Category Archives: Религија

Преподобен Теодор Осветен – дојде како незнабожец, па се замонаши

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 16 мај.

Преподобен Теодор Осветен

Ученик на Свети Пахомиј. Роден и воспитан како незнабожец, но како млад дојде до познание на вистинската вера, се крсти и кога чу за Свети Пахомиј, побегна во манастирот тајно од своите родители. Свети Пахомиј го замонаши и го засака заради неговата необична ревност и послушност. Кога дојде мајка му да го вика да се врати назад, тој не сакаше да ѝ се јави, туку се молеше на Бога за неа, за да ја просветли и неа со вистината.

И навистина, мајката не само што не го врати син ѝ дома туку и самата не се врати: го виде во близина женскиот манастир со којшто управуваше сестра му на Пахомиј, стапи во него и се замонаши. По извесно време дојде во манастирот и брат му на Теодор, Пафнутиј, па и тој се замонаши. Еднаш се случи епископот на градот Панопол го повика Пахомиј да уреди манастир за многубројните коишто го сакаа монашкиот живот.

Пахомиј го зеде со себе Теодор и главно нему му ја предаде должноста околу устројувањето на манастирот. По смртта на Свети Пахомиј, Теодор стана игумен на сите манастири на Пахомиј и поживеа благоугодно до длабока старост, управувајќи со мноштво монаси на патот кон спасението. Се упокои мирно и се пресели во царството на вечната светлина во 368 година.

Денеска се слави АЛЕКСАНДРИЈА во чест на Св.маченик Александар, кој како војник минал низ Македонија (Видео)

Кичевското село Белица е едно од ретките во Македонија кое секоја година на 26 мај го слави празникот Александрија во чест на св. маченик Александар.

– Александрија е најголемата селска слава посветена на уникатниот заштитник на нашето село и на семакедонските воини кои се бореле со векови низ историјата за независна и суверена држава Македонија. Нека е напомош и вечно неговото име кое низ вековите наназад, па се до ден денес е најголемата ознака за препознатливост на нашето село и нашата Родина Македонија, велат беличани.

Во ова село се негува духот на светецот кој го сметаат за свој заштитник:

– Овој ден е посветен на нашиот белички светец Свети маченик Александар кој воедно е и заштитник на Македонските војници. Нека е напомош овој голем христијански празник кој се празнува со векови наназад, нека овој светец Александар дава сила да се истрае на сите препреки кои ги има нашето село и нашата земја Македонија да ги реализира своите крајни цели да се живее во богата слободна и независна Република Македонија. Да живее Белица и слободна независна Република Македонија, порачуваат беличани пред празникот.

Оваа порака се пренесува секоја година пред нивната голема слава. Нека е на помош Александрија и за многу години!

Кој бил Св. маченик Александар?

Св. маченик Алекандар се слави на 13 мај (според стар стил) односно на 26 мај.

Осумнаесетгодишен војник во војската на царот Максимијан. Одрече да ја изврши царевата наредба за чествување на римските идоли, заради што му беше предаден на капетанот Тиверијан: или да го посоветува да се откаже од Христа или да го мачи и да го погуби.

Бидејќи сите совети му беа залудни, Тиверијан го зеде со себе, го поведе низ Македонија кон Цариград, каде што и самиот мораше службено да оди. Во секое место низ коешто ќе поминеа, Александар беше жестоко мачен, но секаде излегуваа пред него христијаните молејќи го за благослов и храбрејќи го во подвигот.

По него одеше и неговата мајка Пименија. Во текот на патувањето, на Александар повеќепати му се јавуваше Ангел Господов, блажејќи му ги маките и храбрејќи го. На едно место наречено Карасура, маченикот со молитвата кон Бога направи чудо – имено, кога жедта му здодеа и нему и на војниците што го придружуваа, тој изведе студена вода на суво место.

