Државниот завод за ревизија (ДЗР) изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување (Фонд ПИО) за 2023 година во која заклучува дека наплатените придонеси од плата на Фондот и во 2023 година не се доволни за покривање на дефицитот од 33 отсто за исплата на пензии.
Со извршената ревизија е изразено неповолно мислење за вистинито и објективно прикажување на финансиската состојба и резултатите од финансиските активности, како и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставените политики.
Во ревизорскиот извештај е утврдено дека не е извршено евидентирање на имотот во деловните книги на постојаните средства добиени по основ на стечајни постапки за кое Фондот има сопственост или пренесено право на користење, дека не е целосно спроведен пописот на средствата и обврските и дека е извршено бришење на отпишаните движни ствари од сметководствената евиденцијата, без одлука на Влада и без спроведување на постапка за нивно уништување или отуѓување.
Воедно е утврдено дека Фондот не располага со податоци за вкупно наплатените средства од акцизи и целосноста на наплатените приходи по овој основ, на сметката за уплата и распределба на придонеси на крајот на секоја година остануваат парични средства за кои дел се неидентификувани уплати на придонес и за истите не се создадени можности да се користат за исплата на пензии. Утврдено е дека е склучен договор за закуп на деловен простор на 20 години без спроведена соодветна постапка, како и слабости во спроведувањето на постапките и реализацијата на договорите за јавни набавки, во начинот на доделување и исполнетоста на условите за сместување во становите при домовите за живеење на корисниците на пензија со кои стопанисува Фондот и во безбедноста и сигурноста на ИТ системот.
Во јуни 2022 година по спроведен јавен конкурс и постапка, со Одлука на Управниот одбор именуван е директор на Фондот на која Владата нема дадено согласност, што не е во согласност со Законот за ПИО и влијае на начинот на извршениот избор. Во март 2023 година, по девет месеци, од страна на Владата донесено е Решение за недавање согласност на одлуката на УО од јуни 2022 година за именуваниот директор на Фондот од страна на УО што влијае на квалитетот на раководењето и работењето како и на начинот на реализација на правата и должностите на директорот утврдени со закон, се вели во извештајот од ДЗР.
Во текот на 2023 година, се додава, спроведенa e набавкa за тековно одржување и изведување на градежно занаетчиски работи на деловни објекти на Фондот во централата, филијалите, деловниците и пензионерските домови за кои склучени се договори и анекси кон договорите во вкупен износ од 35.883 илјади денари за која ревизорите утврдиле слабости во нејзиното спроведување и реализација.
За позициите за кои била понудена минимална цена, во текот на реализација на договорот не се извршени нарачки. Договорот се реализирал за само неколку работни позиции кои во споредба на понудите на останатите економски оператори кои биле оценети како неприфатливи, кои за истите позиции имале од 2 (два) до 22 (дваесет и два) пати пониски цени, се посочува во извештајот.
Се нагласува дека Фондот во континуитет се соочува со недостиг на кадровски капацитети на стручен и обучен кадар во секторите клучни за дејноста, подрачните единици, во Секторот за ИТ и во одделението за внатрешна ревизија, што значително влијае на квалитетот на извршувањето на дејноста и работењето на Фондот.
Во текот на 2023 година ангажирани се 206 физички лица со договор на дело за период од 2 до 12 месеци, за кои Фондот има обезбедено согласности од Министерството за финансии, за извршување на работни задачи согласно систематизацијата на работни места, за кои се исплатени средства во износ од 50.377 илјади денари. Ревизорите укажуваат дека не постои евиденција за присуство на ангажираните лица поради што постои можност од исплата на парични средства на лица кои не биле присутни на работните места и не ги извршувале работните обврски. Во договорите не е предвидена обврска ангажираните лица да доставуваат извештаи за извршената работа, што не обезбедува уверување во однос на исполнувањето на нивните работни задачи и обврски за кои се ангажирани при што поголем дел од договорите не се потпишани од страна на извршителите, велат од ДЗР.
