Tag Archives: градСкопје

„Добивте покачување над 70 илјади денари, земате плата над 2.500 евра, не работите ништо и донесовте банкрот!“

„Дали Вие знаете да одговорите директно на прашање? Некогаш? Кратко и јасно со ‘да’ или ‘не’. Дали Градот е блокиран? Да или не, толку. Дали ќе ни ги дадете картичките, дали ќе ни ја дадете информацијата, да или не?

Само што добивте понуда и решение за меморандум за соработка, првиот Ваш одговор е нека ни прати директорот. Значи, тој пак да биде крив. Пак некој друг е одговорен, само не Вие. Пак некој друг да ја заврши Вашата работа, само не Вие“, нагласи Филип Јаневски, советник во Советот на Град Скопје од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Јаневски ѝ порача на градоначалничката на град Скопје да пребара во македонскиот речник што значат зборовите транспарентност и отчетност.

„Вие сте транспарентни? Па понетранспарентен градоначалник јас немам видено откако сум роден. Јас мислев нема полош градоначалник од Вашиот претходник, ама сум се излажал“, рече советникот.

Јаневски укажа дека Арсовска ја избрале речиси 120.000 граѓани за да ги реши проблемите на градот, кои ги создале нејзините претходници, но, за жал, таа само повеќе ја влошила состојбата.

„Вие велевте јас не сум политичар, јас сум менаџер, ова ли е тоа менаџерство? Вака ли Вие менаџирате“, ја запраша тој Арсовска.

„Сметате дека ние 45 советници не заслужуваме не знам колкави паушали? Вие знаете колкава плата земате? Тукушто добивте покачување на платата пред еден месец од 78 %. Сигурно земате над 2.500 евра. А ниту одговарате на прашања ниту ништо. Знаете кој Ве вработува Вас? Граѓаните! Тоа е исто како јас на работа да земам плата од сопственикот на фирмата и кога ќе ми се јават и ме прашаат нешто поврзано со работата, јас да не им одговорам ниту на менаџерот, ниту на директорот, ниту на сопственикот“, нагласи советникот.

„Вас граѓаните Ве прашуваат или лично или преку нас советниците, кои сме нивни легитимни претставници, Вас Ве прашуваат до каде е ова, до каде е она, а Вие молк. Вие напаѓате дека други се криви“, рече Јаневски.

Тој ѝ порача на Арсовска, ако има доблест, нека си поднесе оставка.

Драми во Советот на Скопје: АКО СТЕ УЛИЧАРКА НЕ МОРА НИЕ ДА ВЕ ТРПИМЕ, Ѝ РЕЧЕ АРСОВСКА НА ЈАНЧЕВА

Градоначалничката Данела Арсовска денеска од говорницата во Советот на Град Скопје ја нарече уличарка советничката од СДСМ Љубица Јанчева.

„Ако сте уличарка не мора никој да ве трпи тука“, ѝ рече Арсовска на Јанчева во дискусијата за блокадата на сметката на Град Скопје.

Јанчева во дискусијата бараше Арсовска да даде извештај за финансиската состојба на Градот и праша зошто не дава извод од дневната состојба.

Арсовска во кавгата рече дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се во коалиција против неа и им велеше дека Градот е во одлична финансиска состојба, нема блокирана сметка, но не достави никакви документи за тоа.

Јанчева ѝ реплицираше дека таа постојано лаже, а доказ за тоа е дека не доставува извештај.

„Како тоа само вие сте во право, а сите ние не сме? Кој тоа го кажува, вие самите кога ќе станете наутро пред огледало си кажувате само јас сум во право? Дајте состојба на сметката за салдо 220 и 221 и ќе видиме колку пари имате“, рече Јанчева.

По изјавата на Арсовска, реагираше советничката на ВМРО-ДПМНЕ која рече дека дискусијата не треба се сведува на вакво ниво иако на сите им е јасно дека на градоначачлничката не ѝ одговара оваа дискусија.

„Не е симната под ниво дискусијата, вие сте под секакво ниво, инструирани од вашите лидери“, додаде Арсовска.

Советникот Гордан Шутаров ја праша Арсовска како може Градот да биде блокиран за 2,5 милиони евра ако на сметката имало пари?

„Градот има буџет од 100 милиони евра, а Градот во првата половина на годината нема на сметка 2,5 милиони евра. Па ако се нема волку пари да се повлечат, што кажува тоа за финансиската состојба? Да имало пари немало сметката да биде блокирана. Цела година и половина ништо не ни кажувате на советниците”, рече Шутаров.

СДК.мк

Градот Скопје ќе ги тужи приватните превозници

Нова тужба за приватните превозници „Слобода превоз” и „Макекспрес” од Град Скопје, поради, како што се наведува, нанесена економска штета врз буџетот на Градот и непочитување на одредби од договорот, што според Град Скопје, довело до негово раскинување.

