Category Archives: Религија

СВЕТИ 12 МАЧЕНИЦИ: Сите беа убиени, а со нив и момчето Порфириј, кое побара да ги погребе

Денеска е 16 февруари (според стар стил) и се слави Св. Дванаесет маченици кои пострадаа во времето на Диоклецијан.

Првиот од нив, Памфил, презвитер на Црквата во Кесарија Палестинска, човек учен и благочестив, го исправи текстот на Новиот Завет од грешки на различни препишувачи; самиот ја препишуваше оваа спасоносна книга и им ја даваше на оние што сакаа.

Вториот беше ѓаконот Валент, стар според годините и белокос според мудроста. Беше одличен познавач на Светото Писмо и го знаеше речиси наизуст.

Третиот беше Павле, маж чесен и угледен, кој еднаш порано беше фрлен во оган за Христа.

Освен нив уште петмина браќа по тело и дух, родум од Египет, се враќаа од осуда од рудникот Киликиски во својата татковина, но на портата од градот Кесарија изјавија дека се христијани, заради што ги изведоа на суд. На прашањето како се викаат, рекоа: „Незнабожечките имиња што ни ги даде мајка ни ги отфрливме и се нарековме Илија, Исаија, Јеремија, Самуил и Даниил“. На прашањето од каде се, рекоа: „Од Горниот Ерусалим“.

Сите беа убиени, а со нив пострада и момчето Порфириј, кое ги побара нивните тела за да ги погребe. Тие беа убиени со меч, а него го изгореа во оган. Уште и Селевкиј, кој пријде и ги бакна мачениците пред мечот да падне врз нивните глави.

Пред ова Селевкиј беше офицер. И старецот Теодул, слуга на римскиот судија, бидејќи при погребната поворка бакна еден од мачениците. Најпосле и Јулијан, кој ги целиваше мртвите тела на мачениците и ги фалеше. И така дадоа мало за големо и евтино за скапоцено и смртно за бесмртно и се преселија кај Господ во 308 година.

Започна Велигденскиот пост – ова се правила кои мора да ги почитувате

Имиња на постот

Тоа е пост со повеќе имиња – повеќеимен пост. Се нарекува:

Велигденски пост – затоа што завршува на Велигден и значи подготовка за Празникот.
Воскресенски пост – заради празникот на Христовото воскресение.
Пасхален пост – бидејќи е пост пред Пасха, како што се нарекува Велигден – Новата Пасха или Новозаветна Пасха.
Велики пост – заради големото значење на постот и на празникот Велигден.
Четириесетница  – Велика или Света Четириесетница – затоа што трае четириесет дена (од Чист понеделник до Лазарова сабота). И Господ Исус Христос постел 40 дена (Матеј 4,2; Лука 4,2).
Чесен пост – бидејќи го опфаќа времето на Христовото распнување на Чесниот крст. 
Најдолг пост – според должината на постењето. Тоа е најдолгиот пост. 
Најголем пост – според важноста, во однос на другите повеќедневни пости.
Најстрог пост – меѓу останатите постења – најстрог според исхраната и воздржувањето, а и според богослужбите.

Историјат

Првпат Велигденски пост или пост за Велигден се спомнува на крајот од II век. Тој траел само три дена, вели свети Иринеј Лионски (+202г.) и сите го постеле. Така се постело во III век, во „спомен на Христовите страдања“, вели и Тертулијан (+220г.).

Кон крајот на III век, во Сирија се спомнува Велигденски пост којшто траел една седмица.

А во средината на IV век, веќе се спомнува Велигденски пост од 40 дена. За тоа пишува историчарот Евсевиј Кесариски (+340г.) и свети Атанасиј Велики (+373г.) во Велигденските посланија.

Дури во V век е оформен сегашниов Велигденски пост – Велика Четириесетница.

Времетраење на постот

Велигденскиот пост опфаќа 7 недели, односно 7 седмици. Трае 48 дена, од Прочка до Велигден. Тогаш, зошто се нарекува Четириесетница? Затоа што по 40 дена од постот, продолжува последната седмица пред Велигден, дополнителен строг пост, заради деновите на предавството, страдањата, распнувањето на крстот и погребението на Господа Исуса Христа. Таа се нарекува Страдална или Страстна седмица.

Севкупно Велигденскиот пост ги опфаќа Четириесетницата и Страстната седмица.

Велигденскиот пост нема свој постојан датум, туку зависи од определениот датум на Велигден. Тој е негова претходница и подготовка.

Првата недела на постот се вика Недела на Православието. Втората е Недела на свети Григориј Палама. Третата е Крстопоклона – Недела на Чесниот Крст, кога вернициите се поклонуваат и го целивааат изнесениот крст на богослужбата. Четвртата е на свети Јован Лествичник и во неа се преминува средината на постот. Петтата е на света Марија Египќанка. Шестата седмица е Цветна (Цветници), наречена така според цвеќето и зелените гранчиња што ги фрлале децата и луѓето пред Христа при Неговото влегување во Ерусалим. Седмата е последна седмица пред Велигден, наречена Страдална, Страстна или Велика недела.

