Tag Archives: религија

НИ ДОАЃА ПЕТРОВДЕН, ПА ПАВЛОВДЕН – особено една работа никако не смее да ви се случи во четврток!

среда на 12 јули е Петровден, а во четврток на 13 јули е Павловден, со кој се поврзани многу обичаи.

Собор на 12 Апостоли – Павловден. Бидејќи претходниот ден, иако е посветен на двајцата славни Господови апостоли, сепак се вика Петровден, овој ден е одреден да се слави споменот на Светиот апостол Павле – Павловден.

На овој ден именден слават тие што го носат името Павле, Пајо, Павлина и слично, иако и претходниот ден може да се сретне празнување на овие имендени, затоа што претходниот ден се празнува споменот на двајцата апостоли.

Павловден, жените го држат како празник повеќе од Петровден. Во некои места на овој ден не се работи и се пази од пајаци, да не го каснат некого. Се верува дека човек каснат од пајак на овој ден тешко ќе оздрави. Затоа овој ден е познат и како Пајаковден.

Во некои краишта, на пример во гевгелиско, народот сметал дека Павле бил брат на Петар и дека на луѓето им правел разни добри дела. Народот велел дека св. Петар бил богат и сербес, а св. Павле сиромав и добродушен.

Денеска се празнува Пренос на моштите на светите маченици Кир и Јован

Се празнуваат на 31 јануари. Под тој датум е опишано нивното житие и страдање. На 28 јуни се празнува преносот на нивните мошти од Канопос во Манутин и многубројните чуда што се случија притоа.

Александрискиот патријарх свети Кирил истрајно се молеше на Бога да го уништи идолското нечестие во Манутин, кај што имаше идолски храм и владееше демонска сила. Тогаш на патријархот му се јави Ангел Божји и му рече дека Манутин ќе биде очистен од нечестието ако тој ги пренесе таму моштите на светите Кир и Јован.

Патријархот веднаш го направи тоа: ги пренесе чесните мошти на мачениците во Манутин и изгради таму црква, којашто им ја посвети на светите Кир и Јован. Од моштите на овие маченици се исцели од шкрофул Амониј, синот на александрискиот градоначалник Јулијан; некој Теодор од слепило; Исидор од Мајум се исцели од раскапување на црниот дроб; една жена Теодора од отруеност; некој Евгениј од водена болест.

Сето тоа се случи во 412 година.

Преподобната маченичка Февронија

Ќерка на сенаторот Просфор од Рим. За да избегне брак со смртен човек, си Го избра себеси Христа за вереник и се замонаши на Исток во земјата Асирска, во манастир каде што тетка ѝ Вриена беше игуманија. Лисимах, син на еден големец, имаше желба да се ожени со Февронија, но затоа што Диоклецијан наѕираше во него потаен христијанин, го испрати на Исток со чичко му Селин да заробува и убива христијани. Селин беше суров како ѕвер, секаде немилосрдно ги убивашe христијаните. Лисимах пак, каде што можеше ги штедеше христијаните и ги засолнуваше пред својот ѕвероподобен чичко. Кога направи пустош кај христијаните во Палмира, Селин дојде во градот Сивапол, во чијашто близина имаше девствен манастир со педесет испоснички, меѓу кои и Февронија.

Иако имаше само дваесет години, во манастирот и во градот ја почитуваа Февронија заради големата кротост, мудрост и воздржливост. Во тој манастир го држеа правилото на блажената Платонида, поранешната игуманија на манастирот – секој петок го минуваа во молитва и во читање од светите книги, тој ден ништо друго не работеа. Од свештените книги, како што одреди Вриена, на сестрите им читаше Февронија, и тоа стоејќи скриена зад завесите за никој да не се замајува и плени со нејзиното прекрасно лице.

Кога чу за Февронија, Селин нареди да му ја доведат. Бидејќи светата девица не сакаше да се одрече од Христа и да се согласи на брак со смртен човек, нареди да ја шибаат, па да ѝ ги избијат забите, потоа ѝ ги отсекоа рацете, па градите, па нозете и најпосле ѝ ја отсекоа главата. Истиот тој ден мачителот го снајде ужасна казна: во него влезе демон и го обзеде некој смртен ужас, во тој ужас тој удри со главата во мермерен столб и падна мртов

. Лисимах нареди и телото на Февронија го собраа и го однесоа во манастирот, каде што чесно го погребаа, а тој и голем број од војниците се крстија. Од моштите на Февронија биваа многубројни исцеленија, а и таа се јавуваше на денот на нејзиниот празник и стоеше меѓу сестрите на своето вообичаено место додека сите сестри ја гледаа со страв и со радост. Света Февронија пострада чесно и се пресели во вечното блаженство во 310 година. Во 363 година нејзините мошти беа пренесени во Цариград.