Од Град Скопје велат нема теми за преговори, особено кога тие се под уцени, и дека бараат укинување на решението за раскинување на договорот кој е раскинат поради прекршување на одредбите од договорот од страна на „Слобода превоз” и „Макекспрес”.

Новиот јавен повик, како што информираат, трае 30 дена и за него, како што велат, има интерес и сите заинтересирани домашни превозници можат да подигнат документација и да аплицираат.

ПАРТАЛИ на Твитер за случувањата – Град Скопје во епизодата „Микрофонот е ваш“

Град Скопје во епизодата „Микрофонот е ваш“ – Твитерџиите за драмата во Советот на Град Скопје.

(ВИДЕО) ФРЧАТ НАВРЕДИ ВО ГРАД СКОПЈЕ – Хитлер, ситен лопов, крадец, тиранин, деспот… АРСОВСКА СЕДИ ВО МАГАРЕШКА КЛУПА..!!!

Нови тензии, навреди и препукувања на релација претседател на Советот на град Скопје, Трајко Славески и градоначалничката Данела Арсовска на денешната 19-та седница на Советот на град Скопје.

Откако Славески кажа дека не може никој да збори од говорница, туку од место или од микрофонот до него, бидејќи сè уште не му е вратено копчето за вклучување/исклучување на микрофонот, од говорницата беше тргнат микрофонот. Арсовска си стави подвижен микрофон, а пред да ѝ даде збор Славески, тој ѝ рече на Арсовска дека уште еднаш ја предупредува дека не може да зборува од говорницата и да дојде напред наместо да седи во магарешка клупа на крајот од салата, пишува СДК.мк.

По ова Арсовска стана и се доближи во говорницата во градското Собрание. Арсовска со поставен подвижен микрофон отиде на говорницата и му рече на Славески дека е Хитлер и крадец.

Господине Хитлер не ви доликува ова што го правите. Вие го кршите деловникот и сте крадец. Немате никаков интегритет, рече Арсовска.

Вашиот капацитет е еднаков на нула, каков што е вашиот интегритет. Имаме право на кој начин ќе се изјасниме. Вие сте тука деспот и тиранин, се изживувате. Јас имам право да одговарам на прашањата. Немате право да одземате збор на градоначалникот. Не се ова опструкции. Единствено недолично однесување во оваа сала го имате вие. Немате грам интегритет. Жално е што си ја завршивте кариерата како деспот. Директно штетите на градот со вашето однесување, рече градоначалничката.

Славески после тоа ја прекина денешната 19-та седница на Градот.

-Заради недолично однесување и навреди кон претседателот на Советот на град Скопје ѝ одзедов збор на градоначалничката Арсовска, изјави Славески.

Градоначалничкат на тоа додаде: „Ова е мојот дом, мојата куќа и не можете да ми го земете зборот“.

Славески јавно го повика Инспекторатот за локална самоуправа да интервенира во Град Скопје заради попречување на работата на Советот и одземање на ингеренциите на претседателот на Советот.

Тој потсети дека претседател на Совет треба да дава збор по редослед на пријавување и доколку некој од дискутантите не се придржува на точката на дневен ред по три опомени, да одзема збор.

Јас немам начин за одземање на збор освен нели да исклучувам микрофони на советниците. Тоа што нели е постапено по она што беше барање и доставено и писмено, овој момент јавно го повикувам инспекторатот за локална самоуправа да интервенира во Град Скопје, ќе побарам и писмено заради попречување на работата на Советот и одземање на ингеренциите на претседателот на Совет. Замолувам и давам пауза од половина час да се врати опремата со која што Советот одржа 18 седници, повика Славески.

Арсовска му го одзема копчето на Славески, Славески ѝ го зеде микрофонот на Арсовска (Видео)

Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески ѝ го одзема микрофонот на градоначалничката Данела Арсовска поради тоа што зборувала три часа. ВМРО-ДПМНЕ, партијата од чии редови доаѓа Славески, претходно Плусинфо испрати соопштение дека на Славески му било одземено копчето за дискусија со кое тој може да ги регулира говорите и да спречи говор на омраза и други инциденти, што е инаку дел од Деловникот за работа.

– Очигледно не можете да се справите со тоа што треба. И сметам дека не смее да ви се дозволи правото тука со копче некому да кажете кога некој ќе отпочне, а кога ќе престане да говори. Затоа што правото на градоначалникот е неприкосновено…- зборуваше Арсовска на микрофон.

Славески дојде до говорницата и го отстрани микрофонот. Најави пауза од 10 минути.

– Сите се малтретирани овде поради вас, дополнителни три часа. Досега ќе ја изгласавме иницијативата. Не се расправајте со советниците. Поради вашето вакво однесување, се малтретираме овде – ѝ возвраќа Славески откако се враќа на своето место.

Таа му одговори дека не може повеќе да се однесува како деспот. Откако тој го тргна микрофонот, таа продолжи да зборува.