Веќе се најавува блискоста на Велигден. Деновите во таа седмица се именуваат како Велики: Од Велики понеделник, до Велика сабота. Секој ден е поврзан со настаните од последните дни на Господа Исус Христос. Особено се значајни последните три дена:

Велики четврток, кога бил фатен по Тајната вечера.

Велики петок, кога бил суден, тепан, мачен, распнат, умрел и бил погребан. Единствено тогаш пред луѓето се изнесува Плаштеницата со која било обвиткано и погребано Христовото тело.

Велика сабота е последниот ден и последната подготовка за Празникот над празниците, а Христос е во гробот од каде ќе воскресне.

Причина и цел на постот

Велигденскиот пост започнал од две причини и со две цели:

1. Да се подготват оние што требало да бидат крстени на Велигден, а кои во текот на постот биле поучувани во верата и во христијанскиот живот и биле огласени за крштение.

2. Крстените, пак, да се подготват за Велигден – за Воскресението Христово, за Празникот што претставува основа на верата. Христијанската вера е вера во воскресението. Тоа му дава смисла и цел на христијанскиот живот.

А Велигден е празник на Воскресението и на Животот. Нова Пасха. Премин од привременото во вечното живеење. Тие што се со Христа овде, ќе бидат со Него и во вечноста.

Постот е време на соединување со Бога – Причестување, Заедничарење, Благодарење – Евхаристија.

Начин на постење и исхрана

Постот е како човекот: телесен и духовен. Со две природи: за телото и за душата. Постиме од гревовноста и од мрсноста.

Се пости на вода, освен во сабота и недела, кога се дозволува масло (зејтин) и вино. Масло и вино се допушта и на празниците: Упокоение на свети Кирил Солунски, Наоѓање на главата на свети Јован Крстител, свети Агатангел Битолски, Младенци Собор на свети архангел Гаврил, света Лидија Македонска, Упокение на свети Методиј Солунски и на храмов или домашен празник. Масло се допушта и на „преполовение“ на постот и на Велики Четврток заради Тајната вечера.

Риба се јаде само на Благовец и на Цветници. На Лазарева сабота се јаде икра.

Првите три дана – тримери (понеделник, вторник и среда) не јадат ништо, оние што доброволно одлучиле да не јадат, а не е обврска за сите. Таквите, во средата, по Литургијата, најпрво вкусуваат една лажичка светена вода на Водици (агјазма), а потоа Причест.

Велигденскиот пост е најстрогата форма на постење. А постот значи  воздржување телесно и духовно: воздржување од мрсна храна и од гревовност. Во постот ние му даваме предност и поткрепа на духовното пред телесното. Тоа е време за повеќе молитва и за повеќе добри дела. Време за откажување од гревот и за покајание.

Во Велигденскиот пост не се прават свадби, ниту се дозволува венчавање.

Телесниот пост значи во сите дни воздржување од месо, млеко, јајца и производи со нив, односно од сè што содржи месо, млеко и јајца, а во одредените денови, воздржување и од масло и од вино. Храната доминантно е од растително потекло.

Иако, само во сабота и недела е дозволена храна со масло (зејтин), а во другите денови без масло, сепак, има и ублажување на постот, кога е тоа потребно. Ако е човекот болен, слаб и немоќен, може да добие благослов, да пости со зејтин, млеко и риба. Тоа се однесува и на малите деца до 7 години, но и на длабоката старост, како и за луѓето во посебни услови и состојби, како што се болестите, затворите, армијата, војните, бремените, леунките, доилките, патниците и сл.

Во таквите случаи постот може да се ублажи. Благословот за тоа се добива од православен свештенослужител. Од постот не се ослободува, туку тој се олеснува. Никако не се допушта месо.

Светите отци постот го нарекуваат мајка на здравјето, а и современиот начин на исхрана сè повеќе му придава значење на постот, односно на откажувањето од храната со животинско потекло.

Постот е потреба и за телесното и за духовното здравје. И најважно, постот не е само воздржување и одрекување од храна, туку е важен и духовниот пост – одрекувањето и воздржувањето од секое зло и грев. Во тие дни треба да се испитаме себеси, да се воздржиме од лошите мисли, зборови и дела, да се покаеме и да се исповедаме. Да се измириме и да се очистиме. Духовно да се зајакнеме и да се збогатиме. Да правиме добри дела и да покажеме љубов кон Бога и кон луѓето.

Од телесниот пост може да бидеме и ослободени, но од духовниот пост – никако и никој, од никого, па дури ни ангел од небото не може да нè ослободи.

Свети Јован Златоуст вели: „Кога ќе слушнете за постот не плашете се од него. Тој не е страшен за нас, туку за лошите духови.“

Затоа и Исус Христос рекол: „Овој род се истерува само со пост и со молитва“ (Матеј 17, 21).

Постот на Страстната седмица

Велигденскиот пост завршува пред Страстната седмица која се издвојува во посебна седмица на страданијата. Постот, според поставениот ред, ги завршува своите 40 дена во петокот пред Лазарева сабота (во VI седмица).

Тие последни денови пред Велигден се поминуваат во строго постење, според зборовите на Господ Исус Христос, којшто рекол: „Но, ќе дојдат дни, кога ќе се оддели од нив младоженецот и тогаш, во тие дни, ќе постат“ (Лука 5,35; Марко 2,19-20; Матеј 9,15).

Апостолските правила, Велигденскиот пост го нарекуваат Велика/Голема Четириесетница на која се надоврзува Страстната седмица, постејќи со страв и трепет.

„Четириесетница е до седумте дена пред Пасха. Потоа, шесте дни до Пасха целиот народ ги поминува во сувојадење“, вели свети Епифаниј Кипарски.

На Велики Четврток, се јаде еднаш дневно и тоа по завршувањето на Светата Литургија.

На Велики Петoк, по своја волја, некои верници не јадат ништо до зајдисонце.

Велика Сабота е единствената сабота во која се пости со пост на вода, а оние што можат, остануваат цел ден на суво јадење.

Богослужбениот живот во постот

Богослужението во Велигденскиот пост е различно од секојдневното, вон постот. Тие дни се денови на пост, покајание и проштевање. Богослужбите не се свечени, раскошни и славни. Свештениците се облечени во темни и црни одежди.

Се прават поклони со наведнување на главата до појасот – мали (допојасни) поклони, кога со десната рака ја допираш земјата или големи поклони кога се наведнува главата до земја (доземни поклони) на колена. На богослужбите има многу читање, а не само пеење, како обично.

Секојдневниот богослужен ред е подолг од вообичаеното. Сите служби во текот на денот се збогатени со дополнителни молитви за покајание и со повеќе метании – поклони до земја.

Секоја среда и петок се служи Литургија на предосветените дарови, напишана Литургија од свети Григориј Двоеслов, папа Римски. Таа се служи за да можат верниците почесто да се причестуваат во постот.

Секој петок попладне, во црква се чита Акатист на Пресвета Богородица, а оној што не може да појде в црква, може да го прочита Акатистот и дома, но подобро е в црква.

Во саботите и неделите не се прават поклони до земја и се служи Литургија на свети Василиј Велики.

Последната недела пред Страстната седмица, Неделата Цветна (на Цветници), се служи Златоустова литургија.

Секој ден од Страстната седмица се служи Литургија, освен на Велики Петок, кога Христос е распнат, умрел и бил погребан.

На Велики Понеделник, Велики Вторник и Велика Среда се служи Литургија на предосветените дарови.

А на Велики Четврток и на Велика Сабота – Василиева литургија. Овие два дена се причестуваат најмногу верници. Затоа што тие се последните две литургии во постот и затоа што на Велики Четврток е востановена Светата причест, на Тајната Вечера, а Велика Сабота е единствената сабота што се пости строг пост и затоа што сакаат верниците причестени да го пречекаат Христовото воскресение – Велигден.

Пост и диета. Се слабее ли со постење?

Постот не е диета. Неговата цел и задача е друга. Не се пости за да се слабее, туку за да се зајакне духот и за да се претпочита духовното над телесното. Но, се разбира, тоа воздржување во текот на постот може да придонесе и за зацврстување на волјата и за решеноста да се храниме поумерено и поздраво.

Добро е да се користи разновидна храна и за време на постот. Сите сме различни во односот кон храната и во односот на храната кон нас и кон нашиот организам. За некого храната се лепи веднаш, а за друг не. Важно е и воздржувањето од количината во исхраната. Таа навика ќе помогне.
Сигурно е дека постењето е здраво и корисно.

Поуки и препораки за христијанскиот живот во текот на постот

Постењето не е само воздржување од мрсна храна или нејадење, оти и ѓаволот воопшто не јаде, ама јаде души човечки и е полн со злоба, па не може да се спаси.

Затоа, кога постиш, не завидувај, туку радувај се; не осудувај, туку проштевај; не прави неправда, туку помагај; не отфрлај, туку поткрепувај; не скарувај, туку смирувај; не навредувај, туку пофалувај итн. Зашто, каква е ползата што не јадеш месо, ако го јадеш брата си?

Постот е време на духовна будност, очистување, покајание, молитва, подвизи и добри дела. Тој е неразделно поврзан со молитва, со читање духовни книги, со дела на милост и љубов кон ближниот, духовни разговори, посета на богослужби, читање и проучување на Светото писмо, посета на часови по веронаука и верски поуки и правење добро.

Најдобро е така христијански да живееме постојано, но ако во тоа не успеваме, тогаш постот е најдобар период за вежбање во доброто и придржување кон тоа, за да ни постане доброто навика и да биде наш начин на живеење. Добро е во тој период да се воздржиме од вообичаените лоши навики, недостатоци и пороци.