Денеска го славиме раѓањето на СВЕТИ ЈОВАН Претеча – Крстителот Господов

Шест месеци пред своето јавување на Пресветата Дева Марија во Назарет, великиот Архангел Божји Гавриил му се јави на првосвештеникот Захарија во јерусалимскиот храм. Пред да го објави чудесното зачнување на безмажната девица, Архангелот го објави чудесното зачнување на една бездетна старица. Захарија не поверува веднаш во зборовите на Божјиот известител и затоа јазикот му се врза со немост, па остана нем сè до осмиот ден по раѓањето на Јован.

Тој ден се собраа роднините на Захарија и Елисавета за обрезание на младенецот за да му биде дадено име. Па кога го прашаа таткото кое име би сакал да му го даде на синот, тој бидејќи нем напиша на табличка: „Јован“. Јазикот му се одврза во тој час и тој почна да говори.

Домот Захариев беше на височината меѓу Витлеем и Хеврон. Гласот дека на Захарија му се јавил Ангел Божји, дека онемел, а потоа му се одврзал јазикот штом го напишал името Јован, се разнесе по сиот Израил. Овој глас дојде и до Ирод.

Затоа Ирод, кога испрати да се заколат децата во Витлеем, прати луѓе и во ридското престојувалиште на Захариевото семејство, за да го убијат и Јован. Но, Елисавета благовремено го сокри детето. Разјарен од ова, царот Ирод испрати џелати кај Захарија во храмот (зашто се погоди тој повторно беше чреден за служење во ерусалимскиот храм) да го убијат.

Захарија беше убиен меѓу притворот и храмот, а неговата крв се засири и се скамени на плочите и остана како неизбришливо сведоштво против Ирод. Елисавета со детето се скри во една пештера, во којашто набрзо таа умре. Младенецот Јован остана сам во пустината, препуштен на грижа на Бога и Неговите Ангели.

Се празнува Светиот свештеномаченик Евсевиј, епископ Самосатски

Многу постигна во изобличувањето на аријанството. Кога се испразни антиохискиот престол, на негово настојување за патријарх беше избран Мелетиј, големо светило на Црквата, којшто после смртта се удостои со голема пофалба од Свети Јован Златоуст.

Но сепак аријанците набрзо по востоличувањето го изгонија Мелетиј од Антиохија. Кога умре злиот син на цар Константин, Констанциј, се зацари еден уште полош од него, Јулијан Отстапник. Во времето на Јулијановото гонење на христијаните Свети Евсевиј го слече свештеничкото расо и се облече во војничко руво, па така ги обиколуваше гонетите цркви по Сицилија, Финикија и Палестина, сегде утврдувајќи ја православната вера и поставувајќи свештеници, ѓакони и сиот потребен клир, а некаде дури и епископите ги поставуваше тој.

Кога се прочу погибелта на Јулијан, Свети Евсевиј го посоветува Мелетиј да го повика Соборот во Антиохија во 361 година. Присуствуваа дваесет и седум архиереи, уште еднаш се осуди аријанската ерес, а се прогласи православната вера онака како што беше изразена на Првиот Вселенски Собор. Покрај Мелетиј и Евсевиј, на овој Собор особено се забележуваше Свети Пелагиј Лаодикиски, прочуен девственик и подвижник. Овој Собор беше во времето на благочестивиот цар Јовинијан. Но тој цар набрзо умре, а се зацари свирепиот Валент, со којшто повторно кон Православието се наврте прогонство.

Свети Мелетиј беше прогонет во Ерменија, Евсевиј во Тракија, а Пелагиј во Арабија. По Валент се зацари Грацијан, кој ѝ даде слобода на Црквата и ги врати од прогонство архиереите на нивните места. Така се вратија: Мелетиј во Антиохија, Евсевиј во Самосат, а Пелагиј во Лаодикија. Во тоа време голем број епархии и парохии беа како вдовици, па Евсевиј ревнуваше да му најде на народот благочестиви пастири.

Но кога дојде во градот Долихин со избраниот епископ Марин, за да го востоличи новиот архиереј, а да ја изобличи ариевската ерес којашто во овој град имаше голем замав, еден еретик-фанатик фрли од покрив ќерамида врз чесната глава на Свети Евсевиј и опасно го рани. Од оваа рана големиот Свет ревнител за Православието умре за да живее вечно во рајското блаженство. Пострада во 379 година.

Светиот апостол Јуда – го распнаа и убија со стрели за проповедање на Евангелието

Еден од дванаесетмината. Син на Јосиф и Салома (но не Саломија Витлеемска), а брат на Јаков, братот Господов. Со Салома, ќерката на Ангеј (син Варахиин, Захариев), Јосиф дрводелецот имаше четири сина: Јаков, Јосија, Симон и Јуда.

