Category Archives: Религија

Оваа е СИРНА НЕДЕЛА, седмицата пред Прочка – Ова се обичаите

Имиња на празникот

Недела сиропусна – Седмицата пред Прочка се нарекува сирна недела, затоа што во тие денови не се јаде месо, туку се јадат млеко и јајца и продукти што ги содржат нив. Со месо се запостува претходната недела навечер, кога последно се јаде месо и потоа, дури на Велигден.

Бела недела – е затоа што во текот на целата седмица, дури и во среда и во петок, се јаде млеко и млечни производи во сите видови и производи со млеко и јајца.

Проштална недела или Недела на проштевањето – Седмицата завршува со неделата во која луѓето си проштеваат едни на други, за да ги остават и гревовите со оставањето на мрсната храна, а во постот да се воздржуваат и од гревовноста.

Прочка – Верниците меѓусебно си простуваат пред почетокот на Велигденскиот пост. Зборот „Прочка“ доаѓа од старомакедонскиот словенски збор „проштение“ = простување или од „проштати“ = проштева. Прочка е духовната метла со која ја метеме нашата душа од гревовите.

Велики поклади – Неделата навечер се поклади. Неделната вечера е богата со млечни производи, пита со сирење и јајца.

Сето ова се збива во еден ден – во последениот ден пред почетокот на Велигденскиот пост. Денес и небото и простува на земјата, а човекот му простува на човекот. Денешната порака е: Проштевајте! – Бог да прости, лесни пости! Ако не простиме, залудно ќе постиме. Лицемерно е да јадеш леб и вода, а да не проштеваш и да не се каеш.

Датирање

Прочка секогаш е во недела. Денот не го менува, но датумот го менува. Тоа е празник со непостојан датум – подвижен празник. Таа не се врзува со календарот, со конкретен датум, туку е поврзана со Велигден. Кога ќе се празнува Прочка зависи од тоа кога се празнува Велигден. И Велигден и Прочка се секогаш во недела. Седмата недела по Прочка е Велигден.

Прочка е предпочеток на Велигденскиот пост. Црквата го поставила како силен потсетник на духовниот карактер на постот. Постењето треба да започне со проштевањето и со покајанието, инаку значи дека не ни започнало или започнало само формално.

Без каење и проштевање се губи суштината на личносните односи на луѓето кон луѓето и на луѓето кон Бога. Преку тоа се искажува и се покажува љубовта кон Бога и кон луѓето. Откако ќе прости, човекот ќе има кротост, трпение, смирение и човекољубие низ добродетелноста на постот и молитвата.

Цел и смисла

Целта и смислата на празникот е да го истакне проштевањето како дело на љубовта, а љубовта е основа на христијанското живеење. Проштевањето е резулататот на љубовта. Тоа е израз на љубовта, а љубовта „сè извинува“ (1. Кор. 13,7). Кој проштева тој љуби, а кој љуби тој е од Бога и Бог е во него, бидејќи „Бог е љубов“ (1. Јов. 4,8).

Ако, таква проштална љубов покажуваат христијаните на Прочка, тогаш се добри како светиите и праведниците, како Христос и Богородица. Проштевањето е безгранично и безусловно. Прочка е празник колку на проштевањето, толку и на покајанието. А покајанието и проштевањето се почеток на Евангелието. Таков е почеток на христијанското живеење. Првите зборови на Господ Исус Христос биле повик на покајание, проштевање и љубов.

Проштевањето е духовен пост, кој треба да му претходи на телесниот пост. Духовниот треба да биде пред телесниот, како што е душата пред телото. „Затоа, прославете Го Бога во своите тела и во своите души, кои се Божји“, вели свети апостол Павле (1. Кор. 6,20).

Целта на празникот е со чиста душа да се започне велигденскиот пост. Уште денеска треба да започне чистењето на душата што ќе биде главна задача во постот. Утре нека почне и телесниот пост, за скротување на телото и воздржување од сластите и страстите.

Чистењето и подготовката е како што чистиме и подготвуваме за доаѓањето на важен гостин кај нас, а тоа е приемот на Господа Исуса Христа преку светата Причест.

Богослужба

Богослужбено Прочка е посветена на првиот човек Адам – на оној што прв згреши. А првиот грев на човекот во светов е гревот со храна. Светот горко нека заплаче со оној што прв падна во грев поради слатката храна и отпадна од Бога, заедно со паднатите ангели.

Денеска, пред почетокот на Постост, се сеќаваме на тоа дека, поради лакомоста и невоздржувањето од храна, Адам го изгуби рајот. Поради јадењето на Адам, Христос постеше 40 дена. Сегашниов пост е запазување на она што Адам не го запази и повторно стекнување на она што тој го изгуби. Богослужбата ни кажува колку и е потребен постот на човечката природа, како средство за лекување.

Текстот од Евангелието на денешната Литургија говори за проштевањето, за постот и за богатството – за нивната смисла, за значењето и постапувањето (Матеј 6,14-21). Тоа е цела програма за Велигденскиот пост: да простиме – да постиме и душата да ја гостиме.

На Прочка попладне, за Вечерната богослужба, се прави едноцрквие, што значи сите свештеници и верници се собираат на заедничка богослужба во централниот – Соборниот храм, со цел, во домот Божји, по молитвата, секој секому да му пружи рака за покајание и прошка и христијански да се прегрнат. Со целивот на евангелската љубов да си ги простиме грешките, навредите, омразата, пакоста, измамата, непочитта и лошото што сме го сториле едни на други.

