Tag Archives: религија

Светиот великомаченик Прокопиј – кој пострада лесно заради верата Христова

Роден е во Јерусалим, од татко христијанин и незнабожна мајка. Името најпрво му беше Неаниј. По смртта на таткото, мајката го воспита синот сосема во духот на римското идолопоклонство.

Кога Неаниј порасна, го виде еднаш царот Диоклецијан и толку го засака, што го зеде кај себе во дворецот на војничка служба. А кога овој злочестив цар почна да ги гони христијаните, го одреди Неаниј да оди со еден одред војска во Александрија за во неа да ги сотре христијаните. По патот на Неаниј му се случи нешто слично како на Савле. Во третиот час од ноќта стана голем земјотрес, при што му се јави Господ и се слушна глас: „Неаниј, каде одиш и на кого стануваш?“

Во голем страв Неаниј запраша: „Кој си ти, Господи? Не можам да те познаам.“ Во тој миг во воздухот се јави пресветол крст, како од кристал, и од крстот дојде глас: „Јас Сум Исус, распнатиот Син Божји“. И уште Господ му рече: „Со знакот што го виде победувај ги непријателите свои и мирот Мој ќе биде со тебе.“ Тој настан потполно го смени и го преврте животот на војводата Неаниј.

Тој даде да му се направи онаков крст и место да појде против христијаните тргна на Агарјаните коишто тогаш удираа на Јерусалим. Како победник влезе во Јерусалим и ѝ објави на мајка си дека е христијанин. Изведен пред судијата ги симна и ги фрли од себе појасот и мечот војводски за да покаже дека е војник само на Царот Христос. После големи мачења беше фрлен во затвор, а таму повторно му се јави Христос и го крсти и му го даде името Прокопиј.

Еден ден му дојдоа на затворскиот прозорец дванаесет жени и му рекоа: „И ние сме слугинки Христови.“ Обвинети за ова, беа фрлени во истиот затвор, па свети Прокопиј ги поучуваше во верата Христова, а особено за да го примат венецот на мачеништвото. Затоа во чинот на брачното венчавање, покрај боговенчаниот цар Константин и царицата Елена, се спомнува и свети Прокопиј. Оние дванаесет жени потоа беа подложени на страшни маки.

Гледајќи ја нивната храброст и маките што ги трпат, мајката на свети Прокопиј и самата поверува во Христа, па сите тринаесет беа погубени заедно. Кога беше изведен на губилиштето, светителот ги подигна рацете кон исток и Му се помоли на Бога за сите бедни и неволни, сиромашни и вдовици, а особено за Светата Црква, да порасне и да се спростре насекаде и Православието да свети до кончанието на светот.

И од небото му беше јавено дека молитвата му е услишена. Потоа радосно ја положи главата под мечот и појде кај својот Господ. Свети Прокопиј пострада чесно во Кесарија Палестинска, на 8 јули 303 година.

,,За мене живот е да умрам за Христа“ Денеска се празнува Светата великомаченичка НЕДЕЛА

 Во времето на христоборните цареви Диоклецијан и Максимијан, во Анадолија живееја две побожни стари души, Доротеј и Евсевија. Беа побожни христијани, богати, но бездетни. Со непрестајна молитва испросија од Бога едно чедо, оваа света Недела. Таа од детството Му се посвети себеси на Бога, воздржувајќи се од сè што прават разузданите деца.

Кога порасна, прекрасна во телото и во душата, навалија многубројни просци, но таа сите ги одбиваше, велејќи дека е вереница на Господ Христос и дека ништо не сака, освен да умре како девојка. Еден од одбиените ги обвини Недела и нејзините родители како христијани пред царот Диоклецијан.

Царот нареди и нејзините родители прво ги мачеа, а потоа ги протераа во градот Мелитина, каде што кончанието им беше во маки за Христа. Света Недела пак, му ја испрати Диоклецијан на Максимијан да ја суди. Бидејќи ја потврди својата вера во Христа пред Максимијан, тој нареди и ја тепаа со воловски жили. Потоа царот им ја предаде на војводите, прво на Иларион, а откако тој умре на Аполониј.

Овие ја мачеа ѕверски на сите можни начини, но сè им беше залудно. Додека света Недела лежеше во рани во затворот, ѝ се јави Господ Христос и ја исцели и ѝ рече: „Недело, не плаши се од маките, Мојата благодат е со тебе“. Христовата благодат навистина ја спаси оваа маченичка и од оган и од ѕверови, со што нејзините судии мислеа со сигурност да ја умртват. Многумина незнабожци, гледајќи го нејзиното чудесно спасение од толку смрти, поверуваа во Христа. Но сите беа заклани.

