Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска го посети рудникот САСА, најголемиот подземен рудник за олово и цинк во земјава, кој произведува приближно 800.000 тони руда годишно. На средбата со претставниците на менаџерскиот тим на рудникот, Божиноска посочи дека ги поддржува рударските практики кои се одржливи и безбедни, а воедно ја истакна и важноста на иновациите во рударството.
-САСА е важен дел од економската структура на нашата земја. Поддршката за овие проекти е клучна за одржливиот развој и за подобрување на условите за живот на локалната заедница. Како министерка мојата цел е да ги поддржам рударските практики кои се одржливи и безбедни и да ја истакнам важноста на иновациите во рударството. Со поддршка на модерни технологии, да работиме на создавање рударството кое е безбедно и одржливо, истакна Божиновска на средбата.
Од Министерството соопштија дека во САСА директно се вработени околу 770 лица, најголем дел жители на локалната заедница, а успешното работење на рудникот Саса во изминатите шест години му овозможи да плати повеќе од 85 милиони долари во форма на даноци, кои се искористени за поддршка на развојот на земјата и подобрување на квалитетот на животот на луѓето.
Генералниот директор на Рудник САСА, Кристофер Колбурн истакна дека во изминатите шест години како дел од Централ Азија Металс, интернационална рударска компанија, вложени се над 80 милиони долари во капитални проекти, современа рударска опрема, дигитализација, подобрување на безбедноста, стандардите и условите за работа во рудникот,
-Оваа посета на министерката Божиновска, која раководи со еден исклучително значаен ресор, за нас во САСА има посебно значење. Таа е дел од вкупната наша комуникација и соработка со институциите на централно и локално ниво, која е неопходна за натамошниот успех на САСА. Целта е да ги реализираме нашите инвестициски планови и проекти за безбедна, еколошки одговорна и стабилна работа на САСА, обезбедувајќи благосостојба за своите вработени и нивните семејства, поддржувајќи ја локалната заедница и придонесувајќи за целокупниот просперитет на земјата, изјави Колбурн.
За време на посетата министерката ги посетила и подземните руднички коридори каде разговараше со рударите за нивните искуства и предизвици. Работниците нагласија дека безбедноста на теренот е приоритет и дека постојано работат на подобрување на условите на работа.
-Рударите се срцето на овој рудник. Нивната безбедност и задоволство од работа се од суштинско значење за успешното функционирање на САСА, истакна министерката.
Божиновска ги посети и новите постројки кои се дел од инвестициски проекти значајни за заштита на животна средина и здравјето. Како, постројката за подготовка на паста за засип што ќе ја максимизира екстракцијата на ресурсите, намалувајќи ја потребата од оставање на руда на самото место. Со изградбата на постојка за подготовка на јаловина за суво одлагање ќе се намали еколошкиот отпечаток, со тоа што нема да има потреба да гради уште едно јаловишно езеро во текот на постојниот животен век на рудникот.
Посетата на САСА е дел од континуираните активности на министерката Божиновска за директна комуникација и редовна посета на сите капацитети под ингеренции на министерството.
Чарлс откри каква е улогата на Британија ако Русија ја нападне Европа
Британскиот крал Чарлс истакна дека Велика Британија и Германија се подготвени да ја поддржат Европа во услови на закана од понатамошна руска агресија. Тој го пофали заедничкиот одбранбен договор со Германија, нарекувајќи го „уникатно партнерство во срцето на НАТО“, јави Скај њуз.
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, кој е во тридневна државна посета на Обединетото Кралство, изјави дека двете земји работат рамо до рамо за да ја промовираат безбедноста и стабилноста на Европа, со посебна поддршка за Украина. Ова е прва официјална посета на германски лидер на Велика Британија по 27 години.
За време на престојот, Штајнмаер се сретна со британскиот премиер Кир Стармер на тркалезна маса со бизнис лидери, како дел од проект за електрични возила вреден 20 милиони евра, кој ќе отвори 150 работни места во Нортхемптоншир и Оксфордшир. Во јули, двете земји го потпишаа Договорот од Кенсингтон, со кој се зацврстува соработката во прашања како Украина, миграција, економски раст и трговија.
Посетата вклучи церемонијален воен пречек, возење со кралска кочија и положување цвеќе на гробот на кралицата Елизабета Втора во капелата „Свети Ѓорѓи“, а на банкетот во Виндзор кралот Чарлс се пошегува за нивната заедничка љубов кон фудбалот, додавајќи дека „на крајот, Германците победуваат“.
Сите камери за брзина веќе се мапирани од оваа апликација
Додека проектот „Безбеден град“ е во тест-фаза, возачите ширум земјата веќе ја користат апликацијата Waze за да се прилагодат на новите правила и масовното мерење на брзината. Корисниците го прават ова преку дигитално мапирање на речиси сите камери што мерат брзина.
„Waze“ е навигациска апликација која во реално време прикажува сите релевантни информации за патот. Од вчера, речиси целосната мрежа на камери на „Безбеден град“ е веќе внесена од страна на самите корисници.
Апликацијата нуди:
Прецизна мапа на камери за брзина – фиксни, мобилни и новопоставени. Гласовно предупредување при приближување кон камера. Информации за полиција, радари, работи на пат и метеж, внесени од самите возачи. Автоматско пресметување на најбезбедна рута со прикажување на сите критични точки. Можност за пријавување на нови камери од страна на корисниците, со што мрежата постојано се ажурира.
Возачите ја користат апликацијата за да го следат ограничувањето на брзината, да избегнат ненамерни прекршоци и да добијат предупредување неколку стотини метри пред камера. За многумина, Waze стана единствена гаранција дека нема да бидат „изненадени“ од камерите на „Безбеден град“.
Во првите 48 часа од стартот на тест-фазата, бројот на извештаи за камери на Waze драстично порасна, што покажува дека апликацијата е ефикасно решение за безбедно возење.
ВЛЕН: Анкетната комисија мора да ја открие вистината за сите трагични случаи
Коалицијата ВЛЕН целосно го поддржува формирањето на анкетната комисија, нагласувајќи дека со години граѓаните останале без одговори и често биле манипулирани. Според коалицијата, време е оваа пракса конечно да заврши.
Од ВЛЕН посочуваат дека нивниот став отсекогаш бил јасен – потребна е сеопфатна комисија, без селективен пристап и без политички мотиви. Ваква инклузивна комисија, велат од коалицијата, конечно се формира.
Новоформираната комисија ќе ги разгледа сите тешки и чувствителни случаи што со години ја потресуваа државата: трагедиите со „Дурмо Турс“ и „Беса Транс“, пожарот во модуларната болница во Тетово, како и несреќата во Кочани. Само целосен пристап, оценуваат од ВЛЕН, може да ги открие институционалните пропусти што чинеле човечки животи.
Коалицијата очекува комисијата да укаже не само на индивидуалните грешки, туку и на длабоко вкоренетите модели на лошо управување кои овозможиле низа трагедии низ годините. Според ВЛЕН, откривањето на вистината е првиот чекор кон справување со системските слабости и враќање на довербата на граѓаните.