По четврти пат се одложи повтореното судење по пожарот во тетовската модуларна болница откако такво решение донесе Апелацискиот суд Гостивар по јавната седница во април 2024 година, а по првичната пресуда од 5 јуни 2023 година. Како и на 5 ноември 2024 и денес рочиштето се одложи поради отсуство на судијата Јордан Велковски, кој е на боледување. Судијката која го заменуваше го закажа почетокот на судењето за 18 март 2025 година во 10 часот.
Првиот обид за повтореното судење беше на 26 јуни 2024 година, па се одложи за 25 септември кога исто така не се одржи јавна расправа.
Апелацискиот суд во април 2024 година донесе решение со кое наложи да има повторно судење за поранешните директори на тетовската болница Флорин Бесими и Артан Етеми, како и Јавната здравствена установа Клиничка болница Тетово како правен субјект. За докторот Бобан Вучевски, Апелацискиот суд во април 2024 година ја одби жалбата на Обвинителството и ја потврди првостепената ослободителна пресуда за него.
На 5 јуни 2023 година Основен суд Тетово одреди условна осуда за обвинетите директори Флорин Бесими и Артан Етеми за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека правното лице ЈЗУ Клиничка болница беше прогласено за виновно за делото „предизвикување општа опасност“ во судскиот процес по пожарот во модуларната болница во Тетово во 2021 година кога животите ги загубија 14 луѓе. Судот тогаш одлучи да има ослободителна пресуда за докторот Бобан Вучевски и Клиничка болница за делото „непостапување по здравствени прописи“.
Според пресудата, на обвинетите Флорин Бесими и Артан Етеми им беше утврдена казна затвор од по една година и шест месеци, условна осуда и утврдената казна затвор нема да се изврши доколку обвинетите секој за себе во време од по три години не сторат ново кривично дело. Правно лице требаше да плати парична казна во висина од еден милион денари, 30 дена по правосилност на пресудата.
Првиот судски процес се водеше откако на 8 септември 2021 година 14 луѓе ги загубија животите во пожарот во модуларната болница во рамки на Клиничка болница Тетово.
Премиерот Христијан Мицкоски во вечерашното интервју за МТВ од Њујорк беше запрашан дали поканата која ја добил за присуство на настанот од инаугурацијата на новиот американски претседател Доналд Трамнп во Вашингтон била добиена „по приватни канали“ и скапоплатена од специјализирана агенција, или пак ја добил официјално по иницијатива од САД. Вели поканата не е најважното нешто, туку инвестиции во Македонија кои таа посета ќе ги донесе. Според него допрва ќе бидат објавувани кои се бенифициите за земјата од посетата на САД.
-Видете јас ги следам случувањата дома, и тоа што го прави опозицијата за мене е разбирливо. Тие сакаат тема од оваа посета да биде поканата. Но, суштината од посетата ќе ја гледаат допрва во периодот што следи.
Факт е дека како и секоја церемонија на инаугурација на претседател на САД е да биде на истото место – прво во ротондата во самиот Конгрес, а вториот дел е таму кај што го држеше говорот претседателот Трамп во салата на Вашингтон Визардс, каде јас бев во апартманскиот дел. Тоа беше голема чест што присуствувам на тој настан, а се друго оставам на политичкиот фолклор, рече Мицкоски.
Премиерот додаде дека во ВИП-просторот го следел настанот заедно со претседателот на Републиканската партија на САД, Мајкл Ватли, и со сопственикот на НБА-клубот Шарлот Хорнетс, кој како што рече тој, е милијардер кој се бавел со продажба на недвижнини.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, која ја информираше за економските состојби и очекувања, согласно макроекономските проекции на Народната банка.
На средбата беше констатирано дека ценовната и финансиската стабилност се темелите на здравата економија, во која инвестициите и бизнисите можат да напредуваат и дека без нив економијата е чувствителна на шокови коишто го нарушуваат растот и ја намалуваат довербата на јавноста во финансиските системи. Во таа насока, беше истакнато дека преку политиките и мерките на Народната банка за задржување на ценовната и финансиската стабилност, се обезбедува одржлив економски раст.
Имајќи ја предвид клучната улога на Народната банка во заштитата на овие фундаменти, како суштински за создавање на стабилна и предвидлива средина за бизнисите, инвеститорите и домаќинствата, претседателката Сиљановска-Давкова изрази поддршка на нејзината посветеност за одржување на здрави монетарни и финансиски политики, отпорна економија и просперитетна иднина.
На средбата, гувернерката посочи дека просечната инфлација во 2024 година беше 3,5%, што е во согласност со проекциите на Народната банка, а се очекува намалување на околу 2,5% во 2025 година и враќање на историскиот просек од 2% на среден рок. Во однос на економскиот раст, се предвидува умерено забрзување, односно закрепнување на економската активност. Економијата ќе биде поддржана со кредитна активност, натамошно проширување на депозитната база и со стабилен банкарски систем. Сепак, поради постојните ризици од особена важност е да се водат внимателни макроекономски политики. Во таа насока, гувернерката Ангеловска-Бежоска истакна дека Народната банка ќе продолжи со спроведување на добро осмислени политики, коишто ќе обезбедат долгорочна макроекономска стабилност и ќе гарантираат одржлив економски раст.
Соговорничките разменија мислења и за можните влијанија на глобалните економски случувања и геополитиката врз македонската економија, причините за чувствителноста на надворешни шокови, факторите што влијаат врз зголемување на странските директни инвестиции, како и за неопходните мерки за фискална консолидација.
Во разговорот беше изразено очекување дека Планот за раст за Западен Балкан на Европската Унија ќе има позитивно влијание врз економијата и спроведувањето на Реформската агенда на државата.
На крајот, гувернерката ја запозна претседателката Сиљановска-Давкова со нивните напори и заложби за што е можно побрзо вклучување на државата во Европската област за плаќања во евра (СЕПА) со цел зголемување на ефикасноста на плаќањата во еврa и натамошен развој и интегрирање во заедничкиот европски пазар.
Полициски службеници од СВР Куманово утринава привеле 28-годишен жител на селото Отља, општина Липково, затоа што ограбил таксист.
„Тој се сомничи дека со закана со огнено оружје одзел пари од такси возач од Куманово, кој го превезувал од Куманово до с.Отља. Разбојникот бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава“, соопшти МВР.