Да му простиш некому, па тоа е вистинското дело на љубовта. Да ги избришеш сите навреди, лаги и клевети на другиот кон тебе е духовен херојство. Тоа е растоварување на двете души – и твојата и неговата, од голема тежина.

Традиција

Македонската традиција за Прочка е богата и разновидна. Секаде се одбележува овој празник меѓу македонскиот народ. Прочка, всушност, може да се нарече и наш празник, празник на македонскиот народ затоа што овој народ најмногу проштевал и проштева. Ние сме со духот на Прочка, со дух на проштевање. Кому сè не сме му простиле и што сè сме претрпеле и пак сме простиле.

Така сме правеле низ вековите, а така правиме и денес. Тоа е нашата евангелска определба. Таква е нашата душа. Таков е нашиот дух. Такво е нашето трпение и љубовта кон сите. Ваквиот христијански однос е вграден во нас, низ нашата вера и традиција. Така е воспитуван и така се воспитува македонскиот човек, усовршувајќи се во доброто.

На Прочка, според традицијата, помладиот бара прошка од постариот. Синот приоѓа кај таткото, братот кај брата си, ќерка кај мајка си, снаа кај свекрва, сестра кај сестра си и секој секому му вели: „Прости ми“, а тој одговара: „Простено да ти е од мене и од Бога“. Така прави секој кон секого, и машко и женско, помладиот кон постариот, но и постариот кон помладиот.

Таа глетка е многу мила. Полнота на љубов и радост. Колку е благопријатно тоа чувство на проштевање и прегратка. Тоа ја облагородува душата и го поттикнува добродетелството. Тоа е рајска сцена и блажена состојба од душевната радост.

Проштевањето е духовно миење. Тоа е очистување на душата, односно, очистување на две души одеднаш. Се ослободува и оној што пришол кон другиот и оној што простил. Првиот, за да му пријде нему, веќе му простил и му приоѓа со љубов и покајание, а тој се топи од силата и топлината на љубовта и му ја дава сета своја љубов и прошка. Двајцата се духовно радосни и весели. Бог се радува и ги благословува да останат во взаемната љубов и радост, правејќи си добро едни на други, со збор, помисла и дело.

За Прочка се прави заедничка вечера во семејството на која се запокладува со сирење и јајца. Вечерата завршува со амкање јајца за децата, што претставува детска радост и добро расположение. А вистинската смисла на сето тоа е дека пред постот, на последното јадење, запостуваме и ја затвораме устата со бело јајце и потоа, на Велигден ја отвораме и замрсуваме со црвено јајце. Мрсењето завршува во Белата недела, со бело јајце и пак започнува со јајце, но црвено – велигденско, на Велигден.

Сите тие обичаи се добра семејна радост. Тоа го прави семејниот амбиент топол и мил. Другите, пак, забави по повод Прочка, кои претставуваат јавен настап и посебни претстави (маски и карневали), немаат црковна или верска порака. Тие содржат повеќе хумор и смеа кои се овосветски и земни, материјални димензии на човечкото празнување или испразнување.

Тие го празнат човечкиот дух, а не го полнат. Тоа се пагански остатоци од претхристијанското време, со некои нови примеси за забава. Убаво е и тоа и добра е таа традиција, ама не такваа каква што е, туку, ако претставува парада и промоција на нашата кутура, музика, уметност и вера.

Таа да биде јавен настап на улиците и плоштадите, со претставување на делата полни со мотиви од нашата вера и култура. Да се види тој израз во нашата преубава македонска носија, во уметничките ракотворби, во постигнатите дела, во преубавата песна и во нашето оро со народната инструменталност. Да биде тоа претстава на градската музика и облека, платформа за убавите костими и тоалети, подиум со делата на македонскиот гениј и сето исполнето со богатството на убавината.

Таквата полнота на амбиентот ја облагородува душата и го полни духот со убавина и со добрина. Ете, тоа ни треба и тоа е манифестација на Прочка. Тоа е што го издигнува човекот повисоко, а не што го валка и што го урива надолу. Тоа треба да претставуваат тие излегувања на Прочка пред очите на луѓето и пред очите на Бога.

Утредента, првиот ден по Прочка е чист понеделник кога постот веќе започнал. Тоа е првиот ден од големиот Велигденски пост. Чист понеделник е така именуван затоа што започнува нешето очистување со постот – духовно и телесно.

Како да простуваме

Простувањето не треба да биде формално, само со обични зборови, само изговорен збор, туку вистинско, кое ќе се случи прво во нас, во срцето и во душата, а потоа и во устата, низ зборовите: „прости ми“ – „простено ти е“.

Простувањето е завршено кога сме преминале од простување во љубов. Тогаш вистински сме простиле или вистински ни простиле. Тоа не е лесно, а не е ни тешко, бидејќи љубовта прави чуда. Простувањето е дело на љубовта. Простувањето е слобода. Тоа ослободува. Силно е чувството на слобода што доаѓа со простувањето. Тоа е духовно миење, чистење на душата и ослободување од гревот со сите негови отрови.

Покајанието и простувањето значи менување на своето мислење и постапување. Кога ќе престанеш да мислиш како што си мислел претходно, кога ќе почнеш да говориш поинаку од претходното и кога ќе го правиш она што требало да го правиш – тогаш си се покајал и си простил.