Aко денес не добијат плата, вработените во ЈСП со семејствата ќе штрајкуваат изутрина

Вработените од ЈСП и покрај проверките од полицијата по дојавата за бомба во некој од градските автобуси, го одржаа штрајкот и најавија дека доколку не добијат плата денес, ќе се појават пред гаражите во Автокоманда заедно со своите семејства рано изутрина во 4.30 часот.

А денес информираа дека ќе упаднат на вонредната седница на Град Скопје закажана за 14 часот.

„Да не се повторуваме, вработените во ЈСП се гладни, гладни се и нивните семејства. На денешната средба што ја имавме трит репрезентстивни синдикати, се договоривме денес да влеземе на вонредната седница на град Скопје во 14 часот. Но, 14 часот е доцна за да некој одлучи ние да добиеме плата.

Ако не добиеме плата, ние со нашите семејства ќе излеземе на протест пред оваа гаража рано наутро во 4.30 часот. Тоа значи дека автобусите нема да излезат да возат. Сите сме гладни и не можеме да си ги извршуваме своите обврски. Нашиот револт ќе го изразиме од политичките препукувања. Јас се надевам дека ќе седнат да се договорат.

Законскиот рок за плата е 15-ти во месецот, помине ли овој датум, автобус на ЈСП нема да излезе на линија “ истакна Миќо Стојановски, Претседателот на Синдикатот на работниците од сообраќајот и врските (СРСВМ).

И Заменик градоначалничката на Град Скопје поднесе оставка – Арсовска во коалиција со ДУИ

Заменик градоначалничката на Град Скопје Бујаре Абази од Алијанса на Албанците поднесе оставка од функцијата.

– На последните локални избори во Град Скопје ветивме дека ќе ги тргнеме од власт тие кои што наштетија, ограбуваа и им го влошија животот на скопјани, но актуелната градоначалничка на Град Скопје Данела Арсовска, направи две скандалозни прекршувања на договорот и заложбата што ја дадовме пред граѓаните, нагласи Абази, додавајќи дека актуелно раководство нема да ја добие нејзината поддршка.

Ова е само уште една потврда за пишувањата дека Арсовска е влезена во коалиција со ДУИ.

Оставката на Абази доаѓа до вчерашното назначување на двајца директори во Градот Скопје од редовите на ДУИ, синот на поранешниот реис на ИВЗ, Сулејман Реџепи и Саид Саид се меѓу новите в.д. директори на Јавни претпријатија во Скопје што вчера вечер ги објави Град Скопје, а ги назначи градоначалничката Данела Арсовска по повлекувањето на директорите од ВМРО-ДПМНЕ.

Муцунски дава 1.2 милиони денари за поддршка на РК ВАРДАР

Вечерва Советот на Општина Аеродром на иницијатива на градоначалникот Муцунски даде поддршка за македонскиот бренд РК Вардар.

Со ребалансот на буџетот, покрај развојните инвестиции и капиталните проекти кои се предвидени, Општина Аеродром издвојува и 1.2 милиони денари за поддршка на македонскиот шампион.

– Во ваквите тешки мигови за нашата ракометна гордост поддршката од наша страна беше неопходна. Голема благодарност до советниците на ВМРО-ДПМНЕ и Левица кои гласаа за оваа финансиска помош, напиша Муцунски на својата фејсбук страна. 

Покрај тоа, буџетот за оваа година предвидува и 24 милиони денари за МЗТ Скопје, аеродромски бренд што ќе ја претставува Македонија во елитното јадранско натпреварување АБА1. 

Предложете имиња за трите женски лавчиња кои се родија

Посетителите на скопската Зоолошка градина од денеска ќе можат да даваат предлози за избор на имиња на трите нови женски лавчиња. Од денеска тие ќе бидат пуштени во надворешното живеалиште и посетителите за првпат ќе имаат можност да ги видат одблизу.

Граѓаните, како што соопштија од Зоолошката, предлозите ќе може да ги ставаат во пластичните кутии кои се поставени на влезот на Зоолошката градина. Предлози ќе можат да се пишуваат и во коментар на објавата на фејсбук-страницата на Зоолошката градина, како и на објавата на фејсбук-страницата на Град Скопје.

Анкетата за именување на малите лавици ќе трае една недела, а во текот на следната недела одбраните имиња ќе бидат и јавно објавени.

По повеќе од 20 години, во март годинава во скопската Зоолошка градина се родија три лавчиња. Лавчињата, како што посочуваат од Зоолошката, одлично напредуваат под будното око на вработените кои со професионалност и внимание се грижат мајката и малите да се безбедни и да ги имаат сите потребни услови.

– Лавчињата ја примија и првата вакцина, како превентивна мерка во ветеринарната заштита на здравјето на животните, се вели во соопштението.

Предлозите можете да ги дадете во коментар на следниот линк: