со завист и љубомора. И како што радоста и љубовта нè прават вистински Христови следбеници, така зависта и љубомората се моќни чувства кои можат целосно да нè уништат, правејќи нè робови на омразата и на стравот. Токму така се чувствувал и Ирод кога од мудреците, коишто ја следеле чудесната ѕвезда, разбрал за раѓањето на пророкуваниот и очекуван Месија. Евангелието ни сведочи дека тој се вознемирил[3], плашејќи се да не го загуби својот престол. На сличен начин, како ова Иродово однесување, и ние честопати претпоставуваме дека квалитетите и успесите на другите луѓе ги засенуваат нашите, па почнуваме да ги гледаме нив како закана. Животот во Бога, пак, и осознавањето на вистината дека, бивајќи Божји чеда, меѓусебно сме браќа и сестри, нè вдахновува со љубов кон другите, со взаемна грижа и со радост за сечие преуспевање.

Возљубени во Христа Богомладенецот,
Преку Божјата љубов ние сфаќаме дека, како Божји чеда, сите сме примиле дарби коишто треба да ги преоткриваме и утврдуваме. Светиот апостол Павле вели: Даровите се различни, но Духот е ист; и служењата се различни, но Господ е ист; и делувањата се различни, но Бог, Кој извршува сè во сите, е ист. Пројавата, пак, на Духот се дава секому, за полза на сите[4].

Каков и да е нашиот призив, какви и да се нашите дарови и таланти, сето тоа ќе придобие вистинска смисла доколку е принесено во служба на Бога, подобно на даровите коишто мудреците Му ги принеле на Богомладенецот. Служете си еден на друг, секој со дарбата што ја примил, како добри управители на разнообразната Божја благодат[5] – вели светиот апостол Петар. А, пак, светиот апостол Павле ја истакнува нашата меѓучовечка поврзаност, велејќи дека сите сме членови и органи на Црквата и сите тие се важни и неопходни, иако имаат различни функции[6].

Возљубени чеда на Македонската Православна Црква,
Сите ние како личности, како Црква и како народ, да бидеме благодарни за сите наши дарби, бивајќи свесни дека сè што имаме е од Него, од Господа. Да се почитуваме меѓусебно, со даровите коишто Светиот Дух штедро ги излева врз секого, за изградување на единство во Црквата Христова. Милостивиот Бог, преку Неговата љубов и Неговата благодат, може да ги преобрази нашите стравови и несовршености во љубов и усовршување во радоста на Светиот Дух.

Оттаму Христовата жртва, започната со Неговото рождество по тело, и завршена со Неговото страдање на Голгота, ни укажува дека секој човек е достоен за љубов. Синот Божји, Господ Исус Христос, Се даде Себеси за сите да нè направи вечно живи. Затоа свети Иринеј Лионски истакнува дека „Славата Божја е – живиот човек“! А вистински жив човек е оној којшто пребива во љубовта Божја. Според тоа, треба да живееме според поуката на апостолот кој поучува: Љубете се едни со други срдечно, со братска љубов; натпреварувајте се во почитувањето еден кон друг. Живеејќи така, ќе го стекнеме мирот одозгора и ќе ги почувствуваме во нас плодовите на Царството Божјо, а тоа се: праведност и мир и радост во Светиот Дух. Па, чувајќи го единството на Духот преку врските на мирот, да се трудиме да имаме мир во себе, мир во својот дом, мир со луѓето и мир меѓу народите, знаејќи дека за тој мир копнееле мирољубивите души низ целата историја.

Затоа, празнувањето на Божик нè поставува пред изборот како ќе одговориме пред Христа Богомладенец­от: дали ќе го следиме примерот на исплашениот Ирод, што води во погибел; или оној на смирените и искрени мудреци и пастири, кои со радост Му се поклонија на новородениот Цар?

Па, нас ништо не нè принудува да наликуваме на Ирода! Напротив, бивајќи крстени во името Христово, можеме да ја следиме ѕвездата на нашата совест којашто нè води до Христа, та Нему да Му ги принесуваме нашите лични дарови и таланти. Правејќи го ова, се ослободуваме од духовната поробеност, со што ни се покажува друг пат, патот на Евангелието, патот на вистинската слобода во радосната заедница на Неговото вечно Царство.

Со овие пораки ви го честитаме празникот на Христовото рождество на сите чеда на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, како во Татковината, така и насекаде по светот, поздравувајќи ве со радосниот поздрав:

ХРИСТОС  СЕ  РОДИ!

Честито и од Бога благословено новото 2025-то лето Господово!, порача поглаварот на МПЦ-ОА, г.г.. Стефан во Божикното послание објавено на веб страницата на МПЦ-ОА.

Continue Reading

Религија

ПРАВОСЛАВНИТЕ ХРИСТИЈАНИ ГО СЛАВАТ БАДНИК Празнувањето ќе почне пред Соборниот храм и ќе кулминира со поворки и концерт на скопскиот плоштад

Published

on

Во Скопје се очекува да биде формирана досега најдолгата бадникова поворка, а за дечињата се подготвени повеќе од 3.500 коледарски пакетчиња. Поворките ќе тргнат пред Музејот на Град Скопје, со движење низ улицата Македонија, а ќе завршат на Плоштадот во Скопје, каде што ќе се одржат голем Божикен концерт и креативни работилници за децата.

Православните христијански верници во земјава денеска го слават Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово – Божик.

Одбележувањето на Бадник во Скопје ќе почне пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во организација на Здружението на граѓани „Одбор за традиционална прослава на Бадник“.

Кум на годинашното одбележување е Радомир Макеларски, кој ќе го понесе ќупот за Бадник 2025, а здравичар е Атанас Петров, кој на платото пред Соборниот храм ќе ја каже здравицата во пресрет на Божик.

Свештениците од Соборниот храм ќе ги осветат нафората и чајот, како и бадникарските гранчиња, што годинашните кумови и здравичарот традиционално порано ги набраа на падините на Водно, а кои ќе им се делат бесплатно на присутните.

Под мотото „Пренеси ја Божикната радост до секое срце!“, Христовото раѓање напладне во Скопје и други градови низ земјава, ќе го најават децата со бадникови поворки, пеејќи ја „Вечниот Бог“.

Во Скопје се очекува да биде формирана досега најдолгата бадникова поворка, а за дечињата се подготвени повеќе од 3.500 коледарски пакетчиња.

Поворките ќе тргнат пред Музејот на Град Скопје, со движење низ улицата Македонија, а ќе завршат на Плоштадот во Скопје, каде што ќе се одржат голем Божикен концерт, креативни работилници за децата на кои секое дете ќе може да изработи своја ѕвезда и да ја зачува за следната година, драмски претстави за сите возрасти, како и традиционално дарување од градоначалниците, кои ќе ги пречекаат дечињата, како најрадосни предвесници на Христовото раѓање.

На плоштадот во Скопје уште претходно беше поставена пештера на Христовото раѓање, создадена од врвни уметници и волонтери.

„Бадниковите поворки и во 2025 година ќе внесат весела празнична атмосфера во домовите на сите православни христијани, ширум земјава и странство. Затоа, ајде сите заедно да ја пренесеме божикната радост во секој град, секое населено место, во секој дом и да го почувствуваме благословот на Христовото раѓање“, порачаа од Здружението „Бадникови поворки“.

Поради одбележувањата на Бадник, денеска на подрачјето на Скопје ќе има посебен сообраќаен режим. Од СВР Скопје апелираат до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници.

Македонскиот народ со многу внимание и почит ги одбележува овие празници. Божик е Господски празник и се празнува во спомен на раѓањето на Господ Исус Христос. Овој празник е матица на сите други црковни празници, бидејќи со Христовото раѓање се смета и почетокот на новата ера.

Семејството на Бадник се собира на заедничка вечера и според обичајот оваа вечер не се оди на гости. Се прави богата, посна трпеза.

Домаќините се трудат да принесат од сè по нешто за да им биде богата трпезата во текот на целата година. Се меси погача, а во некои места се прават зелници. Пред почнувањето на вечерата на која сите се собрани, домаќинот ја благословува трпезата, го крши кравајчето, а некаде го дели зелникот, на толку делови колку што има членови во семејството, оставајќи уште дел за Бога и дел за куќата.

Исто така, вечерта во огнот се става бадниково гранче кое се смета за најздраво дрво, за да бидат здрави сите во семејството. Бадниковите гранчиња се симбол на среќата, љубовта и светлината, со кои православните верници ги украсуваат домовите за Бадниковата вечер, во пресрет на Божик.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2024 Булевар.мк