На брегот на реката Ергина, Тиверијан му нареди на џелатот да го заколе Александар и да му го фрли телото во водата. А џелатот, кога замавна над главата на маченикот, виде наоколу светли Божји Ангели и се уплаши, а раката му премале.

Александар го запраша зошто му премале раката и тој рече дека гледа некои светли момчиња околу него. Желен да умре и да се соедини со Господ, Александар му се помоли на Бога да отстапат Ангелите за да не се плаши џелатот. И така џелатот ја заврши својата работа, во 289 година.

Пименија го извади од реката телото на нејзиниот син и чесно го погреба. На гробот на маченикот се случуваа многу исцеленија. По смртта, тој ѝ се јави на мајка си и ѝ навести дека и таа набрзо ќе замине во другиот свет.

(Подготвил Д.Г.)

За верникот не постои ништо невозможно – живата, непоколебива вера е способна да направи чуда

 Ете, Бог е моето спасение; на Него се надевм; и не се плашам “ [Иса. 12, 2]

Тоа што ме смирува во мислите и срцето е тоа, што ми се предаваат зборовите кои секогаш ќе ги паметам и кои секогаш ќе го смируваат моето срце сред житејските грижи и забуни. А што е тоа? Тоа е христијанската изрека, полна со жива надеж во чудесните, смирувачки сили: Господ за мене е се. Тоа е непроценливо богатство! Тоа е скапоценост, со која во секоја положба може да се биде мирен, со која и во сиромаштво може да се биде богат, а ако имаме богатство великодушен и љубезен кон луѓето; скапоценост со која, дури и кога ќе погрешиме, нема да ја изгубиме надежта. Господ за Мене е се. Тој е мојата вера, мојата надеж, мојата љубов, мојата сила, мојот мир, мојата радост, моето богатство, мојата храна, моето пиење, мојата облека, мојот живот со еден збор, се мое. Како што е, човеку, за тебе Господ се, така и ти биди се за Господа. А бидејќи целото твое богатство се наоѓа во твоето срце и во твојата волја, и бидејќи Бог од тебе го бара твоето срце, велејќи: „синко, дај ми го мене срцето твое “ [Изреки 23, 26], тогаш за да ја извршиш Божјата волја, блага и совршена, откажи се од извршување на својата грешна, острастена, опрелестена волја; немој да ја познаваш својата волја, познавај ја само волјата Божја, велејќи: „не мојата, но нека биде Твојата волја“.

Сретства кои ја зајакнуваат христијанската надеж се: молитвата а особено честото и искрено молитвено исповедување на сопствените гревови, читање на словото Божјо и особено честото причестување со светите и животворни Тајни на Телото и Крвта Христови.

Господи! Твоето име е љубов: не отфрлај ме мене, заблудениот човек. Твоето име е Моќ: зајакни ме мене, немоќниот и паднатиот. Твоето име е Светлина: просветни ја душата моја, потемнета од житејските страсти. Твоето име е Мир: смири ја возмутената душа моја. Твоето име е Милост: не престанувај да ми простуваш.

Свети Јован Кронштадски

Денеска се празнува Вознесение Господово – СПАСОВДЕН

Во овој ден, во четвртокот на шестата недела по Пасха, го празнуваме Вознесението на Господ Бог и Спасител наш Исус Христос. Бидејќи кога беше со своите ученици, пред страдањето, им го вети доаѓањето на Сесветиот Дух, велејќи: добро е Јас да одам, ако Јас не одам, Утешителот нема да дојде. И повторно: кога ќе дојде Тој, ќе ве научи на целата вистина. По воскресението од мртвите, во текот на четириесет дена им се јавуваше на своите ученици, не заедно, туку одделно, јадејќи и пиејќи со нив, појасно претставувајќи го воскресението. Најнакрај, откако им вети многу за Царството Небесно, им заповеда да не се одделуваат од Јерусалим, туку таму да пребиваат и да го чекаат доаѓањето на Пресветиот Дух, и со него да бидат крстени.