Да ги контролираме страстите. Да не говориме неумесни зборови, пцости и шеги; да не гледаме премногу телевизија, особено, она што е непотребно, непристојно и соблазнително; да одбегнуваме кавги и расправии; да го отфрламе гневот и злобата; да го оставиме пушењето или да го смалиме; да се воздржиме од алкохолни пијалoци или да се ползуваат умерено; да се одбегнува секое зломислие, злочувство и злодело. Да мислиме повеќе на духовното, отколку на телесното – повеќе за душата, отколку за телото.

Народот вели: Кој пости, душата ја гости!

(За МИА подготви Проф. д-р Ратомир Грозданоски)

Првиот император кој го прими христијанството и стави крај на прогонот на христијаните – КОНСТАНТИН ВЕЛИКИ

Константин е роден во Наисус (денешен Ниш, Србија) во римската провинција Мизија на 27 февруари 272 (274, 280 или 282 година), како син на римскиот воен водач Констанциј I Хлор и неговата прва сопруга Елена, која имала исклучително важно влијание во животот на својот син.

Во 292 година, според новиот државен систем на Тетрархијата, Констанциј Хлор бил избран за помлад совладетел на империјата со ранг Цезар, заедно со Галериј, по одлука на царевите Диоклецијан и Максимијан. Поради тоа, Констанциј бил принуден да ја напушти Елена, мајката на Константин, за да се омажи за Флавија Максимијана Теодора, ќерка (или доведена ќерка) на западноримскиот август Максимијан. Години подоцна, по смртта на неговиот татко, Константин I целосно ја рехабилитирал својата мајка Елена како “Августа, мајка на Цезар”. Теодора родила шест деца, полубраќа и полусестри на Константин, вклучувајќи го и Јулиј Констанциј.

Младиот Константин добил воено образование, започнал да зборува грчки јазик и се интересирал по филозофија. По назначувањето на неговиот татко за еден од двајцата цезари во тетрархијата во 293 година Константин служел во дворот на Диоклецијан во Никомедија.

По огромната победа во Рим, Константин донел закон, познат под името Милански едикт во 313 година, со кој го забранил прогонувањето на христијаните, им дозволил да градат храмови и во нив да се молат. Константин среде Рим подигнал споменик на овој знак со што означил дека тој е чувар на Римското Царство.

Подоцна изградил и статуа со својот лик со крст во десната рака и со напис на латински јазик: ”Со овој спасоносен знак што е сведоштво на вистинската храброст го ослободив нашиот град од јаремот на тиранското владеење, на сенатот и на римскиот народ им ја вратив слободата и поранешниот украс и сјај”.

Константин Велики има голема улога во историјата на христијанството. Тој е еден од главните финансиери на црквата, изградил многу базилики, ја ослободил црквата од многу даноци и на тој начин го помагал распространувањето на христијанството. Во периодот од 324 до 330 година ја преместил престолнината на империјата од Рим во Византион, град кој подоцна во негова чест е наречен Цариград. Градот го изградил во духот на новата религија со многу цркви и со одбранбени ѕидини. Во Новиот Рим, како што бил нарекуван, не постоеле пагански храмови. Константин бил крстен на смртното легло.

Список на дел од реформите на Константин:

  • за првпат девојките не можат да бидат киднапирани.
  • смртна казна за секој собирач на даноци над овластената сума
  • Затвореникот повеќе да не биде држен во целосна темнина.
  • На осуден човек е дозволено да умре на арената
  • Гладијаторските игри се забрануваат во 325, иако тоа имало мал ефект.
  • Правата на господарот над слугата се ограничени, но робот сѐ уште може да биде тепан до смрт.
  • Распнувањето на крст е укинето, но е заменето со бесење.
  • Велигден може да биде славен јавно.
  • Неделата е прогласен за ден за одмор

СВЕТИ КИРИЛ – Учител словенски

Светиот рамноапостолен Кирил, учител словенски (до примањето на монашка схима – Константин), и неговиот постар брат Методиј, се родени во Македонија, во градот Солун. Светиот Кирил стекна одлично образование, од 14 годишна возраст воспитувајќи се заедно со синот на императорот.

Тој рано прими презвитерски чин. Во Константинопол беше библиотекар на соборната црква и учител по философија. Светиот Кирил со успех водеше спорови со еретиците иконоборци. Стремејќи се кон осаменички живот, се повлече на гората Олимп, во манастирот каде што игуман беше неговиот постар брат Методиј, но набргу потоа обајцата беа испратени од императорот Михаил на мисионерско патување заради проповедта на христијанството кај хазарите.

Патувајќи, тие ги најдоа моштите на свештеномаченикот Климент, папа Римски. Хазарскиот кнез беше убеден во проповедта на светиот Кирил, па тој и целиот негов народ го примија христијанството. Благодарниот кнез сакаше богато да ги награди проповедниците, но тие одбија да примат дарови, туку наместо тоа побараа тој да ги пушти сите заробени Грци, кои потоа заедно со нив се вратија во Константинопол.

Во 862 година, на барање на моравскиот кнез Ростислав, императорот ги испрати да го проповедаат христијанството во Моравија, на словенски јазик. Светите Кирил и Методиј по Божјо откровение ја составија словенската азбука (глаголицата) и ги преведоа на словенски јазик Евангелието, Апостолот, Псалтирот и мноштво други богослужбени книги.

Тие го воведоа служењето на словенски јазик. Светите браќа беа повикани во Рим од римскиот папа Адријан I, кој ги прими со голема почест, бидејќи тие ги донесоа со себе моштите на светиот Климент Римски. Во Рим, по природа болежливиот и слаб, свети Кирил се разболе, и пред смртта примајќи монашка схима, се упокои во 869 година, на 42 годишна возраст. Неговите мошти се во црквата на светиот Климент Римски.

Денеска е ПРОЧКА – Празник за проштавање и очистување од гревовите

Прочка – празник за проштавање и очистување од гревовите

26.02.2023

Прочка – Верниците меѓусебно си простуваат пред почетокот на Велигденскиот пост. Зборот „Прочка“ доаѓа од старомакедонскиот словенски збор „проштение“ = простување или од „проштати“ = проштева. Прочка е духовната метла со која ја метеме нашата душа од гревовите.

Велики поклади – Неделата навечер се поклади. Неделната вечера е богата со млечни производи, пита со сирење и јајца.

Сето ова се збива во еден ден – во последениот ден пред почетокот на Велигденскиот пост. Денес и небото и простува на земјата, а човекот му простува на човекот. Денешната порака е: Проштевајте! – Бог да прости, лесни пости! Ако не простиме, залудно ќе постиме. Лицемерно е да јадеш леб и вода, а да не проштеваш и да не се каеш.

Датирање

Прочка секогаш е во недела. Денот не го менува, но датумот го менува. Тоа е празник со непостојан датум – подвижен празник. Таа не се врзува со календарот, со конкретен датум, туку е поврзана со Велигден. Кога ќе се празнува Прочка зависи од тоа кога се празнува Велигден. И Велигден и Прочка се секогаш во недела. Седмата недела по Прочка е Велигден.

Прочка е предпочеток на Велигденскиот пост. Црквата го поставила како силен потсетник на духовниот карактер на постот. Постењето треба да започне со проштевањето и со покајанието, инаку значи дека не ни започнало или започнало само формално.

Без каење и проштевање се губи суштината на личносните односи на луѓето кон луѓето и на луѓето кон Бога. Преку тоа се искажува и се покажува љубовта кон Бога и кон луѓето. Откако ќе прости, човекот ќе има кротост, трпение, смирение и човекољубие низ добродетелноста на постот и молитвата.

Цел и смисла

Целта и смислата на празникот е да го истакне проштевањето како дело на љубовта, а љубовта е основа на христијанското живеење. Проштевањето е резулататот на љубовта. Тоа е израз на љубовта, а љубовта „сè извинува“ (1. Кор. 13,7). Кој проштева тој љуби, а кој љуби тој е од Бога и Бог е во него, бидејќи „Бог е љубов“ (1. Јов. 4,8).

Ако, таква проштална љубов покажуваат христијаните на Прочка, тогаш се добри како светиите и праведниците, како Христос и Богородица. Проштевањето е безгранично и безусловно. Прочка е празник колку на проштевањето, толку и на покајанието. А покајанието и проштевањето се почеток на Евангелието. Таков е почеток на христијанското живеење. Првите зборови на Господ Исус Христос биле повик на покајание, проштевање и љубов.

Проштевањето е духовен пост, кој треба да му претходи на телесниот пост. Духовниот треба да биде пред телесниот, како што е душата пред телото. „Затоа, прославете Го Бога во своите тела и во своите души, кои се Божји“, вели свети апостол Павле (1. Кор. 6,20).

Целта на празникот е со чиста душа да се започне велигденскиот пост. Уште денеска треба да започне чистењето на душата што ќе биде главна задача во постот. Утре нека почне и телесниот пост, за скротување на телото и воздржување од сластите и страстите.

Чистењето и подготовката е како што чистиме и подготвуваме за доаѓањето на важен гостин кај нас, а тоа е приемот на Господа Исуса Христа преку светата Причест.

Богослужба

Богослужбено Прочка е посветена на првиот човек Адам – на оној што прв згреши. А првиот грев на човекот во светов е гревот со храна. Светот горко нека заплаче со оној што прв падна во грев поради слатката храна и отпадна од Бога, заедно со паднатите ангели.

Денеска, пред почетокот на Постост, се сеќаваме на тоа дека, поради лакомоста и невоздржувањето од храна, Адам го изгуби рајот. Поради јадењето на Адам, Христос постеше 40 дена. Сегашниов пост е запазување на она што Адам не го запази и повторно стекнување на она што тој го изгуби. Богослужбата ни кажува колку и е потребен постот на човечката природа, како средство за лекување.