Проштевањето е решеност повеќе да не се греши. Што, ако речеме: Ете, му простив и готово! Ми грешеше и ме навредуваше и сè ми правеше – и пак му простив, толку е, крај! Не, не. Тоа не е проштевање. Тоа е формалност. Гневот ти останал. Гревот те гризе. Ти не си се очистил, ниту него си го ослободил. Треба љубов да ви се всели во душата. А таа зрачи низ нашите мисли, зборови, чувства и дела.

Тие што не простуваат, не го разбирале Христа и Евангелието. Тие немаат право да се нарекуваат христијани, зашто не се христијани.

Кому да простуваме

На сите да им простиме сè. Дури и на непријателите. Така Господ направил. Бог бара од нас да не бидеме никогаш во непријателство со луѓето и да немаме злопамтливост (Матеј 5,23-24).

Да простиш, значи да не дозволиш веќе во срцето да ти влезе лоша желба или да ти падне лоша мисла на ум. Да ти исчезнат лошите намери и планови. Очистеното срце да го наполниш со љубов.

Ако е до грешност и до казна, сите сме грешни и сите сме за казна. Но, Бог не нè повикал да судиме и да казнуваме, туку да простуваме. И поставила правило: Бог ќе ни ги прости нам гревовите, доколку и ние им простуваме на оние што ни згрешиле (Матеј 6,14-15;18,35). И рекол: „Проштевајте и ќе ви биде простено“ (Лука 6,37).

Колку да простуваме

Прости му целосно и сè. Ако не му простиш ти, ќе му прости Бог. Така ти си си наштетил себе си, а не нему.

Колкупати да му простиме? Вака прашал и апостол Петар, а Христос му одговорил: „До седумдесет пати по седум“ (Матеј 18,22), што значи безброј пати.

Откако ќе си простиме и ќе се измириме, во мир ќе го почнеме постот. Така започнуваат и богослужбите, со повикот: – Во мир да се помолиме на Господа!

(За МИА подготви Проф. д-р Ратомир Грозданоски)

ДОАЃА ГОЛЕМИОТ ПРАЗНИК ПРОЧКА – Еве што мора да направите на тој ден

Празникот Прочка или Велики Поклади, меѓу народот познат и како Проштени Поклади, спаѓа во најголемите христијански празници, според некои веднаш по Божиќ и Велигден. Со Прочка започнуваат и долгите Велигденски пости, период исполнет со многу обичаи и верувања, со многу одречувања и надежи за пречек на Христовото воскресение (Велигден) за причесна и идентификација со Спасителот Исус Христос.

Обичајот проштевање тргнува од христијанското сфаќање за помагање и проштевање меѓу луѓето. Се верува дека на овој ден и небото и земјата се проштеваат па тоа треба да го сторат и луѓето. Небото затоа што ѝ погрешило на земјата со громови, мразеви, поројни дождови и сл. бара прошка. И луѓето еден од друг бараат прошка за грешките. Притоа, секогаш помалиот бара прошка од постариот, децата од родителите, крштеникот од кумот, а се проштеваат и пријатели, роднини, соседи итн. Откако три пати ќе се поклони помладиот му вели на постариот: „Прости ми!“, на што овој одговара: „Простено да ти е и од мене и од Господа“, или само: „Просто да ви е“. Во некои краишта на Македонија тој што барал прошка носел некаков подарок како портокал, лимон, суво грозје, алва, јајце и др. и во таа смисла во некои краишта портокалот останал како симбол на проштевањето.

За Прочка се прави заедничка вечера во семејството на која се запокладува со сирење и јајца. Вечерата завршува со амкање јајца за децата. Вистинската смисла на овој обичај е дека пред постот, на последното јадење, запостуваме и ја затвораме устата со бело јајце и потоа, на Велигден ја отвораме и замрсуваме со црвено јајце.

Утредента, првиот ден по Прочка е чист понеделник кога големиот велигденски пост веќе почнал. Така е именуван затоа што почнува нашето очистување со постот – духовно и телесно.

ДЕНЕСКА Е ЗАДУШНИЦА во знак на сеќавање на починатите – Еве што треба да направите

Православните христијани денеска ја одбележуваат Задушница во знак на сеќавање на починатите.

Оваа Задушница секогаш се паѓа в сабота пред месопусната недела во пресрет на велигденскиот пост и празникот Прочка.

Црквата пропишала посебни денови – задушници, четирипати годишно, кога верниците се молат за покој на душите на починатите. Задушница е секогаш в сабота, ден што црквата го одредила за помен и молитва за упокоените.

На задушница се оди во црква каде што се служи литургија и парастос.

На овој ден се посетуваат гробиштата каде што со молитва, пченица и лепче осветено со црвено вино се изразува помен за починатите. На Задушница верните им даваат милостина на сиромашните во име на покојните и се молат за покој на нивните души.

Утре е ЗАДУШНИЦА – Еве што ТРЕБА ДА СЕ НАПРАВИ за помен за упокоените

Утре, православните христијани ја одбележуваат Задушница во знак на сеќавање на починатите.

Оваа Задушница секогаш се паѓа една недела пред Прочка – денот за простување, кој секогаш се паѓа во недела. Од понеделникот по прочка започнува Велигденскиот пост, кој трае седум недели до Воскресението Христови – Велигден.

Задушница секогаш се паѓа во сабота, тоа е денот кој црквата го одредила за помен и молитва за упокоените. Во црквите, овој ден отсекогаш бил одбележуван со света Литургија и панихида, на која свештеникот истура вино над житото, а по завршувањето на службата се посетуваат гробиштата.