Им заповеда да прибвиаат во Јерусалим за да таму најпрвин биде проповедано Евангелието и за да потоа кога ќе одат на туѓи места, да бидат добро опремени, како некои воини, подготвени со оружјето на Духот, и така да одат против непријателите Христови. Кога настана времето на вознесението, Христос ги одведе учениците свои на Елеонската (Маслиновата) гора, која така се нарекува затоа што беше засадена со многу маслинки. И им говореше за Своето Царство, и дури говореше дојдоа ангели и го покажаа вознесувањето на небесата.

И дури тие гледаа, тој беше земен од нивната средина, носен на еден облак и така од ангелите. И седна оддесно на Отца, обожувајќи ја плотта, и би се дрзнал да речам, ја створи и неа божествена, преку која ние се помиривме, а древното непријателство беше разрушено. Пред апостолите застанаа ангели во вид на мажи и говореа: мажи, галилејци, што стоите и гледате кон небото? Тој Когошто во видовте, воплорениот Бог Иисус, Тој пак ќе дојде на јаве во плот, но не како првиот пат, понизно и молчаливо, туку со слава голема, како што и сега гледате од ангелите.

Тогаш апостолите се вратија од Елеонската гора, бидејќи таа беше близу до Јерусалим: две илјади и четириесет стапалки, тоа е еден саботен ден од. И бидејќи така е пропишано до Мојсеја, толку стапки во сабота да можат да се одат, затоа што и скинијата на заветот беше толку оддалечена од јудејскиот полк. Возможно беше да се оди во сабота да се поклонат таму, не правејќи поголем пат, затоа и се нарекува саботен ден од.

Некои сметаат, заради тоа, дека Христовото Вознесение било во сабота, но тоа е погрешно. Откако се вратија апостолите, влегоа во горната соба, во која беше, заедно со жените мироносици, и Мајката на Словото, која со пост и молитви и молби го чекаше доаѓањето на Сесветиот Дух, како што беше ветено. Христе Боже, кој се вознесе во слава, помилуј нè, амин.

Светлозарниот спомен на Светите Кирил и Методиј !

Како што на видливиот небесен свод ѕвезда од ѕвезда по болскотот се разликува (1. Кор. 15,41), така и во невидливото духовното небо на нашата света Црква недобројните светии зрачат со богоблескави зраци и ги разгоруваат срцата на верните, соодветно на нивните благодатни дарови, со коишто се осветиле и Го прославиле единствениот свет и вистински Господ. Така, неугасливите зраци на Божествените отци наши Кирил и Методиј, со коишто, преку нивните рамноапостолни дарови, ја осветлите и исполниле со светост целата земја и особено славјанските народи, се за нас, нивните смирени потомци според Словото, нешто најдрагоцено, спасително, богоподобно…

И како што е величествена нивната појава во историјата на човештвото, величествен е и нивниот спомен на земјата. Токму затоа, со полно празнично величие, нашите Свештени Обители Бигорски и Рајчица, со многубројните верници, го прославија светлозарниот празник на Светите рамноапостолни Браќа, во бигорскиот скит во с. Битуше посветен во нивна чест. Божествената Литургија во храмот чиешто велелепие веќе се наѕира, отслужена од нашиот Старец, Архимандрит Партениј, и браќата јеромонаси и јероѓакони, во симфонија со прекрасните гласови на псалтите од битолскиот црковен хор „Свети Нектариј Битолски“, за присутните верни беше едно чудесно духовно доживување, но и благодарствено сеќавање за великото дело на Просветителите наши.