Света Недела му рече на Аполониј: „На ниеден начин нема да ме одвратиш од мојата вера. Ако ме фрлиш во оган, ги имам Тројцата младенци; ако ме фрлиш на ѕверовите, го имам за пример Даниил; ако ме фрлиш во морето, пример ми е пророкот Јона; ако ме предадеш на меч, ќе се сетам на Чесниот Претеча. За мене живот е да умрам за Христа.“ Тогаш Аполониј нареди да ја убијат со меч.

Недела клекна на колена, ги подигна рацете кон небото и Му се помоли на Бога да ја помилува и да ги спаси сите што ќе го слават нејзиниот спомен, а нејзината душа да ја упокои заедно со душите на нејзините родители. Кога ја заврши молитвата Му ја предаде душата на Бога, пред да се спушти мечот врз нејзината Света глава. Чесно пострада и се пресели во Небесното Царство во 289 година, во Никомидија.

Денеска е Преподобен Сисој Велики – заштитник на децата и помошникот на секоја тага

Денеска по новиот календар се прославува Преподобен Сисој Велики – заштитник на децата и брз помошник во секоја тага и неволја.

Родум Мисирец и ученик на Св. Антониј. После смртта на својот голем учител Св. Сисој се насели на пустинската гора наречена Антониева според местото на подвигот на великиот светител. Земајќи врз себе тешки подвизи толку се скроти самиот себеси, што стана незлоблив како јагне. Затоа Бог му даде голема благодат. Можеше да исцелува болни, да изгонува демони и да воскреснува мртви. Свети Сисој се подвизуваше шеесет години во пустината и беше како извор на жива мудрост за сите монаси и мирјани што му притекнуваа барајќи поука.

Најголемиот број обичаи врзани за Свети Сисој кои се почитуваат се врзани за децата. Многу мајки постат седум дена пред овој празник за да се причестат, а се верува дека така децата ќе бидат здрави и дека во животот ќе ги следи среќа.

Ако на овој празник врне, треба да ги пуштите децата надвор добро да искиснат. Во некои краишта е сочувано верувањето дека тоа е водата која Свети Сисој им ја испраќа од небото и дека така најдобро и најздраво ќе пораснат.

Постарите велат дека Свети Сисој е нјголемиот прогонувач на сите ѓаволи кои ги напаѓаат децата, па се верува дека денеска децата може да останат надвор и навечер, бидејќи демоните ќе избегаат и ќе се сокријат.

Светиот маченик Јакинт

Православните христијани денес го слават денот посветен на Светиот маченик Јакинт.

Млад дворјанин на царот Трајан, потаен христијанин. Еднаш додека царот со сите свои дворјани свечено им принесуваше жртви на идолите, Јакинт изостана од оваа скверна свеченост. Затоа беше обвинет и изведен пред царот на суд. Царот го советуваше да се откаже од Христа и да им принесе жртви на идолите.

Но, Јакинт остана тврд како дијамант, велејќи му на царот: „Јас сум христијанин, Христа Го почитувам, Нему Му се поклонувам и Нему Му се принесувам како жртва жива самиот себеси“. Избиен, исплукан, истружен, овој свет маченик беше фрлен во затвор. На заповед на царот не му даваа да јаде ништо, освен од идолските жртвоприноси. Но, Јакинт тоа не сакаше да го јаде и за осум дена умре. Стражарите во затворот видоа двајца светли Ангели: едниот го покриваше телото на маченикот со својата пресветла облека, а другиот полагаше прекрасен венец врз неговата глава.

И сиот затвор стана светол и миризлив. Момчето Јакинт пострада чесно во 108 година.

Денеска се празнува Полагањето на ризата на Пресвета Богородица во Влахернската црква во Цариград

Во времето на царот Лав Велики (458–471), на царицата Верина и патријархот Генадиј, патуваа по Светата Земја двајцата цариградски благородници Галвиј и Кандид, заради поклонение на тамошните светости.

Во Назарет отседнаа во куќата на една вдовица Еврејка, којашто во тајна одаја ја чуваше ризата на Пресвета Богородица. Многумина болни и неволни добиваа исцеление за своите маки со молитва и со допирот на таа риза.

Галвиј и Кандид ја зедоа Светата риза и ја пренесоа во Цариград, а тоа им го објавија на царот и на патријархот. Во царскиот град тоа предизвика голема радост.

Ризата беше свечено пренесена и положена во црквата Влахерна. (Оваа црква ја соѕидаа царот Маркијан и царицата Пулхерија на брегот на еден залив, наречен Влахернски, според името на некој скитски војвода Влахерн, којшто на ова место беше убиен). Овој празник е востановен во спомен на полагањето на ризата на Пресвета Богородица во Влахернската црква

РУСИЈА ЗАБРАНИ ПРОМЕНА НА ПОЛОТ ! „Не сакаме дегенерација на нацијата, одлуката ги штити нашите граѓани и деца“

Државната дума на Руската Федерација денеска официјално го усвои законот за забрана за промена на полот на територијата на земјата.

„Оваа одлука ги штити нашите граѓани и деца. Замислете, во САД, бројот на операции за промена на полот е зголемен за 50 пати во последните десет години. Монструозна тенденција!“, коментира претседателот на Думата, Вјачеслав Володин на Телеграм.

„Тоа е патот што води до дегенерација на нацијата. Тоа е неприфатливо за нас“, вели тој.

Иницијативата за воведување на овој закон беше поднесена во мај годинава, а на неа работеа околу 400 парламентарци, пишува „РИА Новости“.

Во согласност со овој закон, престанува да важи бракот во кој еден од брачните другари одлучил да го промени полот, а ако се знае дека одредено лице има потврда дека е подложенo на споменатата операција, во тој случај таа е забрането да посвојува деца.

Но, сите лица кои го промениле полот пред влегувањето во сила на овој закон не подлежат на новите норми.

Думата денеска ја забрани и употребата на медицински препарати кои имаат за цел промена на полот.

Во САД, според податоците од 2022 година, има милион и 640 илјади трансродови лица, од кои 340.000 се тинејџери, потсетува денеска Володин.

Денес ги славиме Светите Козма и Дамјан Азиски: За да ве следи здравје во текот на следната година, задолжително направете го ова

Според христијанските традиции, Дамјан и Козма биле запаметени по бесплатното лекувањето.

Денес, православните верници ја слават славата посветена на браќата Козма и Дамјан, светци кои народот ги смета за заштитници на медицинската професија, поради што се нарекуваат Свети лекари.

Многу здравствени установи ги слават овие светци и лекари како заштитници на својата професија, иако Светите лекари не се запишуваат во календарот со црвена боја и постот не е задолжителен.

Според легендата, светците помогнале и лекувале без да побараат ништо за возврат „заради придобивка и збогатување, но заради Бога“.

Тие не ги разликувале нивните пациенти според националноста и религијата. Единствено што барале за возврат од своите пациенти било да не го кажуваат залудно името Христос, дури и ако не сакаат да го прифатат христијанството.

Според народното верување, денес е добар ден за молитва за исцелување. Исто така, постои верба дека е добро да се работи напорна физичка работа денес и дека не треба да ја напуштате куќата непотребно. 

Бидејќи Козма и Дамјан ги лекувале болните цел живот, постои верба дека треба да се каже молитва за заздравување на овој ден.

Оваа молитва треба да се прочита 40 дена по ред и ќе бидете здрави колку што верувате дека може да ви помогне.

Молитвата гласи:

Кон вас, свети бесребреници и чудотворци Козма и Дамјане, како кон брзи помошници и топли молитвеници за нашето спасение, ние недостојните (имињата), клекнувајќи на колена, прибегнуваме и припаѓајќи усрдно повикуваме: Не презирајте ги молењата од нас грешните, немоќните, кои паднавме во многу беззаконија, и кои во секој час и ден грешиме. Умолете Го Господа, да ни даде, нам недостојните Негови чеда, од Својата богата милост: избавете нѐ од секоја мака и болест, бидејќи вие примивте од Бога и Спасителот наш Исус Христос непотрошлива благодат за исцелување, поради цврстата вера, бесплатното лечење и вашата маченичка смрт. Да, угодници Божји, не престанувајте да се молите за нас, кои со вера кон вас итаат: иако според мноштвото на нашите гревови и не сме достојни за вашето милосрдие, сепак, вие, верни и вистински подражатели на Божјото човекољубие, направете, да принесеме плодови достојни за покајание, и во вечниот покој да достигнеме, фалејќи и благословувајќи Прекрасниот во Своите светии Господа и Бога и Спасителот наш Исус Христос и Неговата Пречиста Мајка, и вашето топло застапништво, сега и секога, и во вечни векови. Амин.