Свеќи се носат на гробовите, а свештениците вршат индивидуални панихиди и читаат молитви за починатиот. Ако не е можно да се оди на гробот на починатиот, им се служи панихида во црквата. Според учењето на Црквата, на Евхаристијата, верниците се молат во храмовите и гробиштата за упокојување на душите на мртвите, а прават и милостина.

Во црквата на Евхаристијата се споменуваат и зборовите на Свети Јован Златоуст, еден од најголемите теолози во четвртиот век на христијанско проповедање:

Храната честопати се однесува на гробиштата, што не е црковно правило, туку е нов обичај во нашата нација.

Задушница никогаш не е за време на пост, ниту се паѓа на пост, бидејќи тие се секогаш во сабота. Се пече леб со бело брашно. Се подготвува ракија, пиво, вино, вода, а на некои места се вари и жито.

Се носат онолку свеќи колку што се споменуваат мртви. Во сите делови на земјава, свештениците по барање на блиските на покојникот го окадува гробот. Ако случајно е спречен свештеникот да дојде, тогаш некој присутен со темјан го окадува гробот.

Денеска е СВЕТИ ИСИДОР: Ако некој сака неговите добродетели да се покажат големи, нека ги смета за мали и тие навистина ќе се покажат големи

Родум Египќанец, син на угледни родители и роднина на александриските патријарси Теофил и Кирил. Откако ги изучи сите светски науки, се одрече од богатството и светската слава и сиот му се предаде на духовниот живот заради љубовта Христова. Беше голем и усрден бранител и толкувач на православната вера.

Според тврдењето на историчарот Никифор, свети Исидор им напиша над десет илјади писма на разни лица, во кои едни ги укорува, други ги советува, трети ги теши, четврти ги поучува: „Поважно е да се поучуваш на добродетелен живот, одошто на красноречиво проповедање“, пишува тој во едно писмо. Во друго вели: „Ако некој сака неговите добродетели да се покажат големи, нека ги смета за мали и тие навистина ќе се покажат големи.“ Прво и основно правило за него беше: прво практикувај, па потоа поучувај, според примерот на Господ Исус.

Во времето на гонењето на Златоуст, кога сиот свет се подели на два табори, едните за, а другите против овој голем столб на Православието, Свети Исидор застана на страната на Златоуст. Му пишуваше на патријархот Теофил каква голема светилка на Црквата е Златоуст и го молеше да се одрече од ненавидноста кон него. Поживеа долго, и многу стори прославувајќи Го Христа со живот и со перо и се пресели во Христовото Царство, во 436 година

Свети Симеон Богопримец и пророчица Ана

Во времето на египетскиот цар Птоломеј Филаделф, овој Симеон беше избран како еден од прочуените Седумдесетмина на коишто им беше доверена работата на преведување на Библијата од еврејски на грчки јазик. Симеон ја работеше својата работа совесно, но кога го преведуваше пророкот Исаија и дојде до пророштвото: „Еве девица ќе зачне и ќе роди син“, тој се збуни, зеде нож за да го избрише зборот „девица“ и го замени со „млада жена“ за така и да го преведе на грчки. Но, во тој миг му се јави Ангел Божји и го задржа од неговата намера, објаснувајќи му дека пророштвото е вистинито и дека запишаното е точно.

А дека е вистинито и точно, му кажа Божјиот известител дека ќе се увери и самиот, зашто по Божја волја нема да умре дури не Го види Месијата роден од девојка. Праведниот Симеон му се израдува на ваквиот глас од небото, го остави пророштвото неизменето и Му заблагодари на Бога што го удостојува да доживее да Го види Ветениот.

Кога Исус како Младенец беше донесен во јерусалимскиот храм од Дева Марија, за ова Духот Божји му јави на старецот Симеон, којшто беше престарен и бел како лебед. Симеон брзо отиде во храмот и таму ја препозна Дева со Младенецот, според светлината што зрачеше од нив како ореол.

Радосен старецот Го зеде Христа на своите раце и Го замоли Бога да го отпушти од овој живот: „Сега отпушти го Твојот слуга, Господи, според зборовите Твои, зашто очите мои го видоа спасението Твое“. Овде се најде и пророчицата Ана, ќерка Фануилова, којашто и самата Го позна Месијата и му Го објави на народот. Ана тогаш имаше осумдесет и четири години. Наскоро потоа Свети Симеон се претстави. Праведниот старец Симеон се смета за заштитник на малите деца.

„Господе, ти давам едно шише со вино, за илјада да ни подариш“ – На лозарите бериќетна нека им е годината, да тежи од род !

Меѓу поголемите празници кои македонскиот народ ги празнува со многу обичаи спаѓа и Свети Трифун, празник главно познат по обредното закројување на лозјата. Едни го сметаат за последен од зимските, а други за прв од пролетните празници. Во некои краишта на Македонија како што се Охрид и Прилеп празникот е познат и како свети Трипун (или Триун) ‒ пијаница. Како што забележале собирачите на македонските народни умотворби, но и на народните обичаи и верувања, тој бил покровител на меанџискиот еснаф, но и заштитник на лозарите и градинарите. Се верувало дека тој ги штити лозјата и градините од разни штети и несреќи (болести, инсекти, градоносни облаци и сл.), поради што луѓето го славеле и во негова чест изведувале многу интересни обичаи.