Овој Јуда понекогаш се нарекува и Јуда Јаковов, по брат му Јаков, којшто е попрочуен од него. Своето послание свети Јуда го почнува вака: „Од Јуда, слуга на Исуса Христа, брат Јаковов.“ Иако и тој можеше да се нарекува брат Господов колку и Јаков, тој тоа не го правеше од смирение и срам, зашто во почетокот не Му веруваше на Господ Христос; и кога старецот Јосиф пред смртта сакаше да му даде дел од имотот и на Исус како на сите свои деца, сите па и Јуда, се спротивставија на тоа, освен Јаков, којшто драговолно одвои дел од својот имот и го намени за Исус.

Јуда уште го нарекуваат и Левиј и Тадеј. Има уште еден Тадеј, од седумдесетмината апостоли (21 август), но овој Тадеј или Јуда когошто Црквата го слави на денешен ден беше еден од големите апостоли. Го проповедаше Евангелието по Јудеја, Самарија, Галилеја, Идумеја, Сирија, Арабија, Месопотамија и Ерменија.

Во Едеса, градот на Авгар, ја дополни проповедта на оној другиот Тадеј. Кога проповедаше во пределите околу Арарат, го фатија незнабожците, го распнаа на крст и го убија со стрели, за вечно да царува во Царството Христово.

Муслиманите денеска го слават КУРБАН БАЈРАМ – ПРАЗНИКОТ НА СОЛИДАРНОСТА И БЛАГОСОСТОЈБАТА

Верниците од исламска вероисповед денеска го слават празникот Курбан Бајрам, вториот најголем празник на муслиманите по Фитр Бајрам.

На првиот ден од празникот се изведува молитвата за Бајрам – Бајрам намаз, со која верниците бараат милост од Алах.

Карактеристично за овој празник е принесувањето жртва – курбан, која има симболика на приближување кон Бога.

Припадниците на исламската вероисповед го прaзнуваат големиот празник Курбан Бајрам. Овој празник е познат како празник на жртвата, бидејќи тогаш се принесува животно како жртва за доброто на верата и за корист на луѓето. Принесувањето курбан е ритуал што се поврзува со Ибрахим (Авраам) и Исмаил и значи приближување кон Бога. Според Куранот, светата книга на муслиманите, оваа жртва ја заменува човечката која требало да ја направи Ибрахим наместо да го жртвува сопствениот син. Но, Алах тоа го заменил со овен. Подготвеноста на Ибрахим да го жртвува својот син за доброто на Алах предизвикало Алах да му го поштеди животот на неговиот син. Ова се сметало за Господово чудо. Токму поради оваа посветеност во историјата на исламот, муслиманите го слават Курбан Бајрам секоја година за да ги примат Алаховите благослови и прошка.

 Традицијата на Курбан-бајрам останала до ден денешен. Обичајот го изведуваат сите муслимани кои имаат можност за тоа, веднаш по клањањето на бајрамскиот намаз. Покрај овен, за курбан може да се принесе и овца, коза, крава или камила. При принесувањето на животното се изговара: ,,Бисмилах – Алаху екбер” што значи „Во името на Алах.Алах е најголем“

Како курбан најчесто се принесуваат овни или телиња. Обичајот го изведуваат сите кои имаат можност, а тие кои принеле жртва, потоа им раздаваат од месото на сиромашните, соседите и на роднините.

Курбан Бајрам трае три дена. Со овој празник се крунисува аџилакот, кој важи за петти темел на исламот.

Првиот ден од Курбан Бајрам, 28 јуни, е неработен ден за граѓаните од муслиманската вероисповед во Република Северна Македонија.

Свети Методиј, патријарх Цариградски – помина седум години без светлина

Родум од градот Сиракуза во Сицилија. Кога заврши со светското школување се замонаши и почна да се подвизува во манастир. Патријархот Никифор го зеде на служба кај себе. Во времето на иконоборните цареви насекаде се прочу како одличен бранител на иконопочитувањето. Свирепиот цар Теофил заради тоа го затвори на еден остров.

Во затвор со двајца обични разбојници помина седум години во влага, без светлина и доволно храна, како во гроб. Во времето на благочестивата царица Теодора и нејзиниот син Михаил беше ослободен и избран за патријарх (според претходното пророштво на светиот Јоаникиј Велики). Во првата недела од Чесниот Пост, Методиј свечено ги внесе иконите в црква и напиша канон во чест на иконите.

Не можејќи да му го најдат крајот никако, еретиците најмија една жена којашто изјави дека патријархот со неа имал нечисти телесни односи. Сиот Цариград се возмути од таа клевета. Не знаејќи како поинаку да ја докаже својата невиност, патријархот прејде преку срамот и се слече гол пред судот којшто сам го побара и го покажа своето суво и истоштено тело. Судот очигледно се увери дека патријархот е наклеветен.

