Во пресрет на Божиќните празници, а поради опасноста од ширење на заразата, Македонската православна црква (МПЦ) ги откажа бадниковите поворки, но и други божиќни прослави каде традиционално секоја година има голем број верници.
Свештените лица препорачуваат децата утре, рано наутро да останат дома. И Манифестацијата „Бадникови поворки“ годинава нема да се одржи.
Од Здружението „Бадникови поворки“ на својата фејсбук-страница објавија дека овој пат околностите не дозволуваат да се организира божикната манифестација, ниту да се собираат и формираат поворки. Тие ги повикуваат верниците на 6 јануари, точно во 12 часот, каде и да се наоѓаат на планетата Земја да запрат за миг и да се помолат за подобра година за сите и силно да ја запеат Божикната песна.
За православните христијани утре е Бадник, денот кога се собира семејството на трпеза, на која освен храна има и бадниково гранче, кое претставува симбол на светлината и топлината на домот и на сите членови на семејството! Бадниковата вечера треба да нè потсети на тоа колку е важно семејството и слогата во него.
Семејството на Бадник се собира на заедничка вечера и според обичајот оваа вечер не се оди на гости. Се прави богата, посна трпеза. Домаќините се трудат да принесат од се по нешто за да им биде богата трпезата во текот на целата година.
Согласно Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразна болест Ковид-19 предизвикана од вирусот Сарс Ков 2, случаите и временскиот период на нивна примена се забранува организација и одржување прослави на јавни места и површини по повод претстојните празници, како и организација и одржување на каков било друг тип на прослави и собирања на отворен и затворен простор од страна на физички и правни лица, особено во периодот од 18 декември 2020 до 21 јануари 2021 година.
Во насока на доследно и целосно почитување на уредбите на Владата, МВР ги информира граѓаните дека сè уште е во функција бесплатниот телефонски број 0800-00-201 и електронската адреса mvrinformaciiuslugi@moi.gov.mk, на кои граѓаните анонимно можат да пријават групирање и организирано одбележување на претстојните празници. МВР, ценејќи ја заложбата на граѓаните во насока на спречување на пандемијата и зачувување на јавното здравје, уште еднаш упатува апел до населението да се воздржи од групни собирања и да ги почитува мерките на Владата, а сè со цел заштита на индивидуалното и јавното здравје“, се вели во соопштението.