Кај делот кој се однесува на внатрешните контроли во подрачните единици (ПЕ), како што посочуваат од ДЗР, ревизорите утврдиле состојби кои влијаат на квалитетното извршување на работните обврски на Фондот и тоа не ажурност во работењето и постоење на стари и не решени предмети од пред повеќе години, не функционалност на системот за евиденција на работното време, не соодветна распределба на работните обврски помеѓу вработените и лицата по договор за дело, поголем обем на работа кај одредени ПЕ и потреба од нови вработувања. Покрај тоа речиси кај сите ПЕ е утврдена состојба на не соодветни хигиенски услови за работа во деловните простории и уништени натписни табли на Фондот, потреба од реконструкции на објектите кои во најголем дел се користат заедно со ФЗО. Утврдено е дека предметите се чуваат во несоодветни услови и постојат можности за нивно оштетување од кражба, влага и поплави и уништени предмети, како и дека има слаба комуникација и координација на ПЕ со Централата во Скопје.
Ревизорите утврдиле слабости и во делот на функционирањето на воспоставените внатрешни контроли во процесот на обработка на пензиските досиеја и исплата на пензиските примања, кој се одвива преку воспоставениот електронски систем што влијае на навременоста и точноста на постапката на пресметка и исплата на пензиските примања.
Дополнително покрај состојбите опишани во основот за неповолно мислење за финансиските извештаи, ревизорите го идентификувале клучнотo ревизорско прашање кое се однесува на дефицитот на средства со кој се соочува Фондот во континуитет.
Приходите од наплатен придонес од плата за пензиско и инвалидско осигурување во 2023 година се зголемени за 13 отсто во однос на претходната 2022 година и изнесуваат 63.340.987 илјади денари со учество од 65,74 отсто во вкупно остварените приходи. Оствареното зголемување на приходите во 2023 година и понатаму не е доволно за покривање на расходите за социјални бенефиции кои исто така секоја година бележат раст, посочуваат од ДЗР.
Нагласуваат дека процентот на средствата кои се одвојуваат од Буџетот на државата до 2018 година континуирано се зголемува, од 2019 година бележи тренд на намалување. Во 2023 година учеството на трансферираните средства од Буџетот на државата учествува со 32,6 отсто.
Во декември 2023 година бројот на осигурениците изнесува 573.372 лица додека бројот на пензионери изнесува 337.814 лица односно соодносот пензионери/осигуреници изнесува 1:1,70 и бележи мало намалување во однос на 2022 година кога изнесувал 1:1,71.
Во делот на останати прашања ревизорите ја истакнуваат состојбата во врска со донесениот Закон за финансиска поддршка на социјално ранливите категории на граѓани во декември 2023 година со кој е извршена исплата и тоа на: корисници на посебен додаток, корисници на правото на надоместок заради попреченост, самохрани родители кои се евидентирани на гарантирана минимална помош, корисници на право на пензија во висина до 19.000 денари.
Не оспорувајќи ги заложбите за доделување на финансиска помош на оваа категорија на граѓани, ревизорите истакнуваат дека донесувањето на овој закон кога е извесно дека ќе се спроведат редовните избори за избор на претседател на Република Северна Македонија закажани на 24.04.2024 година, распишани со Решение на Собранието на 14.02.2024 година, како и избор на пратеници во Собранието, распишани на истиот датум и закажани избори на 08.05.2024 година, за кои се исплатени средства на корисниците на пензија во предизборниот период од месец февруари до април 2024 година во вкупен износ од 1.243.322 илјади денари е во колизија со барањата на член 8-а од Изборниот законик согласно кој не може да се вршат исплаќања на плати, пензии, социјална помош или други исплати и материјални надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови кои не се редовни месечни исплати, посочуваат од ДЗР.
Ревизорите, како што велат, укажуваат дека согласно одредбите од членот 8-а од Изборниот законик, исплатата на финансиската поддршка на социјално ранливите категории по распишувањето на изборите на 14.02.2024 година требало да престане да се исплатува се до завршување на изборот на претседател на Република Северна Македонија и избор на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија. Исплатата на средствата се вршела преку разделите на МТСП, Фондот и МОН од кои по денот на распишувањето на изборите спротивно на барањето на член 8-а од Изборниот законик исплатени се средства во износ од 1.750.549 илјади денари.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против А.Ш., на 39 години, од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
„Тој, во својство на вршител на должноста директор на ЈЗУ – Општа болница во Охрид, со пропуштање на должен надзор и без постоење на правен основ, на четири административни работници во болницата, кои немале решенија за раководна позиција, им определил коефициент на раководење и одговорност, со што на штета на болницата им овозможил право на повисока плата во вкупна вредност од 257.920 денари“, вели портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Ова било констатирано и при вонреден инспекциски надзор, извршен од страна на Државниот инспекторат за труд.