Вдахновен од таа светлозарна атмосфера, како и од просветителскиот подвиг на Светите Кирил и Методиј, нашиот Старец се обрати кон присутните со свое слово:

Денес, мили мои, чувме од Светото Евангелие како Господ наш Исус Христос ги советува апостолите, а преку нив и сите нас, велејќи им: Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесен! (Матеј 5,16) На што всушност нѐ поучува Спасителот? Он ги повикува Христијаните да творат дела на Божествената светлината и преку тоа да го посведочат на земјата нашиот Отец, Кој е на небесата. Зашто само преку творењето добро, преку делата на светлината, нашиот живот станува проповед за Отецот на љубовта и на светлината. Еден од најчестите определувачки поими за Бога е светлината. Бог е светлина. Во светилниот на утрената од празникот Педесетница пееме: „Светлина е Отецот, светлина е Синот, светлина е и Светиот Дух…“. А ние? Зар би можеле да се наречеме и ние светлина? Се разбира, во никој случај. Меѓутоа, што повеќе се приближуваме до светлината на љубовта Негова, предавајќи Му се целосно Нему и трудејќи се во подвигот на делата на љубовта, тогаш несомнено и ние ќе бидеме озарени од Неговата светлина, ќе можеме да се наречеме ученици, носители на Светлината, коишто ќе ја шират неа во овој потемнат од гревот свет.

Денес го славиме споменот на двајца Рамноапостоли, коишто засветлиле со таа Божествена светлина среде славјанските народи и станале за нас светила незаодни, коишто ќе светат меѓу народите додека трае светот. Тие се достојните двајца ученици на Христос – Светлината и Љубовта – Светите отци наши Кирил и Методиј. Од нивните житија дознаваме прилично многу нешта за нив. Потекнувале од благороден род, нивното воспитание било особено благочестиво – богољубивите им родителите уште од младини ги воспитувале во христијанската вера. Нивното, пак, образование било највисоко за тоа време. Сепак, тие не сакале да градат светска слава, но возљубиле нешто друго, многу повозвишено. Светиот Методиј се одликувал со големо познавање од областа на правото и воените вештини. Бил толку добар правник, што во еден период бил поставен, од страна на византиските власти, за управник на една од словенските области. Но световната власт и можности не го привлекле неговото христокопнежно срце. По извесно време заминал за монах во манастирот Полихрон на планината Олимп во Витинија, каде што подоцна постанал и игумен, одбивајќи го претходно архиерејското достоинство. Брат му Константин, пак, бил човек на словото – философ и библиотекар на големата патријаршиска библиотека во Света Софија. Кога царските големци посакале да го оженат, тој богомудро им одговорил: „Јас веќе се оженив за горната философија, за Премудроста, за Словото Божјо“. И тој подобно на брата си копнеел да стане монах. Оставил сѐ што е земно, не сакал да гради кариера овде на земјата. Едноставно знаел дека сѐ овдешно е минливо, а само Христос е вечен. Затоа и ревнувал да ја усвои Неговата наука, се погрижил за спасението на својата душа и борејќи се за тоа, спасил и спасува многубројни други души. Има една интересна случка од неговото житие, кога тој бил сѐ уште дете. Во тоа време децата на богатите родители се забавувале со лов со соколи. При еден таков лов, по Божја промисла дувнал силен ветер и му го однесол соколот на малиот Константин. Цели два дена детето тагувало и плачело и ништо не јадело. Меѓутоа, воспитано од своите родители во мудроста Христова, тој се замислил над суетата на овој живот и си рекол: „Таков ли е овој живот, та место радост во него има жалост? Од овој ден ќе тргнам по друг пат, подобар од овој, а деновите свои нема да ги трошам во метежот на овој живот“. И така, тој навистина целиот свој живот го поминал во заедништво со Христа. Дури ни во царскиот двор не се осквернил со ништо, туку неговиот поглед бил вперен кон небесната философија. Подоцна, како што сите знаеме, тој и неговиот брат биле испратени од великиот и свет патријарх Фотиј Цариградски и императорот Михаил, како јагниња меѓу волци, помеѓу нашите предци Славјаните, кои во тоа време биле нецивилизирани, диви, неоформени. Бидејќи без науката на Евангелието, без Оној Кој дојде да го пресоздаде светот обезличен од гревот, луѓето навистина се како неоформени, немаат форма, немаат облик на внатрешниот човек. Токму затоа, светите наши Рамноапостоли, овие невечерни Светилници на нашата духовна култура и писменост, науката општо ја нарекле образование. Следствено, образован е оној којшто го има образот на Словото Божјо во себе. И затоа приличело, откако го извршиле макотрпното дело со изнаоѓањето на глаголицата, првите зборови што ги превеле од светото Евангелие да бидат: Во почетокот беше Словото и Словото беше во Бога и Бог беше Словото (Јован 1,1). Им покажале на светот и на целото човештво дека вистински образован човек е само оној којшто го прифатил Евангелието за свој живот, којшто го знае и живее за Божјото Откровение. Таквиот човек дејствително претставува образ и подобие Божјо. Да, првите страници од Светото Писмо ни кажуваат дека човекот е создаден според Божјиот образ и подобие (Битие 1,26), но гревот ја нарушил таа првобитна сродност на човекот со Бога. Образот Божји потемнел во човекот, додека неговото богоподобие било сосема нарушено. За да си го вратиме Божественото подобие, потребно е да се образуваме на правилен начин, или како што вели великиот Павле, да се облечеме во новиот човек, создаден според Бога во вистинска праведност и светост (Ефес. 4,24), онака како што сака нашиот Спасител Христос, Кој дојде да го пресоздаде и спаси човекот.