Текстот од Евангелието на денешната Литургија говори за проштевањето, за постот и за богатството – за нивната смисла, за значењето и постапувањето (Матеј 6,14-21). Тоа е цела програма за Велигденскиот пост: да простиме – да постиме и душата да ја гостиме.

На Прочка попладне, за Вечерната богослужба, се прави едноцрквие, што значи сите свештеници и верници се собираат на заедничка богослужба во централниот – Соборниот храм, со цел, во домот Божји, по молитвата, секој секому да му пружи рака за покајание и прошка и христијански да се прегрнат. Со целивот на евангелската љубов да си ги простиме грешките, навредите, омразата, пакоста, измамата, непочитта и лошото што сме го сториле едни на други.

Да му простиш некому, па тоа е вистинското дело на љубовта. Да ги избришеш сите навреди, лаги и клевети на другиот кон тебе е духовен херојство. Тоа е растоварување на двете души – и твојата и неговата, од голема тежина.

Традиција

Македонската традиција за Прочка е богата и разновидна. Секаде се одбележува овој празник меѓу македонскиот народ. Прочка, всушност, може да се нарече и наш празник, празник на македонскиот народ затоа што овој народ најмногу проштевал и проштева. Ние сме со духот на Прочка, со дух на проштевање. Кому сè не сме му простиле и што сè сме претрпеле и пак сме простиле.

Така сме правеле низ вековите, а така правиме и денес. Тоа е нашата евангелска определба. Таква е нашата душа. Таков е нашиот дух. Такво е нашето трпение и љубовта кон сите. Ваквиот христијански однос е вграден во нас, низ нашата вера и традиција. Така е воспитуван и така се воспитува македонскиот човек, усовршувајќи се во доброто.

На Прочка, според традицијата, помладиот бара прошка од постариот. Синот приоѓа кај таткото, братот кај брата си, ќерка кај мајка си, снаа кај свекрва, сестра кај сестра си и секој секому му вели: „Прости ми“, а тој одговара: „Простено да ти е од мене и од Бога“. Така прави секој кон секого, и машко и женско, помладиот кон постариот, но и постариот кон помладиот.

Таа глетка е многу мила. Полнота на љубов и радост. Колку е благопријатно тоа чувство на проштевање и прегратка. Тоа ја облагородува душата и го поттикнува добродетелството. Тоа е рајска сцена и блажена состојба од душевната радост.

Проштевањето е духовно миење. Тоа е очистување на душата, односно, очистување на две души одеднаш. Се ослободува и оној што пришол кон другиот и оној што простил. Првиот, за да му пријде нему, веќе му простил и му приоѓа со љубов и покајание, а тој се топи од силата и топлината на љубовта и му ја дава сета своја љубов и прошка. Двајцата се духовно радосни и весели. Бог се радува и ги благословува да останат во взаемната љубов и радост, правејќи си добро едни на други, со збор, помисла и дело.

За Прочка се прави заедничка вечера во семејството на која се запокладува со сирење и јајца. Вечерата завршува со амкање јајца за децата, што претставува детска радост и добро расположение. А вистинската смисла на сето тоа е дека пред постот, на последното јадење, запостуваме и ја затвораме устата со бело јајце и потоа, на Велигден ја отвораме и замрсуваме со црвено јајце. Мрсењето завршува во Белата недела, со бело јајце и пак започнува со јајце, но црвено – велигденско, на Велигден.

Сите тие обичаи се добра семејна радост. Тоа го прави семејниот амбиент топол и мил. Другите, пак, забави по повод Прочка, кои претставуваат јавен настап и посебни претстави (маски и карневали), немаат црковна или верска порака. Тие содржат повеќе хумор и смеа кои се овосветски и земни, материјални димензии на човечкото празнување или испразнување.

Тие го празнат човечкиот дух, а не го полнат. Тоа се пагански остатоци од претхристијанското време, со некои нови примеси за забава. Убаво е и тоа и добра е таа традиција, ама не такваа каква што е, туку, ако претставува парада и промоција на нашата кутура, музика, уметност и вера.

Таа да биде јавен настап на улиците и плоштадите, со претставување на делата полни со мотиви од нашата вера и култура. Да се види тој израз во нашата преубава македонска носија, во уметничките ракотворби, во постигнатите дела, во преубавата песна и во нашето оро со народната инструменталност. Да биде тоа претстава на градската музика и облека, платформа за убавите костими и тоалети, подиум со делата на македонскиот гениј и сето исполнето со богатството на убавината.

Таквата полнота на амбиентот ја облагородува душата и го полни духот со убавина и со добрина. Ете, тоа ни треба и тоа е манифестација на Прочка. Тоа е што го издигнува човекот повисоко, а не што го валка и што го урива надолу. Тоа треба да претставуваат тие излегувања на Прочка пред очите на луѓето и пред очите на Бога.