Судијките Данка Ристова, Антоанета Димовска и Татјана Чачарова Илиевска се тројцата членови на комисијата формирана од страна на Судскиот совет, а која во рамки на своите надлежности треба да испита дали имало пропусти во одлуката на судијката Даниела Алексовска-Стојановска од Основниот кривичен суд Скопје која за Васил Јованов, пресудила воспитно поправна мерка – упатување во поправен дом за малолетници за поседување и продажба на наркотички средства.
Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски денеска изјави дека Комисијата треба внимателно да постапува.
„Треба внимателно да постапува Комисијата, да не створи притисок врз апелационите судови бидејќи тие нормално треба да одлучат по таа првостепена пресуда. Ако е добра ќе ја потврдат. Ако сметаат дека не е во ред, дека постојат одредени повреди на постапката, ќе ја укинат или можеби ќе ја преиначат. Затоа треба Комисијата внимателно да изврши увид и откако ќе заврши со увидот, ќе направи свој извештај. Ќе се постапува паралелно. Меѓутоа, убаво би било да внимаваме бидејќи не сакаме да почувствува Апелациониот суд некаков притисок од наша страна. Доволен е притисокот што веќе го има од јавноста врз тој суд“, изјави Камбовски, по седницата на Судскиот совет.
Пресудата за ова кривично дело против Јованов сѐе уште не е правосилна, бидејќи Апелациониот суд сѐ уште се нема произнесено по жалбената постапка.
Васил Јованов е момчето кое ја прегази Фросина Кулакова на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје и кој се товари дека тоа го сторил со умисла затоа што возел без возачка дозвола, поминувајќи на црвено светло и под дејство на алкохол.
Минатиот петок, на 31 јануари, објавив колумна наречена „Дали ако е лошо времето ќе го бојкотираме УХМР“? Главните тези во оваа колумна ми беа: инфлацијата е во голема мерка предизвикана од вештачки зголемениот минималец и покачувања на платите, пред сѐ, во бирократијата, кои не кореспондираат со пораст на продуктивноста и Владата, доколку сака да го амортизира инфлаторниот удар, истото може да го стори само со директни субвенции на социјално загрозените граѓани, а не со замрзнувања на цените за сите граѓани.
Предложив и стратешки мерки, како на пример:зајакнување на конкуренцијата – што побрз влез на нов трговски ланец (Лидл), борба против сивата економија, формирање на потрошувачки задруги (како на пр. во Словенија).
Во колумната од минатиот петок не опфатив едно важно прашање:
Дали постои начин да се влијае на пониските малопродажни цени, преку пониски влезни цени на земјоделските и прехранбените производи?
И тука доаѓаме до многу сериозен проблем:
Најголем дел од прехранбените производи во малопродажба се увозни, а оние што се од домашни преработувачи, во голема мера се зависни од увозни суровини, репроматеријали, амбалажа и што уште не.
Македонското земјоделско производство е во постојано опаѓање, а македонските субвенции за земјоделскиот сектор се во постојан пораст.
Прашање 1: Зошто ние, како општество, фрламе пари година по година, за нешто кое не дава резултати?
Во ваква констелација, шансите за пораст на земјоделското производство се еднакви на тоа наркоман да се откаже од дрога, ако вие дополнително му давате пари да купува нови количини. До кога ќе фрламе парички во Фонтана ди Треви?, надевајќи се дека ќе се вратиме во Рим.
Прашање 2: Дали можеби поинаков систем на субвенции ќе даде подобри резултати во земјоделството?
Очигледно е дека сегашниот систем служи само за купување на социјален мир и политичко влијание.
До кога ќе фрламе парички во Фонтана ди Треви?
Системот на земјоделски субвенции едноставно не дава резултати. Производството не се зголемува. Напротив, субвенциите за македонското земјоделство се како да фрламе парички во Фонтана ди Треви и да се надеваме на чудо.
Шансите да ги намалиме цените на храната и прехранбените производи во малопродажбата, едноставно, се многу мали, бидејќи доминираат увозни артикли на чија цена не можеме да влијаеме.
Да ги видиме следниве бројки:
Учество на земјоделското производство во БДП
Учеството на земјоделството во БДП се намалило за 34%; од 10,03% на 6,63% за само 10 години.
Ако продолжи овој тренд, за 10 години ќе се намали на 3,9%. Речиси како во Америка, каде земјоделството има ниско учество (само што ни фалат уште околу $60,000 по глава на жител за да бидеме како Америка).