Погледнете каков мрак е светот без Светлината – Христос! Колку необразован е човекот, па колку и науки од овој свет да стекнал; нека има и десетици академски дипломи, со највисоки оценки – сето тоа ќе е само бакар што ѕвони, или кимвал што ѕвечи (1. Кор. 13,1), доколку, пред сѐ, не Го спознае вистинското Божјо Откровение, единствената богооткриена вера: предвечниот Отец и од Него испратениот совечен Му Син и единосуштниот Свет Дух, Кој од Отецот исходи…

Да се молиме на нашите Првоучители, Светите рамноапостолни Кирил и Методиј, кои во својот живот ја примиле светлината Христова и ја просветлиле со неа речиси цела Европа и пошироко. Биле силни во верата, гиганти на духот! „Кој ли, пак, ќе може да ви искаже достојна похвала?“ – прашува во недоумение нивниот ученик Свети Климент Охридски. „Откако со своите стапки ја минавте сета поднебесна земја, вие го осветивте целиот свет“. Впрочем, сите ние сме повикани да бидеме носители на Божествената светлина. Делото на Светите Браќа не е нешто што се случило и завршило во историјата. Гледајќи го духовното необразование во нас и околу нас, треба и ние, преку молитвата, созерцанието и делата на љубовта, да го продолжиме нивниот подвиг на богообразување на нашите души, а со тоа и на душите на ближните.

Нека Светите Кирил и Методиј ни помагаат да се надградуваме себе си во верата и во Христовото свето Евангелие. Да ни помогнат да го изградиме овој храм и да му испратат небесен благослов на нашите ктитори – благочестивото семејство Џиковски, кои се тука, помеѓу нас. И минатата година, кога ја отслуживме првата Литургија овде, кажав, а и сега ќе повторам: иако овие луѓе не се од богатите и од најбогатите во Македонија, сепак, со голема вера и љубов се трудат да го подигнат овој храм на светите наши Рамноапостоли. Нивното дело нека ни биде пример на сите нас!

Би сакал на крајот да им се заблагодарам и на членовите на хорот „Свети Нектариј Битолски“ од Битола, коишто со својата молитвена псалмодија ни го збогатија ова денешно наше торжество!