Именден празнуваат: Кузман, Кузе, Дамјан, Даме…

,,Не копај гроб за друѓего, за да не влезиш сам во него”

Бидејќи претходниот ден, иако е посветен на двајцата славни Господови апостоли, сепак се вика Петровден, овој ден е одреден да се слави споменот на Светиот апостол Павле – Павловден.

На овој ден именден слават тие што го носат името Павле, Пајо, Павлина и сл. иако и претходниот ден може да се сретне празнување на овие имендени, затоа што претходниот ден се празнува споменот на двајцата апостоли.

Павловден, жените го држат како празник повеќе од Петровден. Во некои места на овој ден не се работи за од пајаци, да не го каснат некого при полските работи, жетва, врзување снопови, и сл. Се верува дека човек каснат од пајак на овој ден тешко ќе оздрави. Затоа овој ден е познат и како Пајаковден.

Во некои краишта, на пр. во Гевгелиско, народот сметал дека Павле бил брат на Петар и дека на луѓето им правел разни добри дела. Народот велел дека св. Петар бил богат и сербес, а св. Павле сиромав и добродушен. Се празнувало поради град.

Според преданието што во Охрид го забележал Е. Спространов „Петре и Павле биле побратими. Секʼде заедно оделе, ама Павле бил болен. Петре си рекол: Овʼј чоек ќе умрит, ја ај да му ископам гробот. Ко фатил да му копат, дошол Ристос и го опитал: Шо копаш бре Петре?

– Ами Павле је болен- рекол, та му го копʼм гробот.

– Ја ај легни да видиме, али чинит за тебе! Петре легнал и не станал веќе. Ето затоа рекле: Не копај гроб за друѓего, за да не влезиш сам во него. Петре копаше гроб за Павлета, ама сам умре во него, а Павле си остана ушче да си живејт.“ (Крај)

извор: МИА/Марко Китевски

Ден на Соборот на Светите славни и сефални Апостоли, а со нив и Павле

Иако секој од Светите големи Апостоли има свој посебен ден за празнување во годината, сепак овој ден Црквата го одреди како соборен празник на сите заедно, а со нив и Павле.

Ова се имињата и деновите на посебното празнување на Дванаесеттемина: Петар – 29 јуни и 16 јануари; Андреј на 30 ноември; Јаков Заведеев на 30 април; Јован Богослов на 26 септември и на 8 мај; Филип на 14 ноември; Вартоломеј на 11 јуни и на 25 август; Тома на 6 октомври; Матеј евангелистот на 16 ноември; Јаков Алфеев на 9 октомври; Тадеј на 19 јуни; Симон Зилот на 10 мај; Матиј на 9 август; Павле на 29 јуни.

Да спомнеме уште за начините како секој од овие најсвети и најполезни луѓе во историјата на светот го заврши својот живот на земјата:

Петар беше распнат на крст главечки; Андреј беше распнат; Јаков Заведеев го убија со меч; Јован Богослов се упокои чудесно; Филип беше распнат на крст; Вартоломеј – распнат, па одран и заклан; Тома беше избоден со пет копја; Матеј го изгореа во оган; Јаков Алфеев – распнат на крст; Тадеј – распнат; Симон Зилот – распнат; Матиј го каменуваа, па мртов го расекоа со секира; Павле го убија со меч.

ЗА МНОГУ ГОДИНИ: Денеска е Петровден – помолете се и заблагодарете се на овој светец!

Со овој празник завршува еден од четирите повеќедневни пости во годината, кој е врзан за празникот на Апостолите. Денес црквата ги слави двајцата врховни апостоли Петар и Павле. А и историски нивниот празник се утврди пред празникот посветен на 12-те, т.е. на сите апостоли. Апостолот Петар се прославува како образец на цврстата и искрена вера, а Павле како оној кој најмогу се потрудил во проповедањето на распнатиот и воскреснат Исус Христос. Инаку тие, како и сите останати апостоли, имаат свои посебни празници во текот на богослужбеното годишно време.

Еден од најзначајните настани на Петровден е почетокот на традиционалната Галичка свадба.

