Македонија
БОНДСТИЛ СИ ЗАМИНУВА, ТУРСКИ АСКЕР СЕ ВРАЌА НА КОСОВО?! Се оладува односот на Вашингтон со Приштина
Американците многу одамна, дури и пред првата деценија на 21 век, покажаа дека немаат желба да останат во Косово. Српскиот национален мит е приказна за Бондстил, околу 100 години американска контрола, за тајните интереси… Впрочем, одамна во Вашингтон веќе беше отворена тема дека САД може да го напуштат Косово бидејќи тоа не е нивен проблем, објаснува воениот аналитичар Александар Радиќ.
Одредени индикатори, по доаѓањето на Доналд Трамп на власт во САД, укажуваат на заострени односи помеѓу Вашингтон и Приштина, а според воениот аналитичар Александар Радиќ, САД веќе подолго време ја разгледуваат можноста за повлекување на своите сили од КФОР, а поголемата вклученост на Турција треба да се толкува преку желбата Косово да стане стратешка точка на Западен Балкан, објави Косово онлајн.
– Американците многу одамна, дури и пред првата деценија на 21 век, покажаа дека немаат желба да останат во Косово. Српскиот национален мит е приказна за Бондстил, околу 100 години американска контрола, за тајните интереси… Впрочем, одамна во Вашингтон веќе беше отворена тема дека може да го напуштат Косово бидејќи тоа не е нивен проблем. Тие останаа поради турбулентната ситуација, но за тоа како тие го доживуваат проблемот во Косово доволно говори фактот што Американците ја испраќаат само Националната гарда во таа мисија. За нив е важно нивното знаме да биде таму. Да, присутна е и американската армија, но тие не се единици на првата линија и се таму само за да покажат моќ, политички авторитет – изјави Радиќ.
„Европејците нека си се справат со своите проблеми“
Радиќ е убеден дека Трамп би можел да ја реализира таа идеја (повлекувањето на американските сили од Косово), со својот прагматичен став.
– Поради својот прагматичен став, Трамп лесно може да каже: „Зошто чуваме баталјон во Бондстил и што всушност прават тие таму? Дали тоа е европски проблем? Да. Дали Европа се плаши од проблеми на Балканот? Да. Па, нека се справат Европејците со тој проблем“ – смета Радиќ.
Според неговите зборови, досега е евидентно дека најголем интерес за учество во мисијата на КФОР искажуваат земјите кои географски се блиску до Косово.
Тука, нагласува, не треба да се вклучи Турција, која, како што тврди, има сосема поинаква „математика“.
– Турскиот фактор е нешто друго. Турција сака да ја проектира својата моќ на Балканот. Тие сакаат политичко влијание и за тоа имаат програми за соработка пред сѐ со Косовските безбедносни сили. Ги имаат и вооружените сили на Босна и Херцеговина, кои се составени од 3 конститутивни нации, но редовно се покажува дека на тоа се гледа поинаку од перспектива на Анкара – потенцира воениот аналитичар.
Во однос на БиХ, во Турција се измешани прагматичните интереси: обид да се продаде оружје и воена опрема и да се заработат пари, како и желба да се постигне политичко влијание.
– Но, односот кон Приштина е поинаков. Таму, освен што постигна комерцијални договори, Турција навистина се обиде да подари некои видови оружје што, на пример, другите членки на НАТО не сакаат косовските безбедносни сили (КБС) да ги поседуваат. Имено, ставот на КФОР е дека што се однесува до нив, на сила е стариот, прв закон за КБС, а не оној од 2018 година, и тие можат да имаат само лесно оружје и не можат да поседуваат офанзивни средства. Но, таа зона, меѓу дефиницијата за лесно оружје и нешто што би можело да биде посериозна техника во рацете на војниците кои ги извршуваат наредбите на Приштина, се пополнува со турска техника – појаснува Радиќ.
Тој смета и дека не е во ред најавите на Трамп да се поврзуваат со овие турски цели.
– Минофрлачите од 120 милиметри пристигнаа во Косово во време кога беше целосно неизвесно кој ќе биде следниот американски претседател по Бајден. Ова е сега замена на тезите бидејќи и Западот се грижи за Трамп, па после да поврземе сѐ со тие сценарија. Мислам дека Турција има јасно дефинирана стратешка политика на присуство на Балканот, со фокус на Косово, и дека испраќањето оружје е дел од таа политика – заклучува овој воен аналитичар.