Молитвите и благословот на Светите Кирил и Методиј да бидат со сите вас!“

bigorski.org.mk

Преподобна Исидора Јуродива

Живееше во 4 век и беше монахиња во женскиот манастир во Тавенисиот. Се правеше луда за да ја скрие својата добродетел и својот подвиг.

Ги работеше највалканите работи, се хранеше со помии од садовите, ги услужуваше сите и секого и беше презирана од сите и од секого. Во тоа време, Ангел Божји му ја откри на еден голем подвижник, Питирим, тајната за Исидора. Питирим дојде во женскиот манастир и кога ја виде до земја ѝ се поклони.

Тогаш, сестрите му кажаа на Питирим дека таа е луда. „Вие сте луди“, им одговори Питирим, „а оваа е поголема пред Господ и од мене и од вас. Јас само Го молам Бога да ми го даде мене она што нејзе ѝ е одредено на Страшниот Суд“.

Тогаш сестрите се засрамија и ги молеа Питирим и Исидора за прошка. Оттогаш сите почнаа да ѝ укажуваат чест. А таа, за да ги избегне почестите од луѓето, побегна од манастирот и не се знае каде умре, околу 365 година.

Доаѓа летен Свети Никола, им помага на болните, беспомошните и оние што душевно страдаат

Верниците на православната црква во понеделник на 22 мај го одбележуваат летниот Свети Никола, празник посветен на преносот на моштите на Светиот отец Николај – Мирликискиот чудотворец.

Христијаните веруваат дека Свети Никола е чудотворец и дека се случуваат многу чуда од неговите чудесни мошти. Овој светител спасил заробени и изгубени бродови, па затоа се смета за заштитник на морнарите. Затоа морнарите често го повикуваат во опасни ситуации или бродски бродоломи.

Овој светител – милостив, мудар и бестрашен свештеник, го поминал својот живот во служба на Бога. За време на неговиот живот, тој веќе се сметал за светец, а верувањето дека може да помогне и да излечи било каква болка, се одржува до денес.

На овој датум, сите бродови, каде и да беа, ги испуштија своите сидра и почиваа до следниот ден, давајќи слава на овој светител. Денес чамците често застануваат додека морнарите му се молат на светителот и потоа продолжуваат со своето патување.

Христијаните веруваат дека со неговите чудесни сили, Свети Никола им помага на сите што му се обраќаат за помош во болест, беспомошност и душевно страдање. Со помош на неговата молитва, погледот е вратен на слепите, а чувството за слух е вратено на глувите.

На овој ден, според традицијата, никогаш не треба да ја перете облека, да ја чистите куќата и да правите какви било домашни работи.

Чудото на светиот апoстол и евангелист Јован

Споменот на овој голем апостол и евангелист се празнува на 26 септември. А на 8 мај се споменува чудото пројавено на неговиот гроб.

Имено, кога Јован имаше повеќе од сто години, зеде седуммина од своите ученици, излезе од Ефес и им нареди на учениците да му ископаат гроб во вид на крст.

Потоа старецот слезе жив во гробот и беше погребан. Кога подоцна верните го отворија Јовановиот гроб, не го најдоа телото во гробот. А на 8 мај секоја година се креваше некоја прашина од неговиот гроб од која се исцелуваа болни од разни болести.

Светата великомаченичка Ирина – На маки ја подложуваа четворица цареви, но Бог секогаш ја спасуваше преку Ангели

 Живееше во апостолските времиња на Балканот во некој град Магедон, каде што татко ѝ Ликиниј беше владетел. Некои мислат дека таа е Словенка. Родена како незнабошка од родители-незнабошци, Пенелопа (така ѝ беше името пред да се крсти) на христијанската вера се поучи од нејзиниот учител Апелијан.

. Светиот Тимотеј, ученикот на апостолот Павле, ја крсти заедно со уште неколку дворјанки и ѝ ги донесе да ги прочита Посланијата на светиот апостол Павле. Кога се одрече од мажачка и го разгневи татко ѝ, па тој сакаше да ја мачи, таа на чудесен начин го обрати во христијанство. Освен татко ѝ, на маки ја подложуваа уште четворица други цареви, но Бог секогаш ја спасуваше преку Ангели.