Трговски дефицит во земјоделството
Во земјоделската размена, трговскиот дефицит изнесува 1,17 милијарди евра во само четири години. Толку пари сме морале да откинеме од нешто друго што заработила економијата, или да позајмиме, за да можеме да ја задоволиме побарувачката за храна.
Да не ја заборавиме наједноставната формула на БДП: „БДП е еднаков на збирот од вкупното производство на стоки и услуги и нето извозот, односно извоз минус увоз.”
Ова значи дека самите сме го намалиле БДП во последнава година за 390 милиони eвра.Онака, како да сме шеици, па имаме пари за расфрлање.
Покриеност на увоз со извоз на земјоделски производи
Покриеноста на увозот со извоз во земјоделството се намалува од 75% во 2020-та на 66% во 2023-та.
Ако продолжи овој тренд, во 2033 покриеноста на увоз со извоз во земјоделството ќе изнесува само 29%?!
Субвенциите постојано растат (читај: фрламе сѐ повеќе парички во горенаведената фонтана)
Субвенциите пораснале за околу 8,9 % во последните 4 години.
Притоа, земјоделското производство во најголем број случаи се намалило.
Македонија беше земјоделска земја… а потоа не беше!
Македонија (сегашна Северна, порано Социјалистичка, а уште порано Народна) беше земјоделска земја. Па потоа не беше. И сè помалку е, секој ден сè помалку. На пример, да видиме што се случува од 2020-та година наваму со производството на месо?
Производство на месо (извор ДЗС)
Производството на месо е преполовено кај сите видови освен кај свинското, каде има пораст од 29%.
Производство на млеко 2000-2023 (извор ДЗСС)
Или поинаку кажано, производството на млеко во периодот 2000-2023 имало агрегатен годишен раст од само 0,3%, но во последните 4 години е во слободен пад. Особено значајно е намалувањето во 2023 година, кога производството изнесувало 238,328 илјади литри, што претставува пад од 26.5% во однос на 2022 година.
Во полјоделството ситуацијата е уште полоша, да не речеме, катастрофална.
Производство на пченица
За 10 години и повеќе од 2 милијарди евра субвенции, сме го добиле овој резултат:
А) Намалување на засеаните и ожнеаните површини за 10%,
Б) Намалување на производството за 25%,
В) Намалување на продуктивноста за 18%.
Луѓето од мојата генерација (1967) го паметат филмот кој кај нас се преведуваше како „Има ли пилот во авионот? Две милијарди евра потрошени за намалување на производството за 25% и на продуктивноста за 18%?
Производство на ориз
Единствена светла точка е тоа што за 11 години има пораст на продуктивноста за 7%. Но, вкупното производство е опаднато за скоро 40%.
Производство на домати
Кај производството на домати имаме обратен феномен. Исти површини се засадени, но продуктивноста е намалена за 25%.
Всушност, единствена табела каде имаме пораст е таа со административните трошења.
Буџет на Министерството за земјоделство
Продуктивноста на доматите се намалила за 25%, површината под пченица и ориз е преполовена, но затоа имаме Министерство за земјоделство со буџет зголемен за 48%.
Конкретни предлози за намалување на цените на храната и зголемување на земјоделското производство
Во претходната колумна обрнав внимание на екстерните критериуми кои создадоа висока побарувачка: а) висок минималец, високи плати на бирократија и непотребни вработувања, б) немање никакви критериуми или мерење на успешност на вработените во државниот сектор.
Во оваа колумна се осврнав повеќе на субвенции во земјоделството, кои само креираат т.н. клиентелизам, а на никаков начин не го зголемуваат земјоделското производство.
Сега би сакал да наведам некои можни стратегии за подобро да се искористи финансирањето во земјоделството.
1.Продуктивност наместо квантитет
– Наместо едноставно субвенционирање врз основа на површина (хектари) или број на грла добиток, да се стимулира продуктивноста и квалитетот на производството,
– Да се воведе систем на КПИ базирани субвенции, каде што земјоделците ќе добиваат поддршка врз основа на приносот и квалитетот на производите.
2.Мали земјоделски стопанства не можат да бидат ефикасни – окрупнувањето е нужност.
Од класификацијата на земјоделските стопанства (ЗС) по големина може да се види дека 95,27% од ЗС користат земјоделско земјиште под 5ха, а дури 98,5% под 10ха. Само 1,47% од ЗС имаат обработливи површини над 10ха.