Штом чу за ова народот се израдува, а се посрамија еретиците. Тогаш и онаа жена призна дека била наговорена и потплатена за да ја изнесе таа клевета против Божјиот светител. И така, оние што мислеа да му нанесат срам на Методиј и не сакајќи му ја зголемија славата. Овој голем исповедник на верата мирно се упокои во 846 година и се пресели во Царството Божјо.

Денеска го славиме Светиот Апостол Вартоломеј

Еден од дванаесетте големи апостоли. Вартоломеј и Натанаил, по сè изгледа, се две имиња за едно лице; името му е Натанаил, а Вартоломеј е според татковото име, односно значи „Син на Толомеј“. Заедно со светиот апостол Филип и сестрата на Филип, девицата Маријам – а некое време и со свети Јован Богослов – го проповедаше Евангелието најпрво во Азија, потоа во Индија и најпосле во Ерменија, каде што и заврши маченички.

Овие Свети апостоли ја умртвија големата змија којашто незнабошците ја чуваа во храм во Јерапол и ја почитуваа како божество. Во истиот град му подарија вид на Стахиј, кој беше слеп полни четириесет години. Таму против нив се крена толпа народ и ги распнаа на крст и Филип и Вартоломеј, а Вартоломеј го распнаа со главата надолу.

Тогаш затресе земјотрес во којшто загинаа злите судии и многумина од народот. Гледајќи во тоа казна Божја, мнозина притрчаа да ги симнат апостолите од крстовите, но Филип веќе беше издивнал, додека Вартоломеј сè уште беше жив. Потоа отиде во Индија, каде што го проповедаше и на индиски јазик го преведе Евангелието на Матеј. По ова прејде во Ерменија, каде што ја исцели од лудило царската ќерка. Но, братот на царот Астијаг завидливо го фати и го распна Божјиот апостол на крст.

Потоа му ја одра кожата и најпосле му ја отсече главата, во градот Албанопол Ерменски. Неговото тело христијаните го погребаа чесно во оловен ковчег. Бидејќи на неговите мошти се случуваа многу чуда, незнабошците го зедоа ковчегот и го фрлија в море. А водата го донесе ковчегот до островот Липари, каде што епископот Агатон, по откровение во сон, го дочека и го погреба во храмот.

Свети Вартоломеј му се јави, облечен во бели ризи, на свети Јован Химнограф в црква и го благослови со Евангелието за да пее духовни песни: „Нека потечат од твојот јазик водите на небесната мудрост!“

Му се јави уште и на царот Анастасиј (491 г. – 518 г.) и му рече дека ќе му го чува новосоѕиданиот град Дура. Подоцна, по нападот на арапите на островот Липари, моштите на овој голем апостол беа пренесени во Беневент, па во Рим. Над нив се случуваа големи и страшни чуда.

Денеска е Свети Кирил, архиепископ Александриски – За време на својот живот водеше три лути борби

По потекло благородник и близок роднина на Теофил, патријархот Александриски, по чијашто смрт самиот беше посветен за патријарх. За време на својот живот водеше три лути борби: со еретиците новацијани, со еретикот Несториј и со Евреите во Александрија. Новацијаните настанаа во Рим, а така се наречени по презвитерот Новацијан, нивниот ересоначалник.

Се гордееја со својата добродетел, одеа облечени во бела облека, им забрануваа на другите брак и сметаа дека никој не треба да се моли за оние што извршиле смртен грев ниту да се прими назад во Црквата оној којшто еднаш отпаднал, колку и горко да се кае.

Кирил ги победи и ги протера од Александрија, нив и нивниот епископ. Борбата со Евреите беше многу потешка и покрвава. Евреите се имаа засилено во Александрија уште од времето кога Александар Велики го основа тој град. Нивната омраза кон христијаните беше бесна и подмолна. Тие ги убиваа христијаните безмилосно и подло, ги труеја, ги распнуваа на крст.

По долга и тешка борба Кирил издејствува кај Царот Теодосиј Помладиот да се протераат Евреите од Александрија. Неговата борба против Несториј, патријархот Цариградски, ја реши Третиот Вселенски Собор во Ефес. Со тој Собор претседаваше самиот Кирил, истовремено застапувајќи го и Римскиот папа Целестин, на негова молба, бидејќи тој од старост не можеше да дојде на Соборот.

Несториј беше осуден, анатемисан и од царот прогонет на источната граница на царството, каде што и умре со ужасна смрт (зашто црви му го разјадуваа јазикот со којшто Ја хулеше Пресвета Богородица, нарекувајќи Ја Христородица). Откако заврши борбата, Кирил поживеа во мир и ревносно го пасеше стадото Христово. Се престави кај Господа во 444 година. Се вели дека тој ја составил „Богородице Дево, радувај се!“.