За Петровден, според фолклористот Марко Kитевски, постарите луѓе одат во црквата, а кој постел во петровденскиот пост се причестува. На овој ден може и да се работи зашто е во време на најголемата жетва, а според верувањето, дури и светецот (Св. Петар) тој ден зел срп и жнеел. Некој го држат празникот само до пладне, а попладне работат. Во Галичник Петровден се сметал за голем празник, тогаш доаѓале печалбарите и тогаш се правеле и свадбите. Останало забележано дека некогаш во еден ден имало 50 свадби, а удирањето на тапаните се слушало дури во Албанија, објаснува Kитевски.

Четири општини од македонскиот исток секоја година со богата програма ги одбележуваат општинските празници Петровден и Павловден. Kочани и Kонче го слават Петровден, а Павловден е празник на Пехчево и на Виница.

Интересни обичаи и верувања поврзани со Петровден се забележани во Kуманово. Тој ден рано наутро уште пред изгрејсонце оделе во бавчите и нивите, особено оние со бостан и од сите четири страни фрлале ситни камчиња. На тој начин според верувањето засновано на принципот на имитативната магија се влијае врз бостанот многу да врзува и брзо да расте. Исто така, бостанот, но и другите култури се прскале со вода од извор за да растат силно како водата што извира. Во овие петровденски верувања интересно е и фрлањето измет од стоката врз бавчите и нивите со земјоделски култури. Изметот земен од местото каде што стоката пладнувала (меризувала), или од пазарот се верува ќе влијае врз родот да биде густ и обилен како што била стоката на тоа место.

Според Kитевски, во гевгелиско за јадење на овој ден правеле млечник за да бидат цела година благи како млекото, а во Скопска Црна Гора се верувало дека кој ќе се омрси во петровденските пости ќе се скрастави. Во овој крај ако било сушно времето на овој ден, носеле крсти (литии) и со песната „Kрсти носам бога молам“ се молеле за дожд.

Kитевски забележува дека Павловден жените го држеле како празник повеќе од Петровден. Во некои места на овој ден не се работело за да не бидат каснати од пајак бидејќи се верувало дека човек каснат од пајак на овој ден тешко ќе оздрави. Затоа овој ден е познат и како Пајаковден.

На иконите двајцата апостоли се претставени заедно, Петар со клучеви од рајот, а Павле со меч, симбол на сопствената смрт. И двајцата држат отворени книги. Според фолклористот Мирко Kитевски, на празникот му претходи петровденскиот пост, чија должина зависи од празникот Велигден. Овој пост е еден од четирите повеќедневни пости во текот на годината, а започнува од првата недела по Духовден, а бидејќи овој празник е со непостојан датум и зависи од Велигден, така и петровденскиот пост секогаш не трае исто.

Апостолот Петар се прославува како образец на цврстата и искрена вера, а Павле како оној што најмногу се потрудил во проповедањето на распнатиот и воскреснат Исус Христос. Инаку, тие, како и сите останати апостоли, имаат свои посебни празници во текот на богослужбеното годишно време.

Kитевски смета дека светиот апостол Павле е особено значаен за Македонија. Тој своето прво патување надвор од Азија го направил во Македонија. Тоа започнало во 51, а завршило во 54 година. При своите патувања апостолот Павле организирал нови христијански општини, а старите ги утврдувал во новата вера.

Во книгата „Дела на светите апостоли од светиот апостол Лука“, што е дел од Светото писмо, се истакнува дека кога светиот апостол Павле се наоѓал во Тријада, една ноќ имал видение: „…стоеше пред него еден човек Македонец, кој го молеше и му велеше: ’Премини во Македонија и помогни ни!’ По тоа видение, веднаш посакавме да тргнеме за Македонија, бидејќи разбравме дека Господ н` повикал таму да го проповедаме Евангелието (Дела 16-9,10).

Kако што стои во ова сведоштво, една богобојазлива жена од градот Тијатир, по име Лидија, прва се покрстила заедно со своите домашни, а потоа ги поканила апостолот и неговите соработници во нејзиниот дом. „Ако сте ме признале за верна на Господа, тогаш влезете и живејте во мојата куќа!“, им рекла таа. Потоа и многу други жители на овој град биле покрстени со што се родила првата христијанска општина во Европа. Kитевски смета дека поради тоа може да се рече дека Македонија е вратата низ која христијанството влегло во Европа. Во Македонија тоа ги совладувало првите тешкотии, се судрувало со старите пагански обичаи и верувања.