Свети Трифун се празнува на 14 февруари според новиот (или на 1 сечко според стариот) календар. Во повеќе краишта на Македонија на овој ден рано наутро се одело во црквата каде што попот пеел молитва и светел вода. Од оваа вода за која се смета дека со осветувањето е ослободена од сите негативни демони и има лековита моќ, луѓето земале во шишиња и ги прскале лозјата при што го изведувале и обредното закројување.

Во скопско, како што забележал М. Кратовалиев, во запис од деветнаесеттиот век, на тој ден по црквите крштевале вода, и од таа вода секој селанин си носел по лозјата заедно со пепел. Во лозјето ќе турел малку од пепелта и ќе полеел од крстената вода. Водата ја поливал за да има бериќет, а пепелта за да „испрхнува“, т.е. да бидат поголеми зрната на гроздовите. Потоа закројувале по неколку лозинки, по што седнувале, се гоштевале и правеле големи веселби.

Вакви обичаи од скопско во минатиот век забележал и К. Шапкарев кој запишал и обичаи од Струга каде што, исто така, се прославувал овој празник. К. Шапкарев сведочи дека во Струга св. Трифун на потсмев го викале „Триун пијаница“ и го сметале како претседател и покровител на градинарството и лозарството, бидејќи ги чувал градинарските сеидби и лозјата од пакосните инсекти кои ги уништувал. „За време на тој ден уште од рано, со истата цел, градинарите повикуваат еден свештеник, да освети вода во градината и после со неа ги поросува посевите, кога истовремено ќе ги прочита соодветните молитви кон св. Трифун, за да ги истреби од градината сите пакосни подземни и надземни инсекти од каков и да било вид. А, пак, лозарите и тие со иста цел, уште од зора, секој оди во своето лозје, и во секое лозје, колку ги има искаструва по неколку пенушки. Тоа се вика „зарежвење“.

Во селото Фотовица, Неврокопско, како што стои во еден запис од деветнаесеттиот век објавен во цариградскиот весник „Новини“,по отпуштањето од црквата секое семејство земало во шише од светената (пеана) вода, земале и леб, храна, вино и ракија и оделе во лозјето. Откако домаќинот ќе го попрскал лозјето со светена вода, застанувал на едниот негов крај, а друг член на семејството застанувал на другиот крај. Тогаш домаќинот ќе викнел: „Дедо Трифоне, каде си?“ Другиот, кој бил легнат меѓу лозите за да не се гледа одговарал: „Чуја, Чуууја!“ Ова се повторувало три пати по што домаќинот ќе речел: „Не мога да те вида од црни бели гроздаци.“ Потоа извикнувал „Дедо Трифонеее! Ела да јадем и да пием!“ На тоа другиот му одговарал: „Чуја, чуја! Ето, ето!“ Двајцата доаѓале во средината на лозјето, каде што одрежувале една лоза, потоа втора одрежувале на едниот крај и трета на другиот крај. Во средината на лозјето ископувале дупка длабока две до три педи, во неа го ставале шишето со останатата светена вода и го закопувале. Тоа го правеле за да го заштитат лозјето од градобијни облаци. Кога ќе завршеле со тоа ставале трпеза на која членовите на целото семејство јаделе, пиеле и се веселеле до доцна вечерта.

Во банско, пак, според записот на браќата Молерови на Свети Трифун децата оделе во градината под лозницата, каде што јаделе пржени јајца и викале: „Куку Трифонеее, не мога да те здогледам од црни бели гроздишча като мојте бутовишча!“ Тоа го правеле за лозата да роди обилно.

Според записите од поново време на З. Делиниколова, во Радовиш, рано наутро, во црквата во бакарен казан „арнија“ крштевале „трипунска вода“ од која потоа земале во шишиња и ја чувале во текот на целата година, за здравје. Со оваа вода ги прскале лозјата и нивите за бериќет или во случаите кога ќе се појавела некоја болест по нивите. По завршувањето на службата во црквата целиот народ заедно со попот и певците оделе во полето каде што во некое лозје по прочитувањето на моливите попот го попрскувал лозјето со светена вода и закројувал три лози со благословот „Дај боже бериќет“. Пресечените лози пак ги потурале со вино и со ракија. Бидејќи овој ден се сметал за меанџиски празник во Радовиш на Св. Трифун се пиело без пари по меаните. Оној што најповеќе ќе се опијанел и ќе се валкал по земјата бил избиран за „цар на пијаниците“ и ова признание го носел преку целата година.

Во Куманово, исто така, според понови записи што ги направил В. Николов, членовите на лозарскиот еснаф од своите редови избирале кум кој „ќе сече колач“ за празникот. Колачот го месела домаќинката на кумот од пченично брашно. На празникот рано наутро еснафот заедно со попот излегувал надвор од градот кај лозјата („Лојзарско место“) каде што попот светел масло, крштевал вода, а потоа го сечел колачот од кој секој земал по едно парче и го јадел како нафора. Потоа за адет закројувале по неколку лози и ги попрскувале со вино и со ракија. Тука јаделе, пиеле и се веселеле со свирки и тапани. Притоа и се тркалале низ лозјата за така и бочвите да се тркалаат полни со вино. Очигледно дека се работи за имитативната магија, верувањето дека сличното произведува слично.

