Премиерот Христијан Мицкоски во јануари годинава рече дека ако Судот донесе одлука да се вратат 50-те милиони евра од солидарниот данок, парите ќе им бидат вратени на компаниите и најави потенцијална кривична одговорност за креаторите на оваа политика.
Уставниот суд донесе одлука да го поништи Законот за солидарен данок. Тоа значи дека државата, односно ние граѓаните, ќе треба да им вратиме околу 49,2 милиони евра на 156-те најпрофитабилни компании кои во 2022 година беа еднократно оданоечни со т.н. солидарен данок.
Данокот на солидарност беше воведен како еднократна, вонредна јавна давачка во 2023 година. Со него беа задолжени сите компании кои оствариле профит над 615 милиони денари во 2022 година. Околу 150 компании мораа да платат задолжителен вонреден данок на солидарност на веќе одданочениот профит од претходната година.
Целта на законот, како што објаснуваше претходната влада на СДСМ, беше да се соберат средства за ублажување на последиците од здравствената и екномската криза и да се придонесе за јавните расходи на солидарен начин.
На седница лани во ноември Уставниот суд ги прифати како основани дел од наводите во иницијативите на пет подносители.
„Судот изрази сомнеж дека оспорениот закон ја повредува темелната вредност владеење на правото и фундаменталните принципи на кои почива, како што е правната сигурност на субјектите во нивната правна положба, правната предвидливост и правната извесност. Според дискусијата и аргументите, со донесувањето на законот е нарушена правната сигурност на компаниите кои оствариле профит над 615.000 000 денари во 2022 година, со тоа што во септември 2023 година е донесен закон кој им наложува задолжителен вонреден данок на солидарност на веќе одданочениот профит од претходната година. Уставните судии изразија сомнеж дека станува збор за закон кој произведува повратно дејство, што е во спротивност со Уставот. Судот го имаше во предвид фактот дека ретроактивноста и нејзиниот исклучок е дозволен само кога станува збор за тековни постапки, но во случајот засегнатите субјекти ги окончале односите со плаќањето на данок во 2022 година“, соопшти тогаш Уставниот суд.
Премиерот Христијан Мицкоски, во јануари годинава рече дека одлуките на Уставниот суд не се коментираат, туку се спроведуваат и ако Судот донесе одлука да се вратат 50-те милиони евра од солидарниот данок ќе бидат вратени. Тој најави и потенцијална кривична одговорност за креаторите на оваа политика.
– Ние враќаме многу работи кои ги задолжиле претходните. Многу пати сум рекол дека нема да ги коментирам одлуките на Уставниот суд. Ако донесат таква одлука мора да ги вратиме тие пари, нема што да правиме, ќе скратиме од нешто друго и ќе направиме ребаланс. Воедно ќе ја разгледаме и можноста за кривична одговорност на тие кои донесоа одлука на ваков начин да се води економијата, зашто дефакто Буџетот е оштетен – рече Мицкоски.
Извор: plusinfo.mk