САД и Турција не ги собира на исто место
– КФОР треба да може да ги продолжи своите операции во случај на повлекување на САД, главно бидејќи Косово се подготви за ова потенцијално сценарио со зајакнување на врските со Турција во последните години – појаснува американскиот експерт за безбедност, Џорџо Кафиеро за Форин полиси.
Неговиот аргумент, објавен во Форин полиси, се заснова на изјавата на новоизбраниот американски претседател, Доналд Трамп, дека може да ги повлече воените сили од различни делови на светот.
Многу поживописен во својата проценка е новинарот Батон Хаџиу.
Повлекувањето на САД од Косово би било „стратешка промена во пејзажот на регионот“, нагласува тој.
– Што ќе се случи ако Трамп продолжи со својата визија за повлекување од „надворешните војни“? Дали може да се замисли Косово без САД како негов постојан заштитник? Таквото сценарио, без разлика колку некому му изгледа малку веројатно, суштински би го променило политичкиот и стратегискиот пејзаж на регионот – тврди Хаџиу во авторски текст за Албаниан пост, се вели во анализата на Косово онлајн.
Ако им се верува на бројките, овој „пејсаж“ веќе е значително променет бидејќи САД одамна престанаа да имаат најголемо воено присуство во Косово.
САД му се наострија на Курти
Показател за промената на односите помеѓу САД и Косово е и изјавата на претставникот на американскиот претседател Доналд Трамп за специјални мисии, Ричард Гренел, кој пред неколку дена упати остри критики кон косовската влада на Албин Курти, нарекувајќи го премиерот недоверлив додавајќи дека Курти со своите активности го дестабилизра регионот.
„Реториката што сега ја користи Курти, тврдејќи дека е близок со САД, е апсолутно лажна. Не залажувајте се“, напиша Гренел на социјалната мрежа Икс.
ГРЕНЕЛ ГО НАПАДНА КУРТИ „Апсолутна лага е дека е близок со САД“
Гренел во објавата вели дека администрацијата на Трамп и во претходниот мандат работела за мир за сите на Балканот и оти така ќе продолжи и сега.
„Имам многу пријатели во Косово и во Албанија… и многу пријатели во Србија и во целиот регион. Но, ни требаат доверливи партнери“, потенцираше тој.
Тој напиша дека и републиканците и демократите постојано го критикуваа Курти за преземање унилатерални активности кои го дестабилизираат регионот.
„Меѓународната заедница е обединета против Курти “, додаде Гренел
Според официјалните податоци на КФОР, мисијата моментално вклучува 4.302 војници од 29 земји. Најголемиот контингент доаѓа од Италија, со 855 војници, додека, пак, САД се рангирани на второто место, со 598 војници.
Меѓу земјите со над 300 војници на теренот, Турција е „насреде“ со 325 војници. Пред Турција е Унгарија со 365 војници, а по неа е Германија со точно 300 војници.
Македонија
Пролетни температури во декември: Сончевото топло време во текот на целата седмица
Продолжува доминацијата на високиот воздушен притисок, односно Антициклонот, кој и оваа седмица ни носи пролетно време.
Заборавете на студената зимска идила – времето останува стабилно и суво, а деновите ќе бидат натпросечно топли, иако утрата ќе бидат спартански ладни. Термометрите на повеќе места наутро ќе се спуштаат до минусни температури, што налага внимателно облекување пред изгрејсонце.
Сепак, не секаде ќе биде сончево. По котлините и речните долини, особено во текот на ноќта и утрото, маглата и ниската облачност ќе создаваат густа завеса. Овој феномен нема да ја заобиколи ниту Скопската котлина, каде што во утринските часови се очекуваат значително отежнати услови за сообраќај.
Дневните температури се вистински шок за декември. На повеќе места тие упорно ќе надминуваат 10 степени, додека во југоисточните предели живата може да скокне и до околу 15 степени. Ова значи само едно: невообичаено високите температури за овој период од годината продолжуваат да го одбележуваат целиот работен и празничен дел од седмицата.
Меѓутоа, оваа стабилна доминација се чини дека ќе биде прекината кон крајот на седмицата. Во сабота, на 20 декември, се очекува позначителна облачност и појава на повремен локален дожд. Подгответе се за мала промена на плановите за викендот.
Македонија
Кадровски „ресет“ во СДСМ: Утре се избира новото партиско раководство
СДСМ утре ќе го официјализира новото партиско раководство, по турбулентниот почеток на декември кога, на барање на претседателот Венко Филипче, целото раководство поднесе оставка. Потег што од партијата го опишаа како „одговорен и морален“, а кој отвори простор за темелно кадровско рестартирање.
Филипче најави дека списокот со новите потпретседатели и членовите на Извршниот одбор е веќе затворен и дека јавноста утре ќе дознае кои лица ќе ја водат партијата во наредниот период. Според него, станува збор за внимателно избалансирана комбинација од искусни партиски кадри и млади луѓе со нова енергија.
„Се избира ново раководство – нови потпретседатели и нов Извршен одбор. Практично, нова сила во партијата, спој на искуството и младоста“, изјави Филипче во централниот дневник на „Сител“.
Лидерот на СДСМ најави и поширока офанзива надвор од партиските рамки – отворен фронт со граѓаните, политичките актери и граѓанскиот сектор, со цел, како што рече, да се стави крај на криминалната власт во државата.
Потсетуваме, на 2 декември, по иницијатива на Филипче, целото раководство на СДСМ поднесе оставка, со што започна процес на внатрешна реорганизација. Од партијата тогаш порачаа дека следува период на кадровско освежување, организациско зајакнување и вклучување на нови лица.
Утрешниот ден, според најавите, треба да ја покаже новата слика на СДСМ – со нови луѓе, нова поставеност и амбиција партијата повторно да се позиционира како силен политички играч на сцената.
Македонија
Новогодишното украсување на Општина Тетово за 25.000 евра
Со мнозинство во Советот на Општина Тетово, на вонредна седница одржана онлајн доцна вчера попладне, се изгласа мнозинство иницијативата за празнично украсување на градот, одвојувајќи дарежливи 1.500.000 денари или речиси 25.000 евра за таа цел.
Оваа одлука, која претставува измена и дополнување на Програмата за активности во областа на културата за 2025 година, стави крај на долгогодишната „суша“ на новогодишна декорација.
Програмата беше изгласана со силната поддршка на советничкото мнозинство, составено од Коалицијата Вреди и ВМРО-ДПМНЕ.
„За оваа програма ‘за’ гласаше советничкото мнозинство составено од Коалицијата Вреди и ВМРО-ДПМНЕ… Со оваа одлука, Општина Тетово ја потврдува намерата градот да добие празничен сјај за крајот на 2025 година“, ентузијастички информираше претседателот на Советот, Јусуф Абдули.
Сепак, одлуката не помина без отпор. Против гласаа советниците од коалицијата НАИ, додека воздржани останаа советниците од Подобро за Тетово, Левица и СДСМ, потенцирајќи ја политичката поделба околу приоритетите.
Оваа одлука е особено значајна, бидејќи доаѓа по цели години во кои улиците и градскиот плоштад остануваа мрачни за време на празниците.
Во последните години од вториот мандат на поранешната градоначалничка Теута Арифи, и за време на целиот прв мандат на актуелниот градоначалник Билал Касами, официјалното образложение беше идентично: дека општината немала пари за новогодишни украси. Сега, со обезбедените 25.000 евра, градот е подготвен да ја прекине оваа непразнична традиција и да ја врати магијата на улиците.
Трендинг
-
Црна Хроника2 days agoХорор на патот Охрид–Струга: Возач двапати тргнал кон полицајци и успеал да избега
-
Црна Хроника2 days agoДрама на автопатот Тетово – Гостивар: Ги пресретнале со ротација им го пресекле патот, па ги истепале
-
Црна Хроника2 days agoКривични пријави против полицајци од Штип – МВР со детали
-
Македонија4 days agoМВР со конечна одлука еве кога почнува „Безбеден град“
-
Црна Хроника3 days agoФизички нападната девојка на работно место во Брвеница
-
Црна Хроника4 days agoПретрес во тетовско, пронајдени дрога, оружје и муниција, приведени две лица
-
Црна Хроника6 days agoПолицијата во Тетово со полни раце работа – Уапсени пет лица
-
Република5 days agoПо децении најави, Тетово конечно добива Саат кула