Според верувањата во гевгелиско, што ги запишал С. Тановиќ, свети Трифун бил винар и имал многу лозја. Поради тоа што овој крај се наоѓа на југ и пролетта побргу се чувствува се сметало дека од овој празник почнува да мириса на лето па се велело: „Свети Трифун сече ама на лето мирисе“. Од овие причини, на овој ден се започнувала работата во полето, особено во лозјата и бавчите. Жените, пак, на овој ден ништо не работеле особено избегнувале работа со игла. Попладнето оделе во полето каде што береле зелје зашто се верувало дека на тој ден треба да се касне зеленило.

Во Тиквешијата, исто така, се изведувале богати обичаи што имале цел да обезбедат богат род на оваа култура. Рано наутро лозарите оделе во своите лозја каде закројуваат неколку лози. Притоа закроените лози ги полевале со вино и благословувале: „Господе, ти давам едно шише со вино, за илјада да ни подариш“. Во Ваташа при полевањето со вино и ракија се велело: „Еве ти вино и ракија, а ти дај ни убаво и квалитетно грозје, да можеме да зобаме и вино и ракија да правиме. Бериќетна да ни е годината, да тежи од род.“ И овде по закројувањето се тркалале во лозјето за да се тркалат и бочвите полни со вино. Во Ваташа било обичај по закројувањето свештеникот, во црковниот двор, да забоде запалена гламја во земјата со што се сакало да се забрза заминувањето на зимата и доаѓањето на пролетта.

Следниот ден по Свети Трифун е празникот „Сретение Господне“. Во народот постојат повеќе приказни во врска со тоа како св. Трифун си го пресекол носот. Во преданието од гевгелиско се раскажува дека свети Трифун и Богородица биле брат и сестра. Еднаш кога Трифун работел во лозјето Богородица тргнала низ полето да бере зелје. Берејќи запеала, Трифун слушајќи го гласот не познал дека тој е од Богородица, па се провикнал: „Ох, ох, ох“. Слушајќи го тоа провикнување Богородица го познала дека е гласот од нејзиниот брат и помислила дека тој си го пресекол носот и дека затоа вика. Отрчала дома, зела крпи и побрзала да му ги однесе за да си го врзе носот. Но кога пошла таму и му кажала што помислила тој рекол: „Јас вака режам, а не вака“. Притоа покажувајќи како го правел тоа, навистина си го пресекол носот. Народот мисли дека Господ го казнил затоа што се провикнал кон својата сестра мислејќи дека е туѓа жена.

Ефтим Спространов запишувајќи обичаи што се изведувале на овој празник запишал дека Свети Трифун во Охрид бил познат со името „Трифун-пијаница“. Притоа од неговата вујна Сава, тогаш 63 годишна жена, го забележал преданието за свети Трифун. „Свети Трифун бил пијаница, се вели во ова предание. Кога одела Богородица да си пејт молитва во еден манастир ја сретил тој и је рекол нешто. Тога та го проколнала да си го пресечит носот. И навистина, ко ошол на лозје, мафнал со сорот и си го пресекол. Богородица је сретила жена му и је рекла: Трифун си го пресече носот, ама нишчо немат; изгори малу волна и оди залепи му го“. Ко ошла Трифуница, навистина си го пресекол носот. Тогај напраила, како шо је рекла Богоројца, и му го залепила. Тога и Свети Трифун тргнал со Богоројца и тој ошол на манастирот.

По пат је бркале Евреи. Стретиле еден гојдар и го опитале: али не помина одовде една жена со едно дете? Тој казал, оту поминала. Бидешчем је предал, та го проколнала: „Никога да се не здружват гоедата едно со друго, никога на ќуме да ти се не соберват, ами да ги фашчат штʼркелот и едно со друго да се не вижџʼт!“ И навистна така се сега гојдата. Потаму Еврејте нашле еден козар. И него го опитале, и тој казал оту поминала. Тога и него го проколнала, та зато сега козите се качват по највисоки камчишча по чкрќине и никако не се берат наедно. Најсетне нашле еден овчар. Ко го опитале и него, тој рекол, оту не поминала: а та била скријана во една трнка. Тога та и блосојла овците, та зато сега се наедно одет“.

На иконите св. Трифун е претставен или со сорче за режење на лози или со наметка како чувар на гуски.

Обичаите и верувањата поврзани со овој празник упатуваат на заклучок дека во неговата основа лежи некој голем претхристијански празник поврзан со првите пролетни активности, пред сè со обработката на градините и лозјата.

Дедо Нојо ја изнашол лозата

Дедо Нојо, кога ја изнашол лозата, пресекол прачки и насадил лозје. Прачките кога и засадувал в земи, му турил крв наместо вода и затоа виното било црвено. Крвта била од јагне, од ʼрслан и од свиња. Кога ја турал крвта вака блаосоил:

‒ Кој ќе пиет од виното, што ќе го родит лозјево, потроа, да бидит кроток и весел, како рудо јагне; кој ќе пиет поеќе, да бидит како ѕвер (ʼрслан) јунак и страшен; а кој ќе пиет од мерата надвор за да препиет, да паѓа по земи и да се валка, како свиња во тиња, со него сиот свет да се шегуа.

Народно предание.

Виното и пијаниците

Мори чашо, бу-чашо!

Шчо ми бучиш на мене?

Еф ти јунак за тебе!

Јас те тебе утнаф,

ти ме мене кутна!

О, ти, вино, вато,

шчо ми скрши врато!

Кој те тебе пиет,

без невеста спиет,

кој те тебе љубит,

капа си губит,

кој те тебе сакат,

без гашчи си скакат!