Царот Седекија ја закопа до глава во ендек исполнет со отровни змии и скорпии. Но, Божји Ангел ги умртви отровните гадинки и ја сочува светата девица неповредена. Тогаш, овој цар се обиде да ја иструже со пила, но пилата се одбиваше од нејзиното тело како од камен. По ова, ја врза за тркало под воденица и пушти вода за да ја убие. Водата не сакаше да тече, туку стоеше – и девицата остана жива и здрава. Царот Савах, синот на Седекија, ја поткова со клинци, натовари врз неа вреќа со песок и ја впрегна, па нареди да ја водат како добиче далеку надвор од градот. „Навистина, како добиче сум пред Тебе, Господи!“, говореше светата маченичка впрегната трчајќи по своите мачители. Но, Божји Ангел ја затресе земјата и земјата се отвори, па ги проголта нејзините мачители. Откако ги преживеа сите маки, со што обрати во христијанство огромно мноштво незнабошци, Ирина премина во градот Калипол и во него ја проповедаше верата во Христа.

Тамошниот цар Нумеријан сакаше да ја убие и ја фрлаше во три усвитени метални вола едно по друго. Но, девицата беше спасена и остана жива. Мнозина видоа и поверуваа во Бога. Епархот Ваводин ја одведе во градот Константин, каде што намисли да ја убие ставајќи ја врз усвитени решетки. Ниту тоа не ѝ наштети на Света Ирина, туку повторно мнозина ги приведе кон верата на Вистината.

Најпосле, Ирина дојде во градот Месемвриј, каде што царот Савориј ја уби, но Бог ја оживеа. А кога го видоа тоа, царот и многубројниот народ поверуваа. И така со своите страдања света Ирина приведе во Христовата вера околу сто илјади незнабошци.

Најпосле, самата легна во гроб и му нареди на Апелијан да го затвори гробот. Кога по четири дена го отворија, неа ја немаше внатре. Бог ја прослави за навек девицата и маченичката Ирина, која се жртвуваше и претрпе сè за да Го прослави Него меѓу луѓето со сите сили што ѝ ги подари.

Денеска е Свети Василиј Острошки: Ако сте болни овој светец денеска ќе ви помогне

Православната црква и верниците денеска го прославуваат Свети Василиј Острошки, големиот чудотворец, чиишто чудотворни дела се познати насекаде.

Уште поголемо чудо и доказ за светоста на Василиј е чудотворната моќ на неговото тело. Тој, кој во својот земен живот личел повеќе на ангел отколку на човек, го воздигнал својот дух до престолот Божји, а своето тело го обесмртил. Тоа свето тело за време на земското живеење било храм на светиот дух, а по разделувањето со душата, станало ризница на благодати.

Не можат да се набројат разните чудесии, кои Господ преку него ги правел и кои секој ден ги прави и покажува над секој тој што доаѓа да побара помош од овој голем светец и учител, двигател на православната вера.

Многумина веруваат дека ако се заречат дека на овој ден ќе одат на Духовден во манастирот Острог, нивната болест или болеста на некој нивни близок ќе исчезне „како однесена со вода“. Ако решите да побарате помош од овој светец од денеска мора да почнете со строг пост, кој ќе трае се додека на Духовден не одите на Острог и таму се причестите.

Доколку познавате личност што се подготвува за вакво патување, треба да ѝ однесете масло, темјан и памук да ги однесе со себе и да ги стави таму да преноќат.

Често се случува ова да го прават и муслиманите и католиците, бидејќи на овие простори сите се уверени во големата чудотворна моќ на свети Василиј, па се верува дека таму преноќат маслото, памукот и темјанот, се лекуваат сите болести.