Утредента, првиот ден по Прочка е чист понеделник кога постот веќе започнал. Тоа е првиот ден од големиот Велигденски пост. Чист понеделник е така именуван затоа што започнува нешето очистување со постот – духовно и телесно.

Како да простуваме

Простувањето не треба да биде формално, само со обични зборови, само изговорен збор, туку вистинско, кое ќе се случи прво во нас, во срцето и во душата, а потоа и во устата, низ зборовите: „прости ми“ – „простено ти е“.

Простувањето е завршено кога сме преминале од простување во љубов. Тогаш вистински сме простиле или вистински ни простиле. Тоа не е лесно, а не е ни тешко, бидејќи љубовта прави чуда. Простувањето е дело на љубовта. Простувањето е слобода. Тоа ослободува. Силно е чувството на слобода што доаѓа со простувањето. Тоа е духовно миење, чистење на душата и ослободување од гревот со сите негови отрови.

Покајанието и простувањето значи менување на своето мислење и постапување. Кога ќе престанеш да мислиш како што си мислел претходно, кога ќе почнеш да говориш поинаку од претходното и кога ќе го правиш она што требало да го правиш – тогаш си се покајал и си простил.

Проштевањето е решеност повеќе да не се греши. Што, ако речеме: Ете, му простив и готово! Ми грешеше и ме навредуваше и сè ми правеше – и пак му простив, толку е, крај! Не, не. Тоа не е проштевање. Тоа е формалност. Гневот ти останал. Гревот те гризе. Ти не си се очистил, ниту него си го ослободил. Треба љубов да ви се всели во душата. А таа зрачи низ нашите мисли, зборови, чувства и дела.

Тие што не простуваат, не го разбирале Христа и Евангелието. Тие немаат право да се нарекуваат христијани, зашто не се христијани.

Кому да простуваме

На сите да им простиме сè. Дури и на непријателите. Така Господ направил. Бог бара од нас да не бидеме никогаш во непријателство со луѓето и да немаме злопамтливост (Матеј 5,23-24).

Да простиш, значи да не дозволиш веќе во срцето да ти влезе лоша желба или да ти падне лоша мисла на ум. Да ти исчезнат лошите намери и планови. Очистеното срце да го наполниш со љубов.

Ако е до грешност и до казна, сите сме грешни и сите сме за казна. Но, Бог не нè повикал да судиме и да казнуваме, туку да простуваме. И поставила правило: Бог ќе ни ги прости нам гревовите, доколку и ние им простуваме на оние што ни згрешиле (Матеј 6,14-15;18,35). И рекол: „Проштевајте и ќе ви биде простено“ (Лука 6,37).

Колку да простуваме

Прости му целосно и сè. Ако не му простиш ти, ќе му прости Бог. Така ти си си наштетил себе си, а не нему.

Колкупати да му простиме? Вака прашал и апостол Петар, а Христос му одговорил: „До седумдесет пати по седум“ (Матеј 18,22), што значи безброј пати.

Откако ќе си простиме и ќе се измириме, во мир ќе го почнеме постот. Така започнуваат и богослужбите, со повикот: – Во мир да се помолиме на Господа!

На Прочка никако не заборавајте да го имате ова на трпезата за радост и добро расположение во домот

Во недела ни доаѓа големиот празник Прочка.

На Прочка, според традицијата, помладиот бара прошка од постариот. Синот приоѓа кај таткото, братот кај брата си, ќерка кај мајка си, снаа кај свекрва, сестра кај сестра си и секој секому му вели: „Прости ми“, а тој одговара: „Простено да ти е од мене и од Бога“. Така прави секој кон секого, и машко и женско, помладиот кон постариот, но и постариот кон помладиот.

За Прочка се прави заедничка вечера во семејството на која се запокладува со сирење и јајца.

Вечерата завршува со амкање јајца за децата, што претставува детска радост и добро расположение. А вистинската смисла на сето тоа е дека пред постот, на последното јадење, запостуваме и ја затвораме устата со бело јајце и потоа, на Велигден ја отвораме и замрсуваме со црвено јајце.

Мрсењето завршува во Белата недела, со бело јајце и пак започнува со јајце, но црвено – велигденско, на Велигден.

Утредента, првиот ден по Прочка е чист понеделник кога постот веќе започнал. Тоа е првиот ден од големиот Велигденски пост. Чист понеделник е така именуван затоа што започнува нешето очистување со постот – духовно и телесно.

Светиот маченик Георгиј Кратовски – Златарот од Кратово кој жив го запалија заради верата Христова

Mакедонец од градот Кратово. По занает златар. Во срцето и со сета душа христијанин.

Имаше осумнаесет години кога Турците сакаа да го потурчат, но остана тврд во верата како прекрасен дијамант. Тогаш Турците го мачеа со најлути маки и најпосле жив го запалија.

Пострада за Христа на 11 февруари 1515 година во Софија, во времето на царот Селим и се прослави со невенлива небесна слава.