3.Поддршка за иновации и модернизација
Поголем фокус на механизација и нови технологии за да се зголеми ефикасноста,
Финансиска помош за префрлување на паметни земјоделски технологии (на пример, дигитални системи за наводнување и дронови за мониторинг),
Поттикнување на еколошко и органско производство со специјални грантови.
Строга контрола и транспарентност,
Да се создаде јавен регистар со сите субвенционирани земјоделци и износи, со што ќе се спречи фаворизирање на одредени производители,
Воведување на независен надзорен орган кој ќе следи како се распределуваат субвенциите.
5. Поддршка за младите земјоделци
-Специјални програми за млади луѓе кои сакаат да почнат агробизнис,
– Олеснет пристап до земјоделско земјиште за млади претприемачи во секторот,
– Директни грантови за иновативни идеи во земјоделството.
6. Диверзификација на производството
– Наместо само субвенционирање на житарици и традиционални култури, да се поттикне одгледување на култури со повисока додадена вредност (лековити билки, овошје за извоз, мед и органски производи),
– Програми за поддршка на локални преработувачки капацитети, за да се создава финален производ, а не само суровина.
7. Поврзување со извозните пазари
-Директна државна помош за извозно ориентирани земјоделци (на пример, субвенции за сертификација за ЕУ пазарот),
-Oдобрување на логистиката и транспортната инфраструктура за полесен пристап до странски пазари.
8.Развој на моделот на Италија за аграрен туризам (Agriturismo)
– Модел според кој малите рурални ресторани се ослободени од ДДВ и данок на добивка доколку послужуваат најмалку 50% сопствени производи: млеко, сирење, месо итн.
Заклучоци
Констатиравме дека бојкотот на трговските ланци нема никаква логика – можноста за интервенција е ниска бидејќи производите се доминантно увезени или зависни од увозни компоненти за производство.
Домашното земјоделско производство е во постојано опаѓање.
Земјоделското производство е намалено за скоро 50% а трговскиот дефицит на земјоделските производи расте со стапка од 30% и достигна скоро 1,2 милијарди евра.
Субвенциите се во постојан пораст и се зголемени за околу 10%.
На тоа ги додаваме и покачените трошоци на Министерството за земјоделство: буџет поголем за 48%, плати поголеми за 73% и оперативни трошоци по вработен зголемени за 76%.
Како капак на сето погоре, имаме бројни високо образовни и научни установи: имаме Факултет за ветерина, Факултет за земјоделски науки и храна, Земјоделски и Институт за сточарство при УКИМ, Земјоделски факултет УГД Штип, Биотехнички и Ветеринарен факултет при УКЛО – Битола, Институт за тутун – Прилеп, Факултет за земјоделство и биотехнологија ДУТ Тетово.
Се разбира, тие не се директно одговорни за намаленото производство но би требало да влијаат на зголемување на продуктивноста. А, не кај доматите да имаме намален принос. Ние, Македонија, која историски беше традиционален производител и извозник на раноградинарски култури?!
Накратко фрламе пари во Фонтана ди Треви“ и го гледаме филмот „Има ли пилот во авионот“. А потоа повикуваме на бојкот на трговските ланци?
Историска шанса или кој ќе биде споменуван 1.000 години од сега? (и дали воопшто?)
Денес, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ има историска шанса. Може да се занимава со политиканство и клиентелизам и да ги дели средствата за субвенции, плати за администрација и високообразовни установи без никаков ефект, како што се делени до сега.
Или, може да направи историски исчекор и да ја повлече Македонија напред. Државата треба да го поттикнува само она што е продуктивно и профитабилно, и добро за економијата и за целото општество.
Дали Владата ќе ја искористи оваа шанса, зависи само од нив. „Секој е ковач на својата судбина“ рекол Appius Claudius Caecus од 4-от век п.н.е. во Стариот Рим.
Appia Antica и денес е едно од најпосетуваните историски места во Рим. Appia Nuova е наречена во негова чест.
Дали некој од денешните македонски политичари ќе ја има таа од раководител на Министерство или Влада, да прерасне во државник, за по илјада години некоја улица да се нарекува по него или по неа?
Соработници: м-р Александар Ивановски УАКС Алумни, м-р Стефан Таневски, асистент на УАКС, м-р Никола Деребанов, консултант и експерт за зелена економија