О ти, вино, голо,

шчо ми продаде воло,

братое ми двата,

стрикое ми колата.

Три дни те пифме,

три години се крифме.

Од зборникот на К. Шапкарев.

Подготви Марко Китевски за МИА

Бигорски: Заблудата околу славењето на Свети Трифун и Свети Валентин ?

Штом ќе дојде празникот, веднаш се прашува: кого ќе прославувате вие? Се отвори војна меѓу христијаните. Па се ставаат бомбасти наслови: Свети Трифун против свети Валентин; или: Свети Трифун ВИА свети Валентин; Свети Валентин е католички; Православните не треба да го слават; Празник на љубовта и виното; Младите го слават свети Валентин, а старите свети Трифун; Двете во едно: вино и љубов; Најдобро заедно: и љубов и вино итн.

Во текстовите се говори колку се различни тие два празника, па сепак, им се наоѓа „нешто“ заедничко, а тоа било виното и љубовта, па тука застанува светот, престанува сè и не се спомнува веќе ни свети Валентин, ни свети Трифун.

За нив се вели дека биле многу далечни, еден од Запад, а другиот од Исток, а меѓусебно далеку – како исток и запад. Немале ништо заедничко, па можеме да ги пуштиме во војна еден против друг…

За да не бидат сами на бојното поле, ќе ги поставиме и двата табора на верниците христијани, да војуваат едни против други – католици и православни. Па, ако си православен, немаш право да го славиш свети Валентин, а штом си католик, тогаш не треба да знаеш за свети Трифун. Нашето е наше – нивното е нивно и нема мешање, нема одење по туѓо, оти веднаш ќе те прогласат за таков – како другите. А, тоа е срамота!

Да, срамота е и тоа не еднаш, туку многупати е срамота што се прави така и што се доведовме до таму, да не знаеме што правиме и како треба да правиме, за да не се срамиме: пред Бога, пред светиите, пред верата христијанска и пред луѓето – како луѓе.

Вистината е јасна и едноставна. Ништо нема спорно и ништо за бој на едни против други. Не се проблем светиите, верите и празниците, туку ние. Сè е јасно.

И двајцата светии: и свети Трифун и свети Валентин се свети маченици за верата христијанска. Тие се свети мажи кои си го дале животот за верата. Биле мачени и убиени заради Христа. Пострадале во времето кога христијанството било гонето и кога христијаните биле убивани, само, ако јавно говореле дека се христијани и ако други учеле во верата.

Свети Трифун и свети Валентин живееле во третиот век и правеле многу добрини и чуда, помагајќи им на луѓето, пожртвувано до смрт. Дале сè што имале и себеси се дале, за да им направат добро на другите, водени само од љубов кон луѓето и кон Бога. Такви биле и двајцата: добротвори, чудотворци и маченици. Свети Трифун бил убиен во 250 година, а свети Валентин во 273 година – 23 години подоцна. И на двајцата им била отсечена главата со меч, по наредба од царот.

Точно е дека биле едниот од Исток, а другиот од Запад, но не биле далечни како исток и запад, туку биле едно и заедно во Господа Исуса Христа, за Кого и умреле, со иста вера – христијанска.

Свети Трифун бил од едно селце во Мала Азија, во областа Фригија, од селото Кампсада. Родителите му биле многу сиромашни, та го дале од мал да ги пасе гуските во селото. Тој пораснал како беден гускар и како младич им служел на селаните и им помагал на сите во сè, а Господ го наградил за неговата добрина и му дал дар на чудотворство, да лекува болни и да ги заштитува лозјата, овоштарниците, градините, посевите и нивите. Да им прави добро на сите: и на луѓето, и на животните, и на растенијата. Ја излекувал дури и ќерката на царот. Отишол во Рим и ја излекувал. Се разбира, царот богато го наградил, а тој сето богатство го раздал на сиромасите и им се придружил повторно ним, продолжувајќи да живее сиромашно, во пост и во молитва и да им прави добро на луѓето. Сиромавиот гускар брзо станал царски човек и богат човек, но тоа не го погордеало и тој пак се вратил кај гуските и кај луѓето на кои им требала неговата помош.

Потоа, дошол друг цар на престолот, којшто чул дека Трифун проповеда христијанство и му ја отсекол главата, а тој и кога го мачеле, Го славел Бога што му дал можност да страда за Христа и за верата христијанска. Главата му била отсечена на 14 февруари. Затоа го празнуваме овој ден: Празник на светиот маченик Трифун.

Во истото тоа време, кога живеел свети Трифун во Азија – на Исток, во Италија, на Запад, живеел свети Валентин, во градот Интерамни, а потоа и во Рим, како затвореник, каде што бил и погубен. И тој, како свети Трифун, уште од младоста бил многу добар и истакнат христијанин, та Бог го избрал да стане и свештеник и проповедник на верата. Пастирствувал како добар пастир и Му служител на Бога и на народот без страв, и не само тајно, туку и јавно, пред сите говорел за верата. Го викнале на суд во Рим, а тој и таму додека бил го правел истото. Царот наредил да биде измачуван и убиен овој храбар и добар свештеник Христов, којшто постанал свештеномаченик на целата Црква Божја. Се упокоил на 12 август и Црквата го определила тој датум за негов празник. На 12 август се празнува свети Валентин.

Двајцата свети маченици се прогласени за свети и ги празнува целата Црква и на Исток и на Запад – и православна и католичка – и двајцата имаат свои празници.

Православната црква ги празнува на различни датуми и двајцата маченици.

Но, Црквата во Рим, во 10/11 век имала мака со големите прослави на многубожечкиот празник на блудот, поврзан со римската митологија и со легендата за волчицата што ги хранела Ромул и Рем, од кои настанал Рим итн. За да се потиснат и да се исфрлат тие неморални прослави, Црквата го преместила празникот на свети Валентин, точно на датумот на тој многубожечки празник на блудот. Свети Валентин бил многу почитуван и славен, та луѓето го потиснале и го заборавиле многубожечкото празнување на блудот и развратот. Веќе не се говорело за таа „љубов“, туку за љубовта кон луѓето и кон Бога која спасува. Се постигнало исфрлање на тој срам и зло. Но, пет века подоцна, по 15 век, започнало повторно да се враќаат старите многубожечки идеи за празнувањата како: ден на љубовта, ден на вљубени, подарувања, блудствувања итн. Кога овие нехристијански начини на празнување достигнуваат до бесмисленост во дваесеттиот век, католичката црква во 1969 година го избришала свети Валентин од календарот и веќе го нема на 12 февруари како празник, за да не се валка христијанскиот лик на светителот и затоа што нема доволно точни податоци за него од третиот век. Сите поинакви празнувања кои денес светот ги прави на овој ден немаат никаква врска со Црквата и со светителот, па тие се нецрковни и се од типот на осми март, денот на жената и сл. Нив, како празници, ги нема во ниеден календар. Прочитајте и видете: каде пишува празник – ден на љубовта или ден на жените. Нема, и не треба да има, бидејќи да се љуби со вистинска љубов треба постојано и треба непрестајно да се сака својата мајка и жена. Сè што е поинаку од тоа е недостоинствено, формално, лицемерно, лажно и навредливо. А, што утре… и задутре? Таа формалност и измама, која во поново време, добива уште повеќе нагласеност и помешаност со сè и сешто, со секаков декор и секакви идеи, не е христијанска, не е црковна и не е поврзана со светителот и со црковното празнување.

На овој ден е празникот свети Трифун. Црковното празнување е тоа: богослужението, Литургијата, молитвите и поуките од светите луѓе кои не само што говореле за доброто и за добрината, туку и така правеле и така живееле. Љубовта кон луѓето им била доказ и показ дека Го сакаат Бога.

Сè друго е нецрковно и не е свето, туку доаѓа од световното и од светот. А, овој свет полесно и повеќе го прифаќа она што доаѓа од светот, отколку она што доаѓа од светото.

Православната црква денес го слави свети Трифун. Нашата македонска православна традиција го одбележува овој празник според црковниот ред на богослужение и осветување, а и според преданието и со нашата прекрасна стара традиција. Така правете!

Честит празник. На многаја лета.


09 февруари/22 февруари 2016 лето Господово – Проф. д-­р Ратомир Грозданоски

Денеска се празнува Светиот маченик ТРИФУН – Меѓу бројните исцелувани луѓе, ја исцелувал царската ќерка

Роден е во селото Кампсада, во Фригија, од сиромашни родители. Во детството беше чувар на гуски. И уште од детството врз него беше голема Божја благодат и можеше да исцелува болести кај луѓето и кај животните и да изгонува бесови.

Во тоа време со Римското царство завладеа царот Гордијан, чијашто ќерка се помрдна од умот и со тоа го фрли царот во голема жалост. Ниеден лекар не можеше да ѝ помогне на лудата Гордијана. Тогаш демонот прозборе преку девојката и рече дека освен Трифун никој не може да го истера. После многумина Трифуни ширум царството, по Божја Промисла го повикаа и овој млад Трифун. Го доведоа во Рим и тој ја исцели царската ќерка.

Царот му подари многубројни дарови, а тој на враќање им ги раздели на сиромасите. Потоа ова свето момче продолжи да чува гуски и да Му се моли на Бога. Кога се зацари христоборниот Декиј, свети Трифун беше малтретиран и свирепо измачуван заради Христа.

Но, тој со голема радост ги поднесе сите мачења, велејќи: „О, кога би можел да се удостојам во оган и маки да завршам за името на Исус Христос, мојот Бог и Господ!“ Маките не му наштетија ни малку и најпосле мачителите го осудија на смрт со меч. Му се помоли на Бога и издивна, во 250 година.

СКАНДАЛОЗНО – Англичаните ќе го МЕНУВААТ ПОЛОТ НА ГОСПОД

„Оче наш“ може да го заборавите, Англиканската црква размислува да воведе родово неутрална заменка за Бог, нема да биде ословуван ни како машко (Оче, тој) ни како женско (Мајко, таа), туку според нешто трето.

Англиканската црква размислува да воведе родово неутрална заменка за Бог наместо традиционалниот машки род. Црквата најави дека напролет ќе формира комитет кој ќе биде задолжен да донесе одлука дали треба да се воведе споменатата промена. Секоја промена што ќе укаже на отстапување од вековната традиција ќе треба да биде одобрена од црковниот синод.

Отец Мајкл Апгрејв, бискуп од Личфилд и заменик на литургискиот комитет за ова прашање, рече дека Црквата ова „го разгледува веќе неколку години“. Неговиот коментар беше одговор на прашање од Џоан Стобарт, помошник свештеник за Илминстер и Вајтлакингтон во Сомерсет, за тоа како напредува работата на „поинклузивен јазик“ во богослужбата.