Светиот свештеномаченик Харалампиј – „Господи, Ти знаеш дека луѓето се месо и крв, прости им ги гревовите и излеј ја Твојата благодат врз сите!“

Oвој голем светител беше епископ во Магнезија и во својата сто и тринаесетта година пострада за Христа. Кога настана страшното гонење на христијаните во времето на царот Септимиј Север, старецот Харалампиј не се криеше од гонителите, туку слободно и јавно ја проповедаше Христовата вера.

Сите маки ги претрпе како во туѓо тело. А кога уште жив му ја дереа кожата, незлобливиот светител им рече на царските војници: „Ви благодарам, браќа, зашто ми го истругавте старото тело, а ми го обновивте духот за нов, вечен живот“. И

зврши многубројни чуда, во верата обрати многумина. Дури и царската ќерка Галина го напушти незнабоштвото на својот татко и стана христијанка. Осуден на смрт и изведен на губилиштето свети Харалампиј ги воздигна рацете кон небото и Му се помоли на Бога за сите луѓе, за да им даде Бог телесно здравје и спасение на душите и да ги умножи земните плодови.

„Господи, Ти знаеш дека луѓето се месо и крв, прости им ги гревовите и излеј ја Твојата благодат врз сите!“ После молитвата овој свет старец ја предаде својата душа на Бога пред да го спушти џелатот мечот врз неговиот врат. Пострада во 202 година. Неговото тело го зеде Галина и чесно го погреба.

Светиот маченик НИКИФОР – Ја отфрли надменоста и со слава го овенча смирението и братољубието

Житието на овој маченик јасно покажува дека Бог ја отфрла надменоста и со слава го овенчува смирението и братољубието. Во Антиохија живееја двајца блиски пријатели, учениот свештеник Саприкиј и простиот граѓанин Никифор.

Нивното пријателство некако се одметна во страшна меѓусебна омраза. Богобојазливиот Никифор повеќепати се обидуваше да се помири со свештеникот, но овој никако не го сакаше тоа. Кога настана гонење на христијаните, свештеникот Саприкиј беше осуден на смрт и изведен на губилиште.

Нажален Никифор појде со Саприкиј молејќи го патем барем пред смртта да му прости и да се разделат во мир: „Те молам, Христов маченику“, му велеше Никифор, „прости ми ако ти згрешив нешто!“ Саприкиј не сакаше да се обѕрне на својот соперник, туку мирно и гордо чекореше кон смртта. Но, кога ја виде тврдокорноста на неговото срце, Бог не сакаше да му ја прими маченичката жртва и да го овенча со венец, туку тајно му ја одзеде благодатта.

И во последниот миг пред џелатите Саприкиј се одрече од Христа и изјави дека ќе им се поклони на идолите. Така беше заслепен од омразата. Никифор го преколнуваше Саприкиј да не се одрекува од Христа. „О брате, не прави го тоа, не одрекувај се од нашиот Господ Исус Христос, не губи го небесниот венец!“

Но сè беше залудно, Саприкиј остана на своето. Тогаш Никифор им возвикна на џелатите: „И јас сум христијанин! Убијте ме мене наместо Саприкиј!“ Џелатите му го јавија ова на судијата и тој им нареди да го пуштат Саприкиј, а да го убијат Никифор.

Тој радосно ја положи својата глава на трупецот и му ја отсекоа. Така се удостои со Царството Небесно во кое влезе овенчан со маченички венец на бесмртната слава. Ова се случи во 260 година, во времето на царот Галиен.

Денеска е Светиот великомаченик Теодор Стратилат

Драгоценоста на маченичкиот подвиг зависи од величината на богатството што ќе го напушти христијанинот примајќи страдање наместо тоа богатство, како и од величината на страдањето што ќе го поднесе заради Христа. Свети Теодор, римски војвода, во војската на царот Ликиниј и градоначалник на градот Хераклеја, ја презре својата младост и убавина и војводскиот чин и царската милост и наместо тоа на себе прими страшни маки заради Христа.

Беше биен, прими шестотини удари по грбот и петстотини по стомакот, потоа го подигнаа на крст и го издупчија со стрели. На крајот го убија со меч. Сето тоа го претрпе зашто Свети Теодор Го љубеше Христа над сè на светот. Го презре глупавото суеверие на царот Ликиниј, ги урна сребрените и златни идоли и парчињата од нив им ги раздаде на сиромасите; мнозина ги обрати во верата Христова и го повика самиот цар Ликиниј да се одрече од идолите и да поверува во единствениот жив Бог.

За време на мачењето Свети Теодор непрестајно говореше: „Слава Ти, Боже мој, слава Ти!“ Пострада на 8 февруари 319 година во три часот попладне и се пресели во Царството Христово. Се смета за заштитник на војниците што го повикуваат на помош. Неговите чудотворни мошти ги пренесоа од Евхаити во Цариград и ги погребаа во